ГО ПОЗДРАВИ И ШТАБОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО ГРАДСКО За мене делби не постојат, порача Пендаровски
Еден мал гест во средата покажа дека кампањата може да се води и цивилизирано, но... Двете страни и натаму разменуваат жестоки обвинувања, а црната кампања е се погласна.
Претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, во Градско направи необичен гест, кој е за пофалба.
Тој со подигната рака, во знак на поздрав, мина пред седиштето на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во ова населено место, а потоа фотографијата ја објави на својот официјален профил на Фејсбук.
„Почит и поздрав до сите! За мене делби не постојат’, напиша Пендаровски.
За да не биде се така идиличлно, денес се погрижи тој самиот.
„Мицкоски нека набави џи-пи-ес за својот кандидат за претседател“, изјави тој, одговарајќи на нападите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Пендаровски не си ја знаел земјата, дека пет години заборавил на Македонија и дека за време на петгодиншниот мандат ниту еднаш не дошол во општина како што е Василево за да праша со какви проблеми се соочуваат граѓаните.
Во средата и Гордана Силјановска Давкова возврати на нападите од Пендаровски дека била „невидлива“ во кампањата.