Двојазична полиција

Доколку извесен полицаец запре, на пример, сторител на сообраќен прекршок, а не знае шведски, тогаш треба да се погрижи да биде повикан негов колега кој го познава шведскиот јазик, или, пак, да нарача професионален преведувач преку телефон. Увидот на лице место во таков случај се прекинува. Чекањето понекогаш може да потрае и неколку часови. Раководните структури во финската полиција често зборуваат дека со тоа се предизвикува неефикасност која го отежнува секојдневното полициско работење.

1,288

Повеќепати е констатирано дека Законот за употреба на јазиците, како дел од законските решенија за унапредување на малцинските права во Македонија, ги надминува капацитетите и ресурсите на општеството за негово имплементитање, во смисла на правење споредби со европските стандарди во оваа област.

Во колкав опсег албанскиот јазик има официјален статус кога станува збор за некои функции од важност за целата државна територија, како, на пример, човечките, јазичните и админстративните капацитети на македонската полиција? Во колкава мера овој закон, со кој алабанскиот јазик е издигнат на ниво на официјална употреба, е применлив во секојдневната пракса на работењето, освен што фигурира на ознаките и симболите на полициските униформи? Може ли македонската полиција да направи увид и да спроведува истражни дејствија на терен, според конкретните потреби, напоредно на двата јазика?






Но како двојазичноста функционира во други земји, со поцврсто изграден унитарен карактер на државата, со далеку повисоки стандарди на владеење на правото и неспоредливо поголеми економски и буџетски капацитети?

Често во овој контекст се зема како пример Финска, земја со официјално двојазичен статус, со уставно дефинирани два рамноправни јазика на целата територија на државата, мнозинскиот фински и малцинскиот шведски. Шведскиот јазик има официјален статус во Финска, иако шведското малцинство изнесува само нешто повеќе од пет проценти од вкупното финско население, така што граѓаните при контактите со органите на локалната и државната админстрација и управа можат да се повикаат и да го користат своето уставно загарантирано право да добијат услуги на својот мајчин јазик.

Но како тоа функционира во пракса, имајќи предвид дека двојазичноста во Финска има мошне долга традиција и е воведена пред повеќе од едно столетие, во 1922 година. Двојазичноста во Финска влече корени низ долг историски процес на еманципирање на финската самостојност, бидејќи Финска долго време била составен дел на шведското кралство.

Искуствата јасно зборуваат дека законските решенија во областа на примената на двата јазика, кои немаат никакви сличности и припаѓаат на две различни јазични групи, постојано наидуваат на спротивставени мислења и поделени симпатии во пошироката финска јавност. Па и на обиди за политички дисквалификации кои се слушаат и во парламентот. Иако на највисоко ниво двојазичноста сепак не се оспорува, така што оптимистите постојано повторуваат дека официјалната употреба на двата јазика во Финска не е загрозена.

Полицијата во Финска на своите униформи носи двојачини ознаки, на фински и на шведски, (Poliisi-Polis) на територијата на целата држава, освен во општините со доминантно шведско население, каде што на ознаките е обратен јазичен редослед, првин на шведски а потоа на фински. Таква е симболиката, полицијата е орган кој им припаѓа на сите граѓани, вклучувајќи ги и нивните јазични права.

Сепак, воопшто не е мал и занемарлив бројот на фински граѓани, припадници на шведското малцинство, кои преку медиумите на сопствениот јазик често изнесуваат поплаки дека тоа не функционира во пракса, така што финската полиција неретко на граѓаните кои сакаат да го користат својот мајчин јазик, наметливо им се обраќа на фински и се оглушува од законската обврска да ја запре постапката додека се обезбеди превод на шведски.

Командирите на полициските станици, дистрикти и региони, се обидуваат да најдат објаснување за таквите пропусти, нагласувајќи, меѓу другото, дека не е секогаш лесно да се обезбеди превод на шведски, бидејќи само околу дестина проценти од припадниците на полицијата, посебно во главниот град Хелсинки и во други поголеми градови, можат непречено да комуницираат на шведски јазик. Доколку извесен полицаец запре, на пример, сторител на сообраќен прекршок, а не знае шведски, тогаш треба да се погрижи да биде повикан негов колега кој го познава шведскиот јазик, или, пак, да нарача професионален преведувач преку телефон. Увидот на лице место во таков случај се прекинува. Чекањето понекогаш може да потрае и неколку часови. Раководните структури во финската полиција често зборуваат дека со тоа се предизвикува неефикасност која го отежнува секојдневното полициско работење.

Веројатно не е претерано доколку се рече дека јазикот е најважната алатка на полицијата. Полицијата го одржува редот преку совети, упатства и директни наредби, а многу незгодни ситуации може да се решат преку непосреден и директен разговор, и непречено јазично разбирање, без да биде неопходно да се користат насилни мерки.

Токму затоа се вели дека вештините на финската полиција во користењето на вториот национален јазик во земјата не се само прашање на исполнување на барањата од Законот за јазици. Не би требало да се случува лице што зборува шведски да биде изложено на поголем ризик да биде оштетено при контактот со полицијата, отколку лице кое зборува фински, само затоа што полицијата не може правилно да ја објасни ситуацијата на малцинскиот шведски јазик.

Над 40 отсто анкетирани припадници на шведското малцинство во Финска велат дека воопшто не добиле услуга на шведски при контактите со полицијата. Многумина тврдат дека им било непријатно да зборуваат шведски поради студеното и одбивно однесување на полицајците, а многумина избираат, сакајќи побрзо да се заврши работата, без „комуникативни“ компликации, да ја заборават во такви моменти приказната за загарантираните човечки права, и да проговорат на фински. Шведскиот, значи, не поминува секогаш при контактите со полицијата.

По донесувањето на Законот за употреба на јазиците на македонските полициски униформи се ставени двојазични ознаки, но како, всушност, функционира полициската служба во извршувањето на секојдневните обврски и задачи од аспект на двојазичноста? И дали примената на двојазичноста во рамки на македонскиот полициски кор се замислува и разграничува по строгите линии на етничката припадност на вработените? Во што се состои тогаш функционалноста на една таква двојазична служба и нејзиниот сервис, освен ако не се сфаќа и третира, пред сѐ, како тешко освоен трофеј на политички партии кои речиси исклучиво ги застапуваат интересите на сопствената (малцинска) етничка заедница?

И на каков начин воопшто функционира албанскиот јазик, како втор официјален јазик во Македонија, или можеби ако се рече и како еден од двата официјални јазика во Македонија, во државните и оперативните органи, меѓу кои е и полицијата, доколку се обидеме да ги протолкуваме изјавите од ДУИ дека „нема да се дозволи албанскиот јазик да биде сведен на секундарен статус“? И, напоредно на тоа, какви сознанија постојат за ставовите и гледиштата меѓу самите македонски граѓани, кои оваа проблематика несомнено директно ги засега?

Прашањето за капацитетите и ресурсите е директно врзано за квалитетот на сервисот што го добиваат граѓаните, а што во Македонија, нема никакво сомнение околу тоа, не секогаш е во директна корелација со политичката волја и партиските компромиси.

Поврзани содржини