Актуелната македонска политичка реалност е всушност рамката и за целото општество и држава, или „држава“ (како сакате), бидејќи, како што вели Жижек, стварноста гледана низ рамка се претвора во својот сопствен приказ. И ние уште долго не ќе можеме да избегаме од тој „приказ“, од таа стварност што ни го диктира животот, работата, однесувањето…, „судбината“!
И за таа и таква (сега случајно и наша) стварност, славниот Le Carrѐ вели: „Кризите се академски прашања. Скандалите не се. Не разбравте ли веќе дека е важна само надворешноста?“. А што е македонската надворешност денес? Еднакво „славната“ вицепремиерка за опомени и нејзината „историска“ информбировска – којзнае која по ред – изјава за тоа колку „(…) оние кои се за борба против корупцијата и организираниот криминал се искрени во тоа, а колку е тоа само флоскула“, вбројувајќи се себеси и нејзините во – искрените? Можеби, но таа нивна катастрофална „искреност“ трае веќе осма година, а „госпожата“ борец, by the way, е одамна прочитано книжуле. Без корици!
Но неочекувано искрена – или наивно неука, како сакате – е изјавата на фамозната портпаролка на сдсм (малите букви се реален одраз на нивниот политички и човечки рејтинг денес), која во една „дебата“ вели дека граѓаните веќе знаат што да очекуваат од нив! Апсолутно, неповторливо, непогрешливо, суштинско… и право во целта: доволно е само да фрлите поглед надвор, во смрдливото, отровното, нечистото, закрченото, кичерајското… Скопје и „очекувањата“ да ве удрат среде лице. Тоа е тој сдсм што треба да го очекувате, сосе редиците за лични документи и затворените граници (онака безобразно нестручно „објаснети“ од нивната правна „примадона“), сосе онаа смешна вицепремиерка и нејзиниот уште посмешен екс-премиер, со нивниот владин и директорски кадровски „потенцијал“ и полуписмен актуелен собраниски состав, со партиската им „база“ итн.
Но не е саде толку и не се саде тие. Меѓу јасните знаци на оваа и ваква стварност, коишто ни ги нудат самите политички односно политикантски актери, се и оној Османи кој во трката за гласови се претвора во фотограф во дијаспората! А божем лекар-хирург, министер за надворешни работи, можен партиски кандидат за претседател на државата…? Е па добро, не сме имале фотограф за кандидат за претседател, нели? Време ли е и тоа да го видиме? Белки не е!
Или замислете го дури и Таравари за таа функција? До вчера демонстративно одбиваше да разговара за таква опција, денес станува некаков меланж на Кенеди и Обама и го предизвикува Ахмети на двобој! Којзнае што ќе рече утре човекот кој ја започнува „трката“ со лага? А и тој – лекар. Па зошто воопшто се мачеле со такви факултети кога не си ја ценат професијата? Но, можат ли толку и така лесно да заработат со своите примарни професии? Не знам дали тоа е во прашање или нешто друго, но македонското политикантство е на овие гранки токму заради луѓе како нив.
Или погледнете го актуелниот „претседател“. Уште во првата година по изборот, тој Пендаровски се колнеше дека нема да се кандидира по вторпат. И колку пати се премисли? Па како и нема, зашто кога повторно во животот би можел да добие таква седумка на лото и пет години да се шепури на Водно со раката на серцето како главна работна обврска? Сите тие на македонската политичка стварност гледаат како на златна рипка за остварување не само на три туку на – сите желби. И за неколку животи однапред! Зошто да не, ако се може, нели.
А се може, и многу повеќе од ова, бидејќи рамката ни е всушност онаа иста соцреалистичка шема од пред повеќе од три децении, каде „системот“ одвнатре си ги бираше кандидатите за политичките функции, па им ги продолжуваше мандатите независно од резултатите итн. Само што тогаш сепак имаше некаков систем, па и квалитет, иако и тој беше партиски како и овој, ама од партија до „партија“ има разлика, нели? Тогашната партија ги беше извојувала победите сама. И поразите, се разбира. Овие денес не умеат ни носот да си го избришат без „стратешките партнери“, не пак да говорат за победи. Најголема „победа“ им е промената на името на државата и оној „договор за лошососедство“ со Бугарија!
Ако пак во рамката главниот фокус им е онаа толку посакувана ЕУ, како тоа, и во чие име, си бришат (да простите) задник со барањето на Советот на Европа за поништување на амнестијата за воените злосторства од 2001 година? Ама на цел глас, или барем на половина, кога мораат, викаат против Бугарија којашто еднакво „се брише“ со упатствата на тој ист Совет на Европа во однос на малцинствата? Или за едни мора, ама за нас – не? И повторно: кој тоа, и на кој начин, го овласти техничкиот премиер така да нѐ резили пред светот? И зарем оној лакрдијаш од екс-премиер навистина смета дека „темата“ за македонските новинари е поважна од ова?
Но, за жал, кај нас сето ова не е само надворешност или рамка, кај нас тоа е суштината на македонскиот живот денес, онаа којашто ни ја донесе тоа криминално сдсм со неговите еднакво криминални коалициски пајташи. Тие ни се и форма и суштина, и надворешност и внатрешност, и криза и скандал… И ние ѝ служиме на надворешноста, на формата, на иноксираната површина како оние три саксии среде заробенана со мостови река. И жалнине врби во нив, пожални дури и од нас. Служиме на маската, на шминката врз Ништото, на празниот збор и мислата без корен. Позлатата ни стана фетиш, стиропорот сон.
Но не се (само) тие проблемот. И ние како граѓани сме дел од него бидејќи свикнавме да живееме на површината, да ја живееме формата без содржина. Да реагираме само на полуидиотски надворешни дразби од форматот на вицепремиерката а не и на суштинските проблеми. Но и тоа е искуство, стекнато колективно знаење, но и страв којшто предупредува дека ако чепнеме под површината – нѐ чека гнилеж. Скршете го сјајното огледало и ќе потонеме. Сите до еден, во матнион Вардар. Загребете ја обвивката и се појавуваат вистинските лица: Заев, Ковачевски, Џафери, Османи, Грковска, Битиќи, Калеска-Ванчева… Мерко, Анѓушев, Филипче, Маричиќ… Затоа ли стануваме лицемери, затоа ли веруваме во лицемерието што (наводно) ќе нѐ доближи до доблеста?
Лицемерието ни е новата вера, што и да мислат оние во црквата. Та и наминувањето во нивните „храмови“ е само уште една форма на еклатантно лицемерие. Зашто, сетете се на првите редови и политичката врхушка во нив по повод верските празници! Најголеми „верници“ кои веќе на излезот продолжуваат со уште поголема хипокризија. И криминал, се разбира, како суштина – можеби и форма на наша благодарност? – за нивниот „напорен“ политички ангажман!?
Извор: Теодосиевски уметност