БЕБЕ ВО ПАРАГВАЈ СЕ РАЗБУДИЛО НА СВОЈОТ ПОГРЕБ Роднините веруваат во Божјо чудо
На бдеењето биле членовите на семејството, а непосредно пред да заминат на гробиштата, вујкото забележал дека бебето мрда со главата, па ги известил присутните. Девојчето почнало да покажува витални знаци 30 минути пред погребот и семејството го вратило во болница каде што било примено во инкубатор, а потоа префрлено на интензивна нега.
Бебе, прогласено за мртво кратко по раѓањето, е вратено во болница откако покажало витални знаци за време на својот сопствен погреб во Алто Парана, Парагвај, на границата со Аргентина и со Бразил, објави Плеџ тајмс.
Девојчето било родено предвреме во петокот околу пладне, со царски рез, откако неговата 21-годишна мајка имала компликации во седмиот месец од бременоста.
Родителите на девојчето веќе изгубиле едно бебе. Бебето било прогласено за мртво и предадено на семејството заедно со извод на починатите.
На бдеењето биле членовите на семејството, а непосредно пред да заминат на гробиштата, вујкото забележал дека бебето мрда со главата, па ги известил присутните. Девојчето почнало да покажува витални знаци 30 минути пред погребот и семејството го вратило во болница каде што било примено во инкубатор, а потоа префрлено на интензивна нега.
Директорот на регионалната болница „Сиудад дел Есте“, Федерико Шродел, не ја исклучува можноста за каталепсија, патолошка состојба која во психијатријата честопати се нарекува „восочна флексибилност“.
– Поради предвремено породување, тоа може да се случи, пациентот практично останува без витални знаци – додава специјалистот и појаснува дека на секои 5 милиони раѓања може да има по еден случај од ваков тип.
Шефот на судска медицина на Министерството за јавно здравје во Парагвај, Пабло Лемир, објасни дека е можно да станува збор за каталепсија, иако сѐ уште не се знае феноменот кој ја создава оваа состојба во која телото ги има сите знаци на очигледна смрт.
– Нема срцебиење или дишење, телото е неподвижно и без знаци на живот. Ова е вообичаено во некои случаи на шизофренија, Паркинсонова болест или злоупотреба на супстанции – посочи тој.
Роднините, пак, веруваат во Божјо дело и уверуваат дека девојчето ќе се вика Милагрос де Хесус и покрај неизвесните прогнози.