ВОЈНИЦИТЕ СМЕАТ ДА СЕ МОЛАТ ВО КАСАРНИТЕ Уставниот суд ја укина забраната за верски обреди во воените објекти

Судот смета дека вршењето на верските обреди во војската може да се уреди единствено со закон, а не со правило донесено од Генералштабот на АРМ.

464

Уставниот суд го укина параграфот од Правилото за сместување и ред во Армијата со кој се забранува вршењето на верски обреди во воените објекти.

Правилото за сместување и ред во Армијата е донесено од началникот на Генералштабот на Армијата во 2012 година. Судот смета дека вршењето на верските обреди во војската може да се уреди единствено со закон, а не со правило.






„По спроведената постапка и анализа, Судот утврди дека оспореното правило не е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок, односно со основните слободи и права на човекот и граѓанинот и со владеењето на правото, како и со членови од Законот за правна положба на црквата, верска заедница и религиозна група. Судот смета дека со донесувањето на оваа одредба началникот на Генералштабот на АРМ ги пречекорил своите законски овластувања и се ставил во улога на Законодавец, бидејќи таква содржина не може да биде уредена со подзаконски акт. Уредувањето на условите под кои може да се оствари правото на слободно вршење на верски обреди во рамки на вооружените сили претставува исклучиво materia legis, односно законска материја и во никој случај не може да се регулира со правило“, соопшти Уставниот суд.

Подносител на иницијативата е Исамудин Османлиу, законски застапник на Здружението за развој „Млади за јавен интерес“ Дебар.

„Во иницијативата подносителот наведува дека оспорениот параграф 4 од Правилото забранува вршење на верски обреди во воените објекти без каква било можност за одредена допуштеност, што е спротивно на темелните вредности на уставниот поредок предвидени во член 8, со кој се гарантираат основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Според подносителот, оспорената одредба е спротивна на член 9 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и на член 3, член 8 и член 20 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група. Со ваквата рестриктивна норма не се оставало право на личен избор на поединецот во поглед на слободата на вероисповед што претставува израз на неговата личност, спротивно на членовите 19 и 25 од Уставот. Прашањето за вршење на верските обреди било право допуштено со член 54 од Уставот и член 9 став 1 и 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права со кои е предвидено дека на секој човек му се утврдува право на слобода на мислата, совеста и верата. Притоа, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесуваат на слободата на уверување, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста. Ограничувања на слободите и правата може да има само со закон, кога тоа претставува мерка во интерес на јавната безбедност, поредок, здравје и морал или заштита на правата и слободите на други, неопходни во едно демократско општество“, соопшти Судот во септември, кога ја прифати иницијативата.

 

Поврзани содржини