Краток курс по (зло)употреба на минатото

Ако интерпелацијата „е интерпелација кон етничката и верската припадност на претседателот на Собранието“, каква политичка пракса воведува собранискиот спикер со таквата небулозна изјава? Дека сите немакедонци се однапред амнестирани за сите пропусти, злоупотреби, некоректности… па и криминали во вршењето на функцијата? Или тоа ќе важи само за албанските функционери, но не и за етничките Турци, Власи, Роми…?

1,154

(Зло)употребата на историските точки/теми во современ политички контекст е една од најомилените играчки на балканските политиканти. Кога нема други објаснувања со сила на аргументи, минатото – во најразлична форма – секогаш се провлекува низ зборовите со единствена цел да ги зацврсти, а всушност замагли, „тезите“ коишто (наводно) треба да ја убедат јавноста во вистинитоста на изреченото. „Одговорот“ на интерпелацијата на собранискиот спикер Африм Гаши е најактуелен таков пример. Но за тоа малку подолу.

Имено, зголемениот интерес во јавноста за историјата и за одделни историски точки на интерес, наметна редица претпоставки за некаква нова потреба за наше соочување со истите – коишто, патем, ни ги препорача и собранискиот спикер – веројатно бидејќи ние тоа не сме го практикувале доволно или сме оставиле многу нерасчистени теми во таа насока. Генерализациите на тие и такви теми – повторно: присатни и во „(од)говорот“ на собранискиот спикер како повторно отворање на „албанското прашање“ – за жал не се грижат како и кого повредуваат. Впрочем, тоа секогаш е цената на злоупотребата на минатото!






Но дали оваа македонска „фалинка“ на недоволно проучување на поблиското и подалечното минато, но и за потенцијалната (зло)употребата на одделни историските точки од интерес, е само „дневна слабост“ или, како што во одредени прилики беше потенцирано, наметнува потреба од подетално соочување со минатото, па дури и евентуална неопходност од некаква „колективна терапија“ во таа насока, по примерот на некои други држави? Но, за тоа во следната прилика.

Од друга страна, расправата за интерпелацијата на собранискиот спикер Гаши, поточно неговиот „(од)говор“ по тој повод, е дел од оваа историска заблуденост на политиката во Македонија, каде одделни историски точки/теми се генерализираат и (зло)употребуваат како потпирач на крајно дискутабилни ставови, честопати и навредливо заради невнимание или незнаење. Притоа, една нишка на чиста политикантска ароганција и исклучивост – онаа којашто требаше, нели, сега веќе да биде минато! – се провлекува низ целата негова „одбрана“.

Зашто, гледајте што прашува собранискиот спикер, денес, во македонското Собрание, во третата деценија на 21-от век: „Зошто оваа интерпелација? Кому служи таа и за каква цел?“, прашува Африм Гаши! Што, според неговите други „појаснувања“, ќе рече дека интерпелацијата нема ама баш никаква врска со неговото однесување во Собранието и со сето она за што го обвинува – би рекол со право – дел од опозицијата, туку дека сето тоа има врска со нешто друго. Со што? Гаши „појаснува“, прво: „Ова не е интерпелација кон Африм Гаши, туку е интерпелација кон етничката и верската припадност на претседателот на Собранието“. Страотна злоупотреба на еден од историските столбови (и) на македонската демократија.

Поточно, ако ова не е историска изјава пар екселанс, не знам што е. И е упатена кон еден прилично голем дел од македонскиот народ односно оние стотици илјади гласачи кои гласале за таа опозиција. И сака ли Гаши да го прогласи македонскиот народ за етнофоби, религофоби, недемократи… итн.? А патем, оваа негова изјава е и целосно неточна, провокативна, недемократска, подметнувачка и обвинувачка… итн. На пример, дали оние бројни интерпелации за други претседатели на Собранието, оние од македонска националност, исто така биле вперени не кон нивната личност и постапки туку кон нивната етничка и верска припадност? Поточно, македонски пратеници покренувале интерпелација против македонски собраниски спикер заради тоа што е Македонец и Христијанин? Или, во истиот контекст, и прашањето: зошто немаше таква интерпелација за еден друг претседател на Собранието (1986-1991), Вулнет Старова, исто така Албанец како и Гаши? Па ни во времето (1974 до 1978 година) кога Старова беше потпретседател на Извршниот совет на Собранието на СРМ? Или тој за денешниве македонски Албанци беше предавник на националната кауза? А која е и каква е таа „национална кауза“?

Едновремено, ако интерпелацијата „е интерпелација кон етничката и верската припадност на претседателот на Собранието“, каква политичка пракса воведува собранискиот спикер со таквата небулозна изјава? Дека сите немакедонци се однапред амнестирани за сите пропусти, злоупотреби, некоректности… па и криминали во вршењето на функцијата? Или тоа ќе важи само за албанските функционери, но не и за етничките Турци, Власи, Роми…?

Но Гаши продолжува да „појаснува“, второ: „Ова не е интерпелација кон пречекорување на овластувањата на претседателот на Собранието во однос на безбедноста, туку е интерпелација во однос на добрососедските односи и заложба за повлекување на признавањето на Република Косово“ (sic!). Вакви обвинувачки „историски реминисценции“ во однос на Косово одамна не сме слушнале. Што ќе рече дека (и) таа историска тема постојани лебди во македонската реалност и напати се појавува, во вакви исклучителни ситуации. Иако вака поставена таа е целосно неука, несоодветна, агресивна, недемократска и иритирачка…, изјава којашто меша две суштински нешта: дивеењето на „госпожата“ од Косово и нејзиното обезбедување на Аеродромот во Скопје, мешањето на македонскиот собраниски спикер таму кадешто не му е местото и – признавањето на Косово (како историска тема)! Што повторно го втемелува овој случај неетички и тотално политикантски длабоко во историските релации на Македонија и (во случајов) еден од соседите.

Но, повторно, Гаши уште „појаснува“, трет пат: „Ова не е интерпелација кон наводната повреда на законот на јазиците, туку е интерпелација што изразува фрустрација и фобија кон албанскиот јазик и етничката припадност на претседателот на Собранието“. И повторно, и повторно, Македонците имаат нешто против односно „изразуваат фрустрација и фобија“, сега (и) кон албанскиот јазик а не само кон „ликот и делото“ на собранискиот спикер туку и кон сите Албанци. Ако пак веќе посакал да полемизира со некого околу албанскиот јазик и неговата употреба, тоа може(л), како правник, токму на такво рамниште да го прави со членовите на онаа Венециска комисија!

Но, за жал, овде никако не станува збор за полемика, расправа или за сериозна аргументација апропо валидноста – или не – на неговата интерпелација. Ова е само уште еден пример на лични историски фобии и фрустрации кои собранискиот спикер сака да ги преслика на страната на Македонците. Што е недовозволиво – политички, историски, културно, цивилизациски. Згора на тоа, тоа е уште една злоупотреба на собраниската говорница и функцијата за непоткрепена и нејасна омраза и навреди на етничка и друга основа.

Почитуваниот Гаши, барем во почетокот, личеше на помудар и посериозен човек. Ова како да е некој сосема друг.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини