ЗЕЛЕНСКИ ДА НЕ СЕ НАДЕВА НИ НА НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ НИ НА ИТЕН ПРИЕМ ВО НАТО Европа ќе плаќа, но нема да војува со Русија

„Планот за победа“ што го скова украинскииот претседател Володимир Зеленски не доби поддршка од лидерите на НАТО и на ЕУ. Германскиот канцелар Шолц отворено изјави дека нема да се дозволи Украина конфликтот да го претвори во војна меѓу НАТО и Русија. Кремљ, пак, дознал за очајничките планови на Киев да развива сопствено нуклеарно оружје, по што се огласија Путин и Лавров, со остра порака и до Зеленски и до Западот.

3,082

Русија никогаш нема да дозволи Украина да развие сопствено нуклеарно оружје, изјави во петокот рускиот претседател Владимир Путин.

На состанокот со лидерите на медиумите на БРИКС, Путин ги коментираше и извештаите за украинските планови за развој на оружје за масовно уништување.






Путин: „Ова е уште една провокација“

„Ова е уште една провокација“, рече рускиот претседател. „Не е тешко да се развие нуклеарно оружје во современиот свет. Не знам дали Украина е способна да го направи тоа сега. Но, тоа не е толку лесно за Украина денес. Но, генерално, нема големи тешкотии. Се е јасно како се прави тоа“, додаде Путин.

Тој нагласи дека Русија е способна да ја следи секоја акција на Украина во насока на стекнување нуклеарно оружје, велејќи дека таквите работи „не е возможно да се сокријат“.

Тој предупреди дека секој чекор за развој на нуклеарно оружје во Украина ќе биде проследен со „соодветна реакција“.

Путин одржа состанок со шефовите на водечките медиумски компании БРИКС во рамките на Бизнис форумот БРИКС во руската престолнина Москва.

Лавров: „Зеленски веројатно станал на левата нога“

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пак ги нарече „луди“ оние во Киев кои зборуваат за можноста за создавање нуклеарно оружје во најкус можен рок. Тој ги коментираше статиите што се појавија во западните медиуми, во кои, повикувајќи се на украински извори, се наведува дека Киев може да создаде нуклеарно оружје за неколку недели, пренесе ТАСС.

„Будали! И се разбира, ништо нема да излезе од ова, под никакви околности, но тој (претседателот на Украина, Володимир Зеленски) веќе, според мене, се откажа од овие зборови, веројатно станал на левата нога“, изјави рускиот министер за надворешни работи на прес-конференција во Истанбул.

Лавров посочи дека Москва не е заинтересирана за тајните анекси на таканаречениот „план за победа“ на Володимир Зеленски, пренесе РИА Новости.

„Ние не сме заинтересирани за тајни извештаи, а исто така, не ја бараме реакцијата на Западот од нашите западни колеги, дури и ако сме комуницирале со нив, но оваа реакција е на сите екрани, на сите страници на весниците, на сите општествени мрежи и канали“, рече тој.Лавров, додавајќи дека има протекување информации и дека е јасно дека главната идеја за Зеленски е набавката на оружје.

Зеленски бара итен прием во НАТО и уште оружје

Зеленски на 16 октомври претстави „план за победа“, кој се состои од пет точки, меѓу кои се и непосреден прием на Украина во НАТО и продолжување на операциите на украинските вооружени сили во Русија. Исто така, се предлага да се распореди „сеопфатен ненуклеарен стратегиски систем за одвраќање“ во Украина, кој треба да биде доволен за заштита од каква било воена закана од Русија. Според Зеленски, доколку имплементацијата на „планот за победа“ започне веднаш, војната би можела да заврши најдоцна следната година.

Украинскиот претседател цел ден во четвртокот во Брисел го помина во средби со лидерите на Европската унија и на НАТО. Доби силна поддршка за Украина и многу ветувања, но не и за неговиот „план за победа“. По средбата со 29 евриопски лидери, во едно интервју Зеленски изјави:

„Војната нема да заврши додека Путин не се почувствува принуден да ја прекине. И тој ја разбира само силата. Тоа не зависи од Русија, туку од волјата на нашите партнери. Мнозинството е на наша страна. Но, мораме да извршиме притисок врз останатите“.

Германија гласно вели дека не сака војна меѓу Русија и НАТО

Не е толку едноставна таа работа со итниот прием во НАТО, како што не е ни со развивањето сопствено нуклеарно оружје. Пред Украина да се приклучи на НАТО, ќе биде потребна јасна демаркација на границата, за да биде јасно кога ќе може Зеленскли да се повика на членот за колективна одбрана, изјавиле дипломати на НАТО за Асошиејтед прес.

Веќе и во земјите на ЕУ провладува мислењето дека планот на Зеленски не нуди нови решенија, туку содржи точки за кои земјите со години не можеа да се договорат. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, обвинет дека традиционално зазема проруски став, кој планот на Зеленски го нарече „повеќе отколку застрашувачки“, не е веќе единственото „лошо момче“ на Западот. Германија, главниот европски снабдувач на оружје за Украина, има големи резерви кон тој план.

„Планот за победа на Зеленски е на маса, но не можеме да дадеме одговор веднаш или за неколку часа или денови“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус за новинарите и дипломатски додаде: „Мислам дека тоа е важен сигнал дека Украина ќе биде во НАТО“.

Но, многу поконкретен беше канцеларот Олаф Шолц. Тој ги отфрли клучните точки од планот поради страв од понатамошна ескалација, пренесува Билд.

Шолц смета дека приоритет е одговорноста да се обезбеди војната меѓу Русија и Украина да не се претвори во војна меѓу Русија и НАТО. Затоа, тој има намера да ја блокира брзата покана на Украина за НАТО и повтори дека ништо нема да ја промени неговата одлука да одбие да испорача крстосувачки ракети Таурус за Киев.

Ништо од итна покана за Украина за членство во НАТО

Клучниот проблем на „планот за победа“ на Зеленски е што тој, очигледно свесен дека поинаку нема шанса за она што тој го смета за „победа“ во војната со Русија, бара од сојузниците да дозволат употреба на западни ракети со долг дострел за напад на руска територија и обезбедување понапредно оружје. Германија, но и други, се против оваа идеја. Затоа „резервниот план“ на Зеленски е итен прием на УКраина во НАТО, за да се активира системот на колективна одбрана.

Но, западните лидери не се спремни за војна со Русија. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте е подготвен да ѝ помогне на Украина на сите достапни начини, но не и да се согласи веднаш да издаде покана за членство на Украина во НАТО. Во средата, тој рече дека алијансата ја спроведува целта поставена од поранешниот лидер Јенс Столтенберг да ѝ обезбеди на Украина воена помош во вредност од 40 милијарди евра.

Но, што се однесува до планот на Зеленски, тој истакна дека „не може да каже дека целосно го поддржува бидејќи има многу прашања што треба подобро да се разберат“.

Кремљ: НАТО неофицијално е во војната, а Зеленски сака тоа да се официјализира

Кремљ во петокот и официјално го коментираше планот на Зеленски. Портпаролот Димитриј Песков изјави дека „победничкиот план на украинскиот претседател Володимир Зеленски има за цел да го формализира учеството на НАТО во конфликтот во Украина“.

Песков рече дека Зеленски со овој план сугерира: „Да, НАТО претходно учествуваше во конфликтот, но неофицијално. Сега сакаме официјално да го имаме НАТО на теренот“.

Кремљ смета дека планот на Зерленски е кусоглед, непромислен и нелогичен со оглед на моменталната ситуација. Според Песков, планот за победа не е план за мир, туку за дополнително заострување на ситуацијата, што може да ги доведе НАТО и Русија „на работ на конфликт“.

Песков заебележа дека западните земји очигледно не се задоволни од „планот за порамнување“. Тој додаде дека Европејците не биле воодушевени од овие предлози, кои ги оцени како нелогични и, како што наведе, „глупави“.

Трамп смета дека војната во Украина е изгубена

„Конфликтот во Украина е изгубена работа и Владимир Зеленски никогаш не требаше да дозволи тоа да се случи“, изјави поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп.

Тој во еден подкаст ја наведе големата воена помош што Вашингтон ја обезбеди на Киев како пример за расипништвото на администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден. За Владимир Зеленски е „еден од најголемите трговци што некогаш ги видел“.

 

Поврзани содржини
na