КОИ СЕ ХУТИТЕ И ДАЛИ ЌЕ СЕ ПРОШИРИ ВОЈНАТА? „Го држиме прстот на чкрапалото“, му порача групата на Израел
Хутите започнаа офанзива на југ од Садаа до главниот град и го зафатија градот во 2014 година барајќи од претседателот Хади да формира влада на единство во која тие беа дел. Тие потоа одбија да бидат дел од владата и ја презедоа власта во 2015 година. До денес тие контролираат огромни површини од северот во Јемен, а земјата е во тешка хуманитарна криза.
Трите ракети од Јемен кои ги пресретна американски брод во четвртокот над Црвеното Море, а кои биле насочени кон Израел, ги зголемија стравувањата дека војната на Блискиот Исток може да се прошири. Денеска, Хутите од Јемен му се обратија на Израел велејќи дека „го држиме прстот на чкрапалото и чекаме наредба да се движиме“.
Оваа порака објавена на Икс од Абдувл Вахаб ал-Махбаши од Политбирото на Хутите беше упатена до портпаролот на израелската војска, контраадмиралот Даниел Хагари, кој рече дека неговата земја е подготвена да се брани од Хутите кои ги поддржува Иран.
– Израел има една од најдобрите противвоздушна одбрана и е подготвен на такви закани – изјави портпаролот.
Што знаеме за оваа исламска милиција?
Тие се познати како Ансар Алах, во превод поборниците на Алах. Оваа милиција потекнува од сиромашниот планински регион Саада во северен Јемен. Шиитската група потекнува од сектата Зејди чиј член беше и поранешниот јеменски претседател Али Абдула Салех.
Хутите за пример го земало водачот на Хезболах од Либан – групата која моментално војува со Израел. Дури, експертите велат дека има сличности во нивните говори.
Ansar Allah (Yemen’s Houthis) published a video in support of the armed forces of Hamas and Islamic Jihad. pic.twitter.com/DYDJVrJ47x
— Sprinter (@Sprinter99800) October 11, 2023
Како го зазедоа главниот град на Јемен?
Во 2011 година, масовните протести против Салех беа проследени со смртоносно полициско насилство. Во услови на ескалација на меѓународната осуда, претседателот ја напушти земјата и се согласи со транзициониот план на Советот за соработка во Заливот и Абдрабу Мансур Хади стана претседател.
Хутите започнаа офанзива. Од градот Саада на северот на земјата тие се спуштија на југ кон главниот град Сана. Го зазедоа главнионот град во 2014 година барајќи од претседателот Хади да формира влада на единство во која тие беа дел.
Тие потоа одбија да учествуваат во оваа нова влада, дури и во неколку наврати ја гранатираа претседателската палата, пред да ја преземат власта и да го соборат Хади и неговиот кабинет во 2015 година.
Уставната декларација на Хутите беше отфрлена од меѓународната заедница, но и од многу Јеменци. Хади и неколку министри успеаја да побегнат од Сана за Аден.
Што сакаат?
Контролирајќи огромни области на северот на Јемен, Хутите ја продолжуваат својата битка против коалицијата предводена од Саудиска Арабија за преземање на целата земја. До денес, северниот дел на Јемен кој тие го држат се вика Саадски Губернат.
Јемен сега страда од најтешката хуманитарна криза во светот, а владеењето на Хутите во Сана и нивното малтретирање на новинарите направи да не се објавуват информации за влошените услови во болниците, економијата и во квалитетот на животот во земјата.
Кој ги води Хутите?
Абдулмалик Ал Хути, брат на основачот на движењето Хути, Хосеин Ал Хути, беше клучен играч во градењето на движењето од мала група членови на сектата Зејди до сила која зазеде големи делови од Јемен.
Тој беше ставен на црната листа и ставен под санкции од ОН на 7 ноември 2014 година, а од САД следната година. Јеменската влада вели дека тој одиграл клучна улога во преземањето на Сана.
САД веруваат дека тој ги предводел борците Хути во смртоносни напади на неколку локации за време на опсадата на Дамај во 2013 година, кревајќи во воздух училиште каде се учел Куранот.
Според американскиот Стејт департмент, тој имал улога и во движењето на оружјето и наводно наредувал напади врз дипломатски институции.