КАЈ ТЕРОРИСТИТЕ НАЈДЕНИ СНИМКИ СО УКРАИНСКИ ВОЈНИЦИ? Нови детали од истрагата за терористичкиот напад во Москва
Рускиот Истражен комитет ја истражува вмешаноста на претставници на украинските специјални служби и на исламистички терористички организации во организацијата и финансирањето на терористичкиот напад.
Во телефонот на еден од обвинетите за терористичкиот напад во Москва се пронајдени фотографии од војници во маскирни униформи со знамето на Украина, според тврдењата на рускиот Истражен комитет.
– На телефонот на терористот имаше фотографии од луѓе во маскирни униформи со украинско знаме на позадината на уништени куќи и украинска поштенска марка со непристоен гест – објави Истражниот комитет на својот канал на Телеграм.
Истрагата утврдила дека напаѓачите ја избрале концертната сала „Крокус Сити Хол“ за терористичкиот напад по наредба на човекот кој ги насочувал нивните акции.
– На 24.02.2024 година, еден од соучесниците на тој човек му испратил фотографии од влезот во „Крокус“ и од пристапните патишта до салата – се наведува во соопштението.
Истражителите нагласија дека обвинетиот во својата изјава ги признал овие наводи. Истражниот комитет ја истражува вмешаноста на претставници на украинските специјални служби и на исламистички терористички организации во организацијата и финансирањето на терористичкиот напад.
Група терористи на 22 март упаднаа во концертната сала „Крокус Сити Хол“ на северозападот на Москва, по што од непосредна близина пукаа во толпата и фрлија запаливи бомби што предизвика пожар во салата.
Министерството за вонредни состојби соопшти дека според последните податоци во нападот загинале 144 лица.
Досега се уапсени 10 обвинети, меѓу кои и четворица државјани на Таџикистан, кои според истражителите биле директни извршители на терористичкиот напад. На 1 април Федералната служба за безбедност уапси четворица странци во Дагестан, кои наводно учествувале во финансирањето и обезбедувањето оружје на терористите кои го извршија терористичкиот напад во Москва.