АВТОБУСИТЕ НА ЈСП ВО ПРОСЕК СЕ СТАРИ ПО 12 ГОДИНИ Наместо да биде „златна кокошка“, претпријатието упорно тоне
И покрај субвенционирањето од основачот - Град Скопје во вкупен износ од 673.870.000 денари, односно 10.957.235 евра, ЈСП „Скопје“ не е во можност да ги постигне стратешките цели за одржлив урбан транспортен систем и развој на јавниот градски превоз во Скопје, заклучуваат ревизорите.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) даде неповолно мислење за реалноста и за објективноста на финансиските извештаи на ЈСП Скопје и заклучи дека јавното претпријатие не е во состојба да обезбеди квалитетни и навремени услуги на граѓаните. Ова е наведено во извештајот по ревизијата на финансиските извештаи на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ за 2023 година.
„Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на ЈСП и поради нивното значење изразивме неповолно мислење за реалноста и за објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Со ревизијата е утврдено дека Владата нема донесено одлуки за одобрување на средства од буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) за покривање на трошоците за бесплатен градски превоз на редовните студенти на државните универзитети за учебните години 2022/2023 и 2023/2024. Поради тоа, во буџетот на МОН не се предвидени средства за оваа намена, додека јавното сообраќајно претпријатие ‘Скопје’ продолжува да ја исполнува својата законска обврска за бесплатен јавен превоз, но без надомест. Недостигот на средства од МОН влијае на континуитетот на услугата“, се посочува во Извештајот.
Во однос на плаќањето на надоместокот за извршениот превоз, ЈСП „Скопје“ во континуитет не ја исполнува обврската за исплата на аконтативната/конечната пресметка за претходниот месец, 15 дена по приемот на фактурата. Заклучно со 31.12.2023 година, претпријатието имало неподмирени обврски кон овластените превозници во вкупен износ од 93.254.000 денари, што можело да создаде дополнителни потешкотии во понатамошното работење на правните субјекти ангажирани во јавниот превоз. Поради ненавремено плаќање, превозниците работеле со намален капацитет и не можеле да обезбедат превоз на линијата во договорениот обем, што значи дека не го задоволувале потребниот капацитет од најмалку 80 отсто во текот на месецот.
Поради ненавремено плаќање на фактурите за секоја испорака на гориво, склучена е неповолна спогодба за плаќање на долгот на рати, во која е предвидено пресметување на казнена камата што е 50 проценти повисока од стапката на законската казнена камата. Оваа одредба не е предвидена во договорот за јавна набавка. Во текот на ревизијата, по барање на ЈСП „Скопје“, доверителот има доставено одобрение за намалување на пресметаната камата за 50 проценти, што изнесува 12.583.000 денари.
Во 2021 година, ЈСП „Скопје“ има склучено договор и анекс за обезбедување комуникациска инфраструктура и „Е-Cloud“ платформа за системот на јавен градски транспорт, вреден 142.466.000 денари, односно 2.316.520 евра. Со ревизијата биле констатирани значителни слабости во исполнувањето на обврските.
„Во првиот член на договорот, обврската за целосно и постојано функционирање на системот не е исполнета, што резултира со губење на сигналот и проблеми во следењето на возилата. Дополнително, функционалната надградба, вклучително и воведувањето електронски билети и апликации за паметни телефони, не е реализирана во рок, што предизвикувала поплаки од патници за повеќекратна наплата на билети. И покрај неисполнувањето на обврските од економскиот оператор, ЈСП„Скопје“ не презело мерки за активирање на банкарската гаранција и не ја искористило можноста за наплата на казни. Како резултат на ваквата состојба, претпријатието има претрпено финансиски загуби и платено фактури во износ од 30.854.000 денари за нецелосно извршени услуги, без да добие соодветна вредност за вложените средства“, се наведува во Ревизорскиот извештај.
Во 2013 година, посочуваат од ДЗР, Владата со одлука го доделила објектот „Милениумски крст“ на Град Скопје за трајно користење без надомест. Иако Советот на Град Скопје не бил сопственик на објектот, донел одлука за давање на трајно користење на ЈСП „Скопје“, што не било во согласност со законските одредби од Законот за локалната самоуправа и Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и ствари во општинска сопственост. Според договорот, ЈСП „Скопје“ се обврзал да го финансира и одржува објектот, како и да го промовира како значајно туристичко место на градот. Во 2014 година, бидејќи објектот бил во фаза на градба, ЈСП потпишал договор за адаптација со вредност од 69.698.000 денари по принципот „клуч на рака“. Но, поради непредвидени работи, биле склучени: договор за надворешни скали за објектот во вредност од 1.741.000 денари, два анекса за продолжување на рокот на изведба, кој е истекол заклучно со јули 2018 година и анекс за непредвидени работи во вкупна вредност од 2.598.000 денари. Со ревизијата е констатирано дека од 2018 до 2024 година објектот немал технички прием и не бил пуштен во употреба, иако дел од него се користел, што довело до руинирање на објектот и ја загрозило неговата наменска употреба.
Ревизорите утврдиле дека евидентирањето на материјалните средства не се вршело врз основа на објективната вредност на земјиштето и зградите по нивната пазарна вредност утврдена со проценка од страна на професионално квалификувани проценители, а незапишувањето на правото на сопственост на градежните објекти и необезбедувањето потврда на правото на сопственост на јавното претпријатие врз истите влијаело на реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и имотот со кој располага претпријатието.
„Во насока на обврската за заштита и унапредување на добрата од општ интерес и деловната политика на јавното претпријатие, ревизорите констатирале дека во текот на 2023 година, извршен е отпис на обврски постари од три години во износ од 2.788.000 денари, за кои не е донесена посебна одлука за отпис од страна на УО. Констатирани се неправилности во начинот на утврдување и пресметка на бруто платата на вработените поради неправилна примена на законските прописи и колективниот договор со кои се регулира начинот на пресметка и исплата на плата и надоместоци на плата“, велат ревизорите.
Поради необезбедена согласност на Годишните планови за вработување на ЈСП „Скопје“ од страна на Советот на Град Скопје, потребата од човечки ресурси, јавното претпријатие ја обезбедило со ангажирање на 221 лице даватели на услуги/возачи кои треба да ја вршат основната дејност, во континуитет и за период подолг од две години, за кои во 2023 година се евидентирани расходи во износ од 81.805.000 денари. Ваквата состојба укажува на намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица и повластена положба во постапката на нивно ангажирање, како и непостојаност на кадарот кој треба да ги извршува редовните работни задачи во претпријатието.
Со увид во начинот и постапката на остварување на приходите по основ на давање на користење на земјиште, деловен простор и урбана опрема со кои располага ЈСП „Скопје“, ревизијата утврдила нетранспарентност во постапките при давање во закуп на недвижните ствари, што влијаело на помалку остварени приходи по овој основ. Договорите за изнајмување биле склучени без: обезбедена согласност од страна на Советот на Град Скопје, спроведена постапка за електронско јавно наддавање, објaвен јавен повик, формирана комисија и извршена проценка за утврдување на почетната цена за јавно наддавање.
„Иако финансиските показателите на ЈСП Турс ‘Скопје’, укажуваат на постоење на материјална неизвесност за способноста на друштвото да продолжи со рентабилно работење во континуитет, ЈСП ‘Скопје’ како основач на ЈСП Турс ‘Скопје’, во континуитет преку позајмици ги покрива редовните трошоци од неговото работење, но истите не се вратени, така што на крајот на 2023 година, по овој основ има искажано побарувања од 21.731.000 денари.
Остварениот коефициент помеѓу трошокот и приходот по километар за неколку години наназад покажува однос 2:1, односно на 2 денари остварен трошок по километар се остварува 1 денар приход (од превоз) по километар, што има големо влијание на солвентноста и ликвидноста на претпријатието.
Во 2022 и 2023 година вкупните инвестиции во основни средства се движат околу 4.000.000 денари и се однесуваат на набавка на разна опрема, но не е инвестирано во подобрување на возниот парк, што претставува основа за дејноста на претпријатието. Со состојба на 31.12.2023 година просечната старост на возниот парк изнесува 12,05 години. И покрај субвенционирањето од основачот – Град Скопје во вкупен износ од 673.870.000 денари, односно 10.957.235 евра, ЈСП ‘Скопје’ не е во можност да ги постигне стратешките цели за одржлив урбан транспортен систем и развој на јавниот градски превоз во Скопје.
Ревизијата истакнува дека се потребни активности насочени кон отстранување на тешкотиите и проблемите кои подолг период се присутни во работењето на претпријатието, кон обезбедување континуитет во функционирање на дејноста, подобрување на квалитетот и ефикасноста во извршувањето на јавниот превоз, подигање на еколошките стандарди, односно кон остварување на мисијата на претпријатието, обезбедување на квалитетни, навремени, сигурни и во континуитет услуги. За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните институции и одговорни лица“, заклучува Заводот за ревизија.