АЛООО, СТАВАЈТЕ КЛИМИ ВО СОБИТЕ, ДОАЃАМЕ НА ОЛИМПИЈАДА, А НЕ НА ПИКНИК! Ај што нема да има ладење, парижаните наумиле од спортистите да прават вегетаријанци!
Организаторите на Олимписките игри во Париз изгледа се позагрижени за намалување на емисиите од јаглерод диоксид отколку за здравјето на спортистите. Тие попуштија под притисоците и одлучија да постават само 2.500 климатизери во Олимпиското село, во кое ќе престојуваат 10.000 спортисти. А зошто ќе има помалку месо на менијата во Селото, е тоа никому не му е јасно...
Организаторите на Олимпијадата во Париз попуштија под притисокот на делегациите од некои земји, кои инсистираа со себе да понесат климатизери, за да им го олеснат престојот на своите спортиски во Олимпиското село.
Така, организаторите се согласиле да инсталираат по еден клима уред во секој апартман, за да им овозможат на спортистите комфорни услови за живот и закрепнување. Во Олимпиското село во Париз ќе бидат поставени 2.500 клима уреди. Бројката може да се зголеми доколку има екстремни горештини за време на Олимпијадата.
Сместувачкиот комплекс се состои од вкупно 7.000 соби, а геотермалниот систем за ладење гарантира температура во внатрешноста на најмалку 6 степени Целзиусови пониска од надворешната температура.
Околу 10.000 илимпијци ќе бидат сместени во 40 ниски кули, а потоа и 5.000 параолимпијци за време на Параолимписките игри од 28 август до 8 септември.
Првично, организаторите на Игрите планираа да ја напуштат употребата на клима уреди со цел намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
Градоначалничката на Париз, Ана Идалго, која ја предводи инфраструктурната група на Олимпијадата „Солидео“, минатата година ја отфрли можноста за користење на преносливи климатизери во селото, додека други официјални лица нагласија дека тие не се неопходни.
„Многу ја почитувам удобноста на спортистите, но многу повеќе размислувам за опстанокот на човештвото“, изјави Идалго за француското радио Франс Инфо во февруари 2023 година.
Но, извршниот директор на Австралискиот олимписки комитет, Мет Керол, минатата година изјави: „Ние го цениме концептот да немаме клима уред поради јаглеродните емисии, но ова се игри со високи перформанси. Ние не доаѓаме на пикник“.
Тимовите од богатите земји, како Велика Британија, Германија, Италија, Јапонија и Канада, најавија дека самите ќе си платат клима-уреди за своите спортисти, објави „Вашингтон пост“ минатиот месец, што потенцијално ќе им даде предност во однос на посиромашните земји кои ќе останат без ова удобност.
Инаку, во ресторанот за спортисти во срцето на селото не е инсталирана климатизација во сите области за јадење.
„Мислам дека најдовме добар компромис помеѓу понудата на вистинската температура, но и намалувањето на емисиите на јаглерод. Тоа е еден од главните предизвици на Париз 2024 година“, изјави претставник на организаторот на Игрите.
Париските Олимписки игри имаат цел да ги намалат вкупните емисии на јаглерод на половина од нивото од претходните игри во Лондон во 2012 година и во Рио де Жанеиро во 2016 година.
Ај што нема да има доволно ладње, во Париз за спортистите нема да има ни доволно – месо!
Месните производи се намалени на менијата во селото и на спортските места, при што привремениот стадион на кој се одржува скејтбордингот и бе-ем-иксингот, на Плас де ла Конкорд, ќе бидат 100 отсто вегетаријански.
Но, извештајот за последниот месец, поддржан и од климатолозите и од спортистите, предупреди на опасностите од високи температури на Олимписките игри во Париз.
Студијата насловена „Огнени прстени“ го поддржува зголемениот број на повици од спортисти да се приспособат спортските распореди и времето на настаните, за да се има предвид физичкиот напор при натпреварување на високи температури.
„Нарушувањето на сонот и топлината е голема грижа за спортистите, особено со оглед на недостатокот од климатизација во Олимпиското село“, се вели во извештајот.