ВЛАДАТА ГИ ПЛАЌА ДОЛГОВИТЕ НА АВТОБУСИТЕ НА АРСОВСКА Сега ќе го собира и ѓубрето во Скопје?!
Премиерот посочи дека Министерката за финансии го известила дека нема одговор од надлежните од Град Скопје за тоа дали може да ја сервисира обврската, па морала да преземе обврска и да го плати долгот.
„Да се случи тоа, Градот Скопје не успеа да ја врати навремено ратата која што беше дел од обврските за набавка на автобусите во минатото, таа е во висина нешто од над 50 милиони денари основен долг. Основниот долг е некаде околу 42, 43 милиони денари, другото е камата“.
Вака одговори премиерот Христијан Мицкоски денеска на новинарско прашање по надзорот на градежните активности за доградба и надоградба на детската градинка „Срничка“ на објектот „Изворче“ во општина Аеродром.
Тој посочи дека Министерката за финансии го известила дека нема одговор од надлежните од Град Скопје за тоа дали може да ја сервисира обврската, па морала да преземе обврска и да го плати долгот.
– Министерката за финансии ме информираше после неколку ургенции и немање одговор од страна на градот, нормално по ургенција на доверителот односно Банката мораше да преземе чекор и да го плати долгот на Градот Скопје бидејќи тие не успееја тоа да го направат. Се поставува прашањето дали можеби треба и како држава и како Влада да направиме некои дополнителни чекори за друг тип на ингеренции и обврски кои што ги има Градот Скопје, а кои што гледаме не ги извршува навремено, посебно тука мислам во делот на хигиената – кажа тој.
Мицкоски изјави дека алармантни повици пристигнувале до Владата од граѓаните во врска со хигиената во градот и институциите под ингеренции на Градот Скопје. Тој ги повика институиите да си ја вршат работата за што се платени, оти, инаку, ќе се разгледаат можностите за одземање на тие ингеренции. Според него, тоа што денеска се случува во Скопје, не личи на земја што е во НАТО и што е кандидат за членка на Европската Унија.
– Алармантна е состојбата. Алармантните повици стигаат до Владата. Го слушаме гласот на скопјани. Од тоа што можам да кажам сега за сега, ова е повик до институциите што се под ингеренции на Градот Скопје, да си ја вршат работата за што се платени. Во спротивно, ќе мораме сериозно да ги разгледаме можностите за одземање на тие ингеренции и да можеме како Влада да се справиме со тоа што денеска се случува. Јавниот градски превоз, хигиената за што претходно зборував и така натаму – рече тој.
Тој рече и дека можеби треба да се размисли за идејата, секоја од општините да добие право да формира свое комунално претпријатие, па да ги наследи основните средства од ЈП „Комунална хигиена“ и слично.
– Има неколу пристапи што може да дадат резултат и ги разгледуваме – објасни Мицкоски и додаде:
– Се надевам дека со домаќинско работење во периодот што следи, ако воопшто можат тоа официјалните да го направат, ќе можат да си ги сервисираат обврските во периодот што следи и повикувам и апелирам, да се работи за интересот на граѓаните во главниот град, во сите општини, затоа што граѓаните тоа го заслужуваат, настрана политичките тези, политичките фрустрации од едната или другата или од третата или од петта страна, тоа не е битно, граѓаните не ги интересира тоа. И ако видиме дека во оваа недела дена нема прогрес поврзан со ова прашање, на следната владина седница планирам отворено да зборувам и да одиме чекор понатаму она што е обврска на народна влада да го направи, а тоа е да дејствува во името на повиците коишто ги добиваме на дневна основа од скопјани – смета Мицкоски.