СКОПЈАНИ НАСКОРО НЕМА ДА ДОБИЈАТ БРЗ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ Арсовска се премисли за БРТ, но не и советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица
На вчерашната седница на Советот на Град Скопје, точка на дневен ред по предлог на градоначалничката беше давање согласност за склучување на договор за имплементација на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“. Но одлуката не помина, бидејќи за неа не гласаа доволно советници односно имаше 19 гласови „за“, двајца советници беа против, двајца беа воздржани, а останатите не гласаа.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и советникот од „Зелен хуман град“ Горјан Јовановски не гласаа за имплементирање на проектот за автобуско метро или Брз автобуски превоз (БРТ), а тоа ќе биде кочница за градоначалничката Данела Арсовска која најави враќање на идејата на нејзиниот претходни Петре Шилегов.
На вчерашната седница на Советот на Град Скопје, точка на дневен ред по предлог на градоначалничката беше давање согласност за склучување на договор за имплементација на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“. Но одлуката не помина, бидејќи за неа не гласаа доволно советници односно имаше 19 гласови „за“, двајца советници беа против, двајца беа воздржани, а останатите не гласаа.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ од говорницата рекоа дека не знаат зошто се продолжува овој проект кога тој не беше дел од програмата на Арсовска „За модерно Скопје“.
– За да одлучам дали и како ќе гласам барам одговори дали Арсовска репреговарање и ги надмина недостатоците на проектот, дали е истиот проект на Шилегов, дали автобусите ќе возат на гас, ЦНГ или ќе бидат електрични. Дали ќе се гради нов мост Обединети Нации и од каде ќе се најдат пари, дали ќе се уништи средишното зеленило, дали ќе се уништи паркот во Ново Лисиче, дали ќе се формира ново јавно претпријатие? – праша советникот од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски.
Градоначалничката Арсовска не одговори на прашањата на советникот, туку проектот го бранеше заменик-градоначалникот Александар Трајковски, но не успеа да ги наговори советниците да го дадат својот глас.
Советникот на Левица во Советот на Град Скопје Амар Мециновиќ од говорницата истакна дека тие ја поддржуваат иницијативата за воведување трамвај во Скопје, наместо БРТ.
– Механиката која работи на струја има многу повеќе работни часови од механиката која работи на инекција на фосилни горива. При сервисирање на овој тип на превоз ќе се заштеди. Ќе се заштеди и во следните педесет години со тоа што нема да му плаќаме на султанот од ПУЦКО ПЕТРОЛ, на кој сè што имавме му дадовме за да ги напуниме со гориво автобусите, и ќе заштедиме неверојатни, неверојатни суми. Главниот град има големо население и соодветно на времето во кое се наоѓаме и приликите во градот треба да реагираме – вели Мециновиќ.
Тој истакна дека градската администрација искористи некои епитети за опишување на БРТ со кои не се согласуваме.
– Еден од нив е дека БРТ е урбано решение – далеку од тоа, туку само ќе се вклопи во колажот на урбанистички хаос кој го предизвикуваме во Град Скопје. Рековте соодветен. Не е соодветен, не е оптимален, тој е недоволен и не ги решава проблемите. Рековте ќе го реши загадувањето. Нема да го реши, секако дека ќе придонесе во позитивна насока, но не се оди доволно и не може да му се даваат вакви епитети. И на крај рековте дека ќе го среди метежот во градот како клучно прашање за нас, но повторно не се оди доволно длабоко во проблемот. Како советнички состав да преземеме на нас една историска одговорност, а тоа е да размислиме за пошироко санирање на сообраќајот во Скопје. Можеме дури и да размислуваме да се отвори јавно претпријатие кое ќе стопанисува со железничкиот превоз во Скопје и да се вратат шинобусите. Кога веќе на оваа долга оска сакате да го спроведете БРТ, и планирате да го уништите зеленилото на булеварите Партизанска и Јане Сандански, иако првично многу поскапо би била таа реализација, но во следните педесет години би ни заштедила многу, да размислуваме за воведување на трамвајски превоз, а не вакви половични решенија – рече советникот Мециновиќ.
Инаку во образложението на предлог-одлуката се вели дека на Скопје му е потребно воспоставување урбан концепт за организација на јавниот превоз на патници со надградување на сегашниот систем на јавен превоз.
– Подобрувањето на квалитетот на јавниот превоз не е само дел од транспортната политика, туку и важно прашање од општествен аспект. Анализите покажуваат дека значаен дел од населението не поседува автомобил или возачка дозвола, а алтернативните начини за транспорт не се економични за подолги релации (велосипед или авто-такси превоз). Брзиот автобуски превоз (бас рапид транзит) може да обезбеди подобри услуги за граѓаните, нудејќи високо ниво на удобност, пократко време на патување и сигурност. Со користењето на овој превоз, жителите ќе можат да стигнат до посакуваната дестинација (работно место, здравствени институции и сл.) навремено и удобно, при што ќе можат точно да го планираат своето време, а воедно и ќе се придонесе за намалување на загадувањето на животната средина – стои во образложението.
Со воведувањето на овој превоз треба да се намали и сообраќајниот метеж, да се зголеми капацитетот на јавните паркиралишта, но и да се овозможи преадаптација на просторот наменет за моторен сообраќај во простор за пешаци и велосипеди на територијата на Град Скопје.
Сепак, проектот е гломазен, предвидува две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици.
Делницата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, предвидено е да сè поминува за околу 30 минути. Меѓу станиците се постигнува брзина на движење од 50 километри на час.
Градоначалничката Данела Арсовска на почетокот од месецов најави дека ќе го реализира проектот за Брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, иако веднаш по стапување на функцијата пред две години рече дека нема да го прави, поради што и го стопираше тендерот за изградба на проектот.
Собранието уште во 2021 година го донесе Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по договор за заем за финансирање на проектот. Според овој Закон, државата склучи Договор за заем со ЕБОР и Проектен договор со Град Скопје. ЕБОР одобри заем од 70 милиони евра за реализација на проектот, пари кои две години „лежат“ неискористени и се чека да започне реализацијата на проектот за БРТ.