📷 ТРАГЕДИЈАТА И БОЛКАТА ВО ЕДЕН КАДАР Ова е најдобрата новинарска фотографија во 2024 година

Почувствував дека фотографијата ја сумира поголемата смисла на она што се случува во Појасот Газа, вели авторот на најдобрата новинарска фотографија на годината, Мухамед Салем.

602

Фотографот на Ројтерс, Мухамед Салем, ја доби престижната награда „2024 World Press Photo of the Year“ за неговата фотографија од Палестинка која плаче и го гушка мртвото тело на нејзината 5-годишна внука во Појасот Газа.

Фотографијата е направена на 17 октомври 2023 година во болницата Насер во Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, каде семејствата трагаа по роднините убиени во израелските бомбардирања. На фотографијата се гледа како Инас Абу Маамар (36) липа и го држи телото на нејзината внука Сали завиткано во чаршаф во болничката мртовечница.
Во прогласувањето на добитникот на наградата, Светската фоторепортерска фондација со седиште во Амстердам ја истакна важноста на признавањето на опасностите со кои се соочуваат новинарите кои покриваат конфликти.






Во војната меѓу Израел и Хамас, која избувна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, загинаа 99 новинари.

– Новинарски и документарни фотографи ширум светот работат под голем ризик. Во изминатата година, бројот на убиени новинари во Газа е речиси рекорден – рече Џумана Ел Зеин Хури, извршен директор на организацијата.

Мухамед Салем, 39-годишен палестински фотограф, работи за Ројтерс од 2003 година. Тој ја освои истата награда во 2010 година. Судиската комисија рече дека неговата победничка фотографија во 2024 година била „компонирана со грижа и почит, обезбедувајќи метафоричен и дословен увид во незамислива загуба”.

– Почувствував дека фотографијата ја сумира поголемата смисла на она што се случува во Појасот Газа – рече Салем кога фотографијата за прв пат беше објавена во ноември. – Луѓето беа збунети, трчаа од едно место до друго, нетрпеливи да ја дознаат судбината на своите најблиски, а таа жена ми го привлече окото држејќи го телото на мало девојче кое не сакаше да го пушти – раскажува фотографот.

Жирито ја избра победничката фотографија меѓу 61.062 фотографии поднесени од 3.851 фотограф од 130 земји.

Фотографот на списанието GEO, Ли-Ен Олваџ од Јужна Африка, победи во категоријата приказна на годината со фотографии што ја документираат деменција на Мадагаскар.

Во категоријата долгорочни проекти победи Алехандро Чегара од Венецуела за фото серијата „The Two Walls“ за Њујорк Тајмс/Блумберг.

Украинската фотографка Јулија Кочетова ја освои наградата за отворен формат за нејзината работа “War is Personal”, која ја документира војната во нејзината земја преку мешавина од фотографии, поезија, аудио и музика во документарен стил.

Поврзани содржини