КАНАДСКИОТ „ТРАМП“ ИМА СЕРИОЗНА ШАНСА ДА ПОБЕДИ НА ИЗБОРИТЕ Ќе се соочи ли Канада со политичка криза по оставката на Трудо?
Конзервативниот опонент на канадскиот премиер, Пјер Полиевре, не се штеди со своите удари насочени кон неговите противници. Тој ја нарече градоначалничката на Монтреал, Валери Планте, „неспособна“, лидерот на Нова демократска партија, Јагмит Синг, „продаден“, а Трудо го нарече „слабак“. Поради последната навреда, тој беше привремено исфрлен од Долниот дом поради „непарламентарен јазик“ во април.
Канадскиот премиер Џастин Трудо во понеделникот изјави дека планира да поднесе оставка како лидер на Либералната партија поради зголемените внатрешни несогласувања. Но, зошто Трудо реши да даде оставка и каква иднина ја очекува Канада?
Неговото соопштение во понеделникот следи по шпекулациите за неговата политичка иднина по јавните расправии со поранешните сојузници, барањето за гласање недоверба и по падот на поддршката за неговата партија според анкетите.
– Додека се будев како премиер, секое утро, ме инспирираа издржливоста, великодушноста и решителноста на Канаѓаните – рече Трудо во изјавата од неговата резиденција во Ридо Котиџ во Отава.
Во објавувањето на својата намера да се повлече од функцијата лидер на партијата, тој ја истакна тешката битка со која се соочуваат либералите додека се приближува сезоната на федерални избори. Тој објасни дека ќе се повлече штом ќе се најде замена.
– Оваа земја заслужува вистински избор на следните избори и ми стана јасно дека ако треба да водам внатрешни битки, не можам да бидам најдобрата опција на тие избори – посочи канадскиот премиер.
Сепак, неговата одлука да се повлече од функцијата, што ја извршуваше речиси една деценија, се случува во критичен период кога неговата партија добива сѐ помала поддршка, претрпувајќи ги загубите на клучните политички упоришта на неодамнешните предизбори и од абдицирањето истакнати министри во кабинетот, се вели во анализа на Гардијан.
Сепак, Трудо го објави својот план пред националната пратеничка група на Либералната партија во средата.
Кој е Џастин Трудо, поранешен шанкер, учител и инструктор за сноуборд?
Џастин Трудо, кој има 53 години, дојде на власт во 2015 година и ги предводеше либералите до уште две победи во 2019 и 2021 година.
Премиерот на Канада е најстариот син на харизматичниот поранешен премиер, Пјер Трудо, кој почина во 2000 година. Џастин Трудо дојде во политиката откако работеше како инструктор за сноуборд, шанкер и како учител.
Тој првпат беше избран во Долниот дом во 2008 година за да го претставува пролетерскиот кварт во Монтреал.
Трудо го реновираше Сенатот за да ја намали политизацијата и да го направи потранспарентен преку ставање крај на партиските назначувања и со создавање независен процес на селекција, заснован на заслуги.
Тој потпиша и нов трговски договор со САД, а и воведе данок на јаглерод за да ги намали емисиите на стакленички гасови во Канада за време на неговите први два мандата како премиер.
Ние бевме избрани во 2015 година за да се бориме за средната класа и токму тоа го направивме во изминатите години. Ги намаливме нивните даноци, ги зголемивме придобивките за семејствата, се погриживме економијата да биде фокусирана на работа за сите, а не само за неколкумина
Таткото на три деца легализираше и канабис, одржа јавна истрага за исчезнати и убиени домородни жени и донесе закон со кој се дозволува медицински потпомогнатото самоубиство.
Во забелешките во понеделникот, Трудо размислуваше за некои од неговите достигнувања додека беше на функцијата.
– Ние бевме избрани во 2015 година за да се бориме за средната класа и токму тоа го направивме во изминатите години. Ги намаливме нивните даноци, ги зголемивме придобивките за семејствата, се погриживме економијата да биде фокусирана на работа за сите, а не само за неколкумина – рече тој.
Зошто Трудо ја изгуби поддршката на граѓаните?
Популарноста на Трудо опадна во последниве месеци, при што неговата влада за малку преживеа серија гласања за недоверба и критичарите бараа негова оставка.
Вицепремиерката Кристиjа Фриланд поднесе оставка во декември откако не се согласи со Трудо околу тоа како треба да одговори на очигледниот план на Трамп, во првото отворено несогласување против премиерот во неговиот кабинет.
Во објавата на Икс, Фриланд рече дека заминува откако Трудо побара од неа да се повлече од функцијата министер за финансии. Таа ги наведе несогласувањата со премиерот, вклучително и несогласувањето за тоа како треба да се справи со царинската закана на Трамп и со економскиот национализам „Америка на прво место“.
Оттогаш, зголемен број либерални парламентарци, вознемирени од низата мрачни анкети, јавно го повикаа Трудо да се повлече.
Откако Трудо потклекна на тие повици во понеделникот, многумина, вклучително и Фриланд, ја поздравија неговата одлука.
„Му благодарам на Џастин Трудо за неговата долгогодишна услуга на Канада и на Канаѓаните. Нему и на неговото семејство им посакувам сѐ најдобро“, напиша Фриланд на социјалните мрежи.
Ќе изберат ли либералите нов лидер до изборите без брзање?
Трудо побара канадскиот парламент да се соочи со период на одлагање, односно со паузирање на седниците до 24 март. Генералниот гувернер, Мери Сајмон, го одобри барањето.
Што се однесува до либералите, заминувањето на Трудо ќе започне конкурс за именување на неговиот наследник како лидер на партијата.
Таа трка доаѓа во клучно време за партијата бидејќи се соочува со федерални избори кои треба да се одржат пред 20 октомври. Анкетите сугерираат дека, под водство на Трудо, Либералната партија лошо би изгубила од ривалските конзервативци доколку гласањето би се одржало непосредно, се потенцира во анализа на Ал Џезеира.
– Имам намера да поднесам оставка како лидер на партијата, како премиер, откако партијата ќе го избере својот следен лидер преку силен, национален и конкурентен процес – рече Трудо.
Сега, кога Трудо ја објави својата намера да се повлече, либералите ќе треба да формираат специјална лидерска конвенција за да го изберат нивниот следен шеф.
Предизвикот за партијата е што на овие конвенции обично им требаат месеци за да се организираат и ако дотогаш се случат избори, либералите би биле во рацете на премиер што не го избираат членовите.
Тоа никогаш не се случило во Канада. Либералите би можеле да се обидат да одржат пократка конвенција од вообичаеното, но тоа може да предизвика протести од кандидатите кои се чувствуваат во неповолна положба.
Но, кои се потенцијалните кандидати за лидер на Либералната партија?
Еве некои од политичарите кои се широко промовирани како потенцијални претенденти за главната функција на Либералната партија.
- Марк Карни: Економист и банкар кој беше поранешен гувернер на Банката на Канада, тој ја советуваше либералната влада за економски прашања.
- Франсоа-Филип Шампањ: Министер за иновации, наука и индустрија од 2021 година, претходно беше министер за надворешни работи.
- Кристија Фриланд: Таа е пратеник за Универзитетот-Розедејл, Онтарио, и поранешен вицепремиер. Порано беше близок советник на Трудо, а нејзиното заминување од неговата влада се сметаше за пресметка поврзана со неговото раководство. Таа се смета за кредибилна и стабилна алтернатива на Трудо, а според анкетите, таа најдобро котира меѓу либералните политичари пред изборите.
- Мелани Жоли: Актуелната министерка за надворешни работи беше истакната на меѓународната сцена и ќе има задача да се справува со прашања, поврзани со Трамп, кога ќе ја преземе функцијата. Таа беше жесток поддржувач на Трудо.
- Доминик Леблан: Гледан како близок сојузник на Трудо, тој беше назначен за министер за финансии по заминувањето на Фриланд.
Која е улогата на Доналд Трамп во сето ова?
Новоизбраниот претседател на САД се закани дека ќе воведе огромни царини на нивните три најголеми трговски партнери – Канада, Мексико и Кина – штом ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.
„Мексико и Канада имаат апсолутно право и моќ лесно да го решат овој долготраен проблем. Со ова бараме да ја искористат оваа моќ, а додека не го сторат тоа, време е да платат многу голема цена!“, рече Трамп во ноемвриската објава на неговата социјална платформа „Трут сошал“ (Truth Social).
Трудо отпатува за Флорида во ноември за да се сретне со Трамп на неговиот имот во Мар-а-Лаго во обид да спречи трговска војна.
Но, новоизбраниот американски претседател оттогаш исто така нанесе понижувачки удари против Трудо на социјалните мрежи, постојано нарекувајќи го „гувернер“ на Канада и изјавувајќи дека северниот сосед на САД треба да стане 51-та американска држава, нешто што, според него, е „одлична идеја“.
Неколку сојузници на Трамп, вклучувајќи го и милијардерот Илон Маск, исто така го напаѓаат Трудо на нивните платформи.
Маск, на пример, ја поздрави веста дека Трудо ќе се повлече со објава на неговата платформа Икс.
„2025 изгледа добро“, напиша тој.
Трамп, исто така, ја прослави објавата со своја објава на социјалните мрежи, во која го повтори својот повик Канада да стане „51-та држава на САД“.
„Доколку Канада се спои со САД, нема да има царини, даноците ќе се намалат и тие би биле целосно безбедни од заканите од руските и од кинеските бродови кои постојано ги опкружуваат. Заедно – колку голема нација би било тоа“, напиша Трамп.
Кој е најголемиот противник на Трудо?
Пјер Полиевре е човекот од кој се очекува да стане премиер по следните избори во Канада.
Во последните денови, Трудо, во анкетите на јавното мислење, заостана зад шефот на Конзервативната партија за 20 поени.
Полиевре не се штеди со своите удари. Тој ја нарече градоначалничката на Монтреал, Валери Планте, „неспособна“, лидерот на Нова демократска партија, Јагмит Синг, „продаден“, а Трудо го нарече „слабак“.
Поради последната навреда, тој беше привремено исфрлен од Долниот дом поради „непарламентарен јазик“ во април. Дебатите во канадскиот парламент обично се мирни, но во последно време станаа понапнати и анимирани.
Како и Трамп, Полиевре исто така е обожавател на кратки привлечни фрази за да ги инкапсулира неговите политички пораки.
Тој повика да се „исече данокот“, алудирајќи на федералниот данок на јаглерод, и го измисли терминот „џастинфлација“ – стопеница од името на премиерот и од зборот „инфлација“.
Слично како Трамп, тој сака да се опишува себеси како жртва на малтретирање од страна на елитите и традиционалните медиуми.
Тој, исто така, има мала поддршка кај жените, друга сличност со Трамп.
Во 2022 година, кога се бореше за раководството на главната опозициска конзервативна партија во земјата, политичарот од кариера со 20-годишно искуство сепак се сметаше за аутсајдер, но привлече големи толпи на своите митинзи.
Роден во Калгари, Полиевре бил израснат во семејство кое го посвоило. Тој развил страст за политиката на рана возраст и добил награда за време на неговите универзитетски студии за есеј во кој опишал што би направил ако би бил премиер.
Со оглед на тоа што анкетите покажуваат дека најверојатно ќе победи на следните избори, тој вети дека ќе ја стави Канада на прво место, слоган сличен на оној на самиот Трамп – „Америка на прво место!“
Полиевре го ревидира тој слоган во понеделникот во видеото на социјалните мрежи во кое се слави одлуката на Трудо да се повлече.
– Канада прва, Канада последна, Канада секогаш – рече тој, повикувајќи ги гласачите да се соберат на негова страна.
Подготвил: Хари Кацановски