ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ ЈА НАПУШТИЛ КОАЛИЦИЈАТА СО СДСМ ПРЕД ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ГОДИНА Ќе поддржи опција за нов Устав без Бадентер и без Балансер

До крајот на оваа недела ДС ќе соопшти со кои партии ќе настапи на изборите, но додава дека во интерес на државата и на граѓаните е да се формира широк промакедонски опозиционен блок, преку кој граѓаните ќе ги поразат погубните и анационални политики на ДУИ и СДСМ.

544

Демократскиот сојуз соопшти дека пред повеќе од една година, на 13.02.2023 година, ја напуштил коалицијата предводена од СДСМ.

„Причините за напуштање на коалицијата беа неисполнување на коалицискиот договор и погрешните политики на СДСМ, пред сѐ блокадата на измените на Изборниот законик со кој предлагавме Македонија да биде една изборна единица, противењето на реформи во правосудниот систем, високата криминализација и отсуството на борба против високата корупција, непринципиелната коалиција при реконструкцијата на владата и неводењето сметка за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта, како и блокадата на евроинтеграциските процеси со прифаќање на Преговарачката рамка без поширок граѓански и политички консензус“, наведува партијата.






За соработка и за заеднички настап на претстојните парламентарни избори Демократскиот сојуз има приоритети меѓу кои се: темелни уставни реформи со донесување на нов Устав (без Бадентер и Балансер), реформи во судскиот систем и реизбор на судиите и обвинителите, изградба на ефикасен систем за борба против корупцијата и формирање Агенција за борба против тешките облици на криминал, вклучување на младите во власта (најмалку 30% во советите на општините и на парламентот) и посебни предуслови за отворање на бизнис, реформи на администрацијата (укинување на 50% од министерствата, агенциите, регулаторните тела итн.), намалување на бројот на пратениците на 90, но и Македонија да биде една изборна единица, како круцијален предуслов за демократизација и промена на власта.

Во оваа насока се и нашите цврсти партиски определби за полноправно членство во ЕУ, продолжување на реформите во одбраната како членка на НАТО и водење надворешна политика согласно нашите стратешки цели и интереси усогласена со политиките на ЕУ и стратешките партнери, пред сѐ на САД.

Демократскиот сојуз како автентична политичка партија, препознатлива по своите политички ставови и определби е подготвена за парламентарните избори.

До крајот на оваа недела ДС ќе соопшти со кои партии ќе настапи на изборите, но додава дека во интерес на државата и на граѓаните е да се формира широк промакедонски опозиционен блок, преку кој граѓаните ќе ги поразат погубните и анационални политики на ДУИ и СДСМ.

 

Поврзани содржини