Провинциска бламажа

Останува фактот дека „партиите“ на Аца Лукас, Харис Џиновиќ, Теа Таировиќ и Цеца… се најбројни и најсилни во Македонија. Но тие нема да нѐ однесат подалеку од оваа балканска кал и провинција. Барем во културна и политичка смисла, а тоа е сепак најважно.

1,210

Од сите можни дефиниции и атрибути за политичките партии, македонските политички партии, речиси без исклучок, исполнуваат само еден услов: бараат политичка моќ. По можност – неограничена! И долготрајна. Зошто? Затоа што нивната цел не е политиката како таква, уште помалку демократијата како современа форма на државно уредување, развојот на државата и просветеноста на граѓаните… Напротив, сите стратешки, главни цели коишто се во фокусот на сериозните политички партии во светот – не само на Западната хемисфера – кај нас се релативизирани до крајни граници.

Затоа тие повеќе функционираат по автархичниот систем на таканаречените „cadre партии“ – кај нас одомаќен израз би бил султан партии – односно мали групи или кадровски врхушки со неограничена партиска моќ, но и со сите формални „нишани“ на современа политичка партија: органи, тела, програми и др., но само како маска пред јавноста. Автократската надмоќ и апсолутизмот во внатрешните „политики“ на партијата пред сѐ на „лидерот“, а потоа и на врхушката околу него како штит и поддршка за сите негови будалаштини, е вгнездена во македонските политички партии од самиот почеток на осамостојувањето и воведувањето на мултипартијноста во државата.






Што е уште поинтересно, јавноста никогаш не е информирана – а всушност и не може да биде! – за чудните „господови“ патишта по коишто во Македонија се појавуваат партиски лидери, по кои и какви канали (често и оние најнечистите) се движат нивните номинации, кои и какви служби и амбасади или лоби групи ги мешаат шпиловите и фаворитите итн. Тие нешта подоцна се откриваат низ лидерските „политики“ и „проекти“ но, велат, така е и во многу други држави слични на Македонија. Економските олигарси, службите и, веројатно, геополитичките притисоци имаат своја улога.

Но кај нас сето тоа експоненцијално расте до максимален степен на политички некомпетентни и некомпетитивни „лидери“ кои потоа, кога ќе добијат моќ/власт на државно рамниште, разнебитуваат сѐ што ќе допрат. Ја претвораат извршната власт, а најчесто и законодавната и судската, во пеколна авторитарна триглава машина впрегната во остварувањето исклучиво на лично-групни интереси.

Но, од друга страна, и покрај сѐ, се чини дека, барем кај нас, два фактори се од круцијална важност за развојот не само на демократијата (вклучувајќи ја и партиската) туку и на сите други битни државни сегменти: личната (не)култура разбрана во нејзиниот најширок опфат односно културните, цивилизациските и моралните вредности и норми како база за секој личен и општ прогресивен и просветителски развој, и провинцискиот ментален склоп. Зашто, од некултурни поединци, од нецивилизирани и непросветени билмези и „лидери“ на кои во главите и понатаму им шумоли провинцијата… не можете да очекувате вредности достојни за дваесет и првиот век! Поточно: можете да ги очекувате, но никогаш нема да ги добиете.

Или, ако баш сакате: дали последнана провинциска бламажа на еден актуелен „угледен“ и еден бивш „угледен“ партиски „лидер“ во Дубаи говори нешто друго? И дали не баш така одамна не сведочевме и на слична таква белградска лумперајка на трет нивен компањон од истата партија? Не знам дали поводот беше истата „ѕвезда“ во ликот и делото на Харис Џиновиќ, ама сигурно беше – некој сличен. А сите тројца де факто беа во континуитет од „небесата“ спуштани на македонската политикантска сцена како кукли на конец.

И сега, дали овие луѓе навистина ја претставуваа(т) партијата? И таа нивна партија се согласува со таквото нивно однесување и сериозно мисли дека простачкиот одговор на Филипче на новинарско прашање за бламажата во Дубаи дека тој „не коментира приватни прашања“ е – соодветно? И дали онаа актуелна провинциска врхушка која стоеше позади него додека „лидеро“ даваше такви „одговори“ смета дека тоа е културно однесување или пак (и) тие умираат од завист што не биле со него и Заев во Дубаи?

Или, бидејќи темата бара уште попрецизни прашања: зарем од такви луѓе јавноста очекува(ла) реформи, водење на држава, развој, економски просперитет, евроинтеграции…? Зарем партија со толкава „државотворна“ традиција и десетици илјади членови е спуштена на тоа и такво рамниште на простотилак „ала Џиновиќ“, Заев/Филипче и компанија? Па и ако е, зарем и цела држава треба да клекне толку ниско? И зошто?

И токму тоа е проблемот: зошто ние се согласуваме со тоа? Зашто она во Дубаи е само уште една парафраза на сите изминати три децении на македонската самостојност и независност. Колку такви од „форматот“ на тандемите Заев-Филипче, Љубчо-Циле, Груевски-Ахмети… видовме во минатото? Се разбира дека демократските вредности не паѓаат од небо туку се учат – триесет години се сепак краток период – но кај нас 1992-та година не беше баш прва средба со демократијата. А впрочем, како оттогаш кај нас на челни позиции континуирано доаѓаа луѓе со страотни фалинки во знаењата, однесувањето, културата, моралот…, разликувањето на доброто и лошото, црното од белото, цивилизацијата и провинцијата?

Останува фактот дека „партиите“ на Аца Лукас, Харис Џиновиќ, Теа Таировиќ и Цеца… се најбројни и најсилни во Македонија. Но тие нема да нѐ однесат подалеку од оваа балканска кал и провинција. Барем во културна и политичка смисла, а тоа е сепак најважно.

Но целата онаа партиска – или е и државна? – бламажа има уште една димензија, онаа евроинтегративната. Или, ако сакате, кога видеата и сториите од простачкото дивеење на највисоките претставници на една „државотворна“ партија и аспирант за повторно брзо враќање на власт ќе допрат до политичкиот врв на еу (малите букви се… знаете веќе што), што мислите, какви ќе бидат коментарите? И најмалку што сакам е да бидам разбран дека такви нешта во Европа не се случуваат. Ама во онаков формат, со онаква простачка жар, со свест – ако воопшто постоела – за улогата во политичкиот живот во земјата и можноста сето тоа многу бргу да се појави во јавноста…? Или, „нашиве“ на тоа би одговориле во свој стил: ма кој ги е..?!

Но, реално е и прашањето: а зарем Брисел и Вашингтон посакуваат поинаков тип политичари? Некои од оние со интегритет, култура, морал, вредности…? Не сум сигурен. Поточно – не верувам. Па зарем во два милиони народ нема барем стотина такви кои би можеле да бидат распоредени на клучни места во државата? Или оние белосветски „политики“ на „китовите“ и „сардините“ само вака функционираат? Но, ако е така, тогаш какви беспризорни простаци ли се оние „интелектуалци“ кои им служат на интересите на вакви луѓе?!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини