Загубените битки на доблеста

Не секој денес воопшто и размислува за доблеста, па ни за душата. А „борделот“ и губилиштето се сепак тука, и кај нас и околу нас. Секој може да ги открива таму каде што мисли дека се кријат. Иако тие веќе и не се кријат. Сѐ е одамна проѕирно и јасно. И внатре и надвор односно и на губилиштето и во борделот! Или во Македонија обете паралелно егзистираат? Можеби.

617

Актуелните случувања во и околу Македонија многу наликуваат на едни дамнешни но впечатливи размисли на Роберт Луис Стивенсон за доблеста и изгубените битки, за моралот и вредностите итн. Во светот и во секој историски период, како што (парафразирано) пишувал тој, секогаш ќе има заблуди и злоставувања, неправди и понижувања, често ќе изгледа дека во „борделот“ или на губилиштето на историјата нема надеж, благодарност или помош, но луѓето и понатаму ќе се борат за доблеста, „за парталавата надеж, тој сиромашен бесценет камен на душата“!

Се разбира, не секој денес воопшто и размислува за доблеста, па ни за душата. А „борделот“ и губилиштето се сепак тука, и кај нас и околу нас. Секој може да ги открива таму каде што мисли дека се кријат. Иако тие веќе и не се кријат. Сѐ е одамна проѕирно и јасно. И внатре и надвор односно и на губилиштето и во борделот! Или во Македонија обете паралелно егзистираат? Можеби.






Зашто лелекот што секојдневно го слушаме од група загубени души по онаа еу (малите букви се… знаете веќе што) е веќе запрепастувачки. И напорен, зашто е континуирано здодевен и бесмислен, неук и навивачки. Во таа еу одамна се соменваат и нејзините членки,  освен онаа елитистичка група на основачи на „братството“ викано ECSC (или Европска заедница на челик и јаглен). Другите таму баш и не се чувствуваат комотно, благопријатно, добредојдено…, онака стиснати како „сардини“ помеѓу „китовите“ како Франција, Германија, Обединетото кралство (без оглед на „Брегзит“) и др. Она што оваа еу (сѐ уште) ја „обединува“ се парите и интересите. Се разбира, некој ќе рече: а што друго? Па ништо друго, но кога тоа „заедништво“ ќе почне да пука по шевовите – што де факто веќе се случува! – секој ќе го спасува својот задник. Впрочем, во таа одамна зовриена еу нечистотија, каде „тетка Урсула“ хистерично тропа по говорницата „пцуејќи“ го на „убав“ буржоаски начин колегата Орбан заради интересите на нејзините пријатели во европските технофеудални структури, а „господин“ Макрон и понатаму глуми евродемократ со „суптилен“ империјален шмек, ништо не е онака како што изгледа. Барем од некаква посакувана демократска визура. Што речито го изрецитира и онаа „госпожа Биброк“: засега тоа се правилата! Ма немој. А какви „правила“ важеа за Германија во децениите по онаа 1945 година, и понатаму…?

Оттука, реалноста најчесто, или никогаш, не е тоа за што се прикажува. Како што и принципиелноста, моралот, вредностите и патот до нив никогаш не се онакви какви што некои сакаат да ги прикажат. Зашто, замислете, „тетка Урсула“, Макрон и Стармер гледаат можност за завршување на војната во Палестина по дивјачкото убиство на водачот на Хамас! Па зарем тој геноцид во Газа, а сега и во Либан, со преку 40.000 мртви, бил насочен само против – еден човек? Чија смрт завредува толку жртви, меѓу кои највеќе жени и деца?

Меѓутоа, најголем број од „помалите“ држави-членки на еу, со релативно краток стаж во друштвото на „големите“, и понатаму ќе мораат да молчат гледајќи ги новите европските „принципи“ на дело. Ако не повеќе, „китовите“ се историски докажани мајстори на масакрот по било кој основ (религиозен, политички, блоковски,  културен…). Од друга страна, го имаат и актуелниот пример на шиканирање и санкционирање на Унгарија, без оглед што е рамноправна членка и (сѐ уште) претседавач на унијата. Европското едноумие, барем засега, успешно ги замолчува. За „случајот Македонија“ и да не говориме. А сепак, ако кон една Унгарија се приклучува и, на пример, Словачка, па потоа и Хрватска (во поглед на војната во Украина), а утре можеби и некои нови „бунтовници…?

Затоа мислам дека ние сепак имаме шанса да играме токму на спротивните карти на еу – оние на разумот, принципите, моралот, цивилизациските стандарди…, и аргументите, се разбира. Само тие и ниту едни други вредности се вечни и почитувани во светот, без оглед колку тоа во моментов изгледа јалово, неопортуно односно залудно. Но тоа се краткорочни пречки. Спомнатите вредности историјата ги воздигнува, а ги стигматизира спротивните. Ако пак една Холандија, Данска, Полска, Чешка, Словенија… молчат пред налетите на некои повампирени исторски процеси, ако навистина ги заборавиле не така дамнешните сојузништва во борбата против фашизмот, ако ги игнорираат добрите билатерални односи итн., тоа сепак е нивен проблем. Историјата и тоа (ќе) го памети.

И токму заради тоа, не се загубени сите битки за доблеста на Стивенсон, но и нашите, за моралот и цивилизациските вредности. Точно, тие битки се еднакво тешки и внатре во земјата, со сиот оној евтин, неморален и крајно непринципиелен блок квазипрогресивни и етноромантичарски тајфи кои во бусија чекаат погодни мигови за релативизирање дури и на најситните доблестни поместувања во државава.

И сѐ по ред: прво беше „заклетвата“ и „вербалниот деликт“ на претседателката, па кога таа им влепи неколку сочни „шамари“ на нивната ароганција – замолчија; потоа беше натегањето за она „северна“ или „несеверна“; па на власта ќе ѝ ги тегнеа ушите на нато (малите букви се… знаете веќе што) самитот во Вашингтон; па дојде она „не, бладорам“, па сега „писмото“… Сега дури и источниот „сосед“ испаѓа во право кога нѐ упатува на Брисел за „преговарачката рамка“, а во блиска иднина акламативно ќе ни сугерираат дека и проблемот на македонското малцинство во Бугарија е во Брисел а не во Софија! Една страотно недоблестна какофонија од одамна расштимани гласови, една веќе одамна опскурна контрабанда против сопствената земја. Со нескриено водство и огромен придонес од локалниве „мудреци“ главно од еден „факултет“ и нивното гесло: тоа е политика, сила бога не моли. Ма богати. И тоа е целиот нивен придонес во македонската наука и политика денес, и вчера. Таа нивна „логика“ уште би ги оставила и османлиите на Балканот! (Апропо, зошто Владата не го повикува на консултации оној „амбасадорон“ од Белград кој ужива да „лета“ на туѓа сметка?).

Оние пак етнофолклорни мигови на полетен националистички романтизам на македонската недоблестна сцена стасаа дури до идејата изборниот резултат како единствена легитимација за етничката припадност, па до менување на натписите на парите, сопствена академија на науки (можеби како замена за „балансерот“?)… итн., прогласувајчи некакви свои замислени (поточно измислени) реалности за сѐ во земјава. Па и за Бугарите „како реалност“!

И сето тоа нема тенденција да запре, напротив, овие сили како да се здружени во малициозното понижување на државата, во некакво наводно реконструирање дури и на сеќавањата и минатото, а во функција на некоја „иднина“. Ни чија, и каква? Ваква недоблесна, неморална, бандитска и коруптивно-лукративна…? Се разбира, сето тоа се добро планирани опструкции и стратегии за влевање несигурност, па и страв во јавноста дали важните прашања докрај и правилно сме ги апсолвирале. Тој страв доаѓа и заради некогаш потивката но одамна веќе агресивната здружена пресија врз сите пори на општествениот живот и создаваната атмосфера на неспокој во државата којашто ги брише границите помеѓу фиктивното и реалното, вистината и лагата, црното и белото… доблеста и неморалот.

Поврзани содржини