„ГРУБИ ГО ПРЕЗЕМА МОНОПОЛОТ НА ИГРИ НА СРЕЌА, НЕ ПРАВИ ДЕМОНОПОЛИЗАЦИЈА“ Анализа на битката за превласт во бизнисот со среќа

Груби постави низа блиски соработници на челните позиции во новата видео лотарија која го распиша огласот за новите три нови компании за игри на среќа на интернет. Асистентот од Собранието на Груби додека беше пратеник, Перпарим Бајрами, е директор на оваа нова лотарија, Артин Спахиу, претседател на огранокот на ДУИ во Дебар е член на Надзорен одбор во Нова државна видеолотарија, а Хавуше Лесковица Исмаиљи, која е шеф на кабинет на вицепремиерот Артан Груби е член на Надзорен одбор на новоформираната Државна видео лотарија.

2,247

Бранејќи се од нападите од ВМРО-ДПМНЕ и од албанската опозиција кои го обвинуваат за отворање на нови три компании кои ќе организираат игри на среќа на интернет, Артан Груби вели дека тоа е „демонополизација на игрите на среќа“ што според познавачите на состојбите во индустријата во најмала рака е потценувачко.

Демонополизација би значела либерализација на пазарот на онлајн игри на среќа при што сите лиценцирани компании кои приредуваат вакви игри би можеле покрај објектите за таканаречено „земско обложување“ да приредуваат и игри на среќа на интернет. На либерализираните пазари во Европа секоја компанија под одредени услови може да организира игри на среќа. Ваков е законот во речиси сите земји од Европската Унија. Либерализација подразбира слободен пазар и еднакви услови за приредувачите, нешто што не може да се спореди со она што го прави Владата со потпис на Груби.






Како сега е организиран пазарот на игри на среќа на интернет?

Во моментот, Владата преку партнерство со Аустриа Казинос во компанијата „Државна Видеолотарија на Македонија“ е единствен приредувач на игри на среќа на интернет преку платформата 2win.mk. Владата е сопственик 51% во оваа компанија, a 49% приватниот партнер, што значи дека Владата, од која е дел Груби, има монопол врз игрите на среќа на интернет.

Дали тоа значи дека Груби, согласно изјавите кои ги дава, сака да го разбие монополот на Владата во која е прв вицепремиер? Но, тоа е секако само маска и далеку од вистината и реалните намери на Груби, велат од индустријата.

Сега Владата распиша оглас за три нови компании кои заедно со неа на ист начин, преку партнерство од 51% од страна на Владата во секоја од компаниите, ќе приредува игри на среќа. Практично, Владата сама на себе си прави конкуренција со нови три компании во услови кога веќе има монопол преку ДВЛМ и платформата 2win.mk.

Иако домашните компании со години бараа либерализација на пазарот по европски терк, Министерството за финансии повеќе од девет години не ги носи подзаконските акти на Законот за игри на среќа со кои, де факто, сите лиценцирани приредувачи ќе можат да приредуваат игри на среќа на интернет и пазарот ќе се либерализира.

Преземање на пазарот од нови компании под контрола на Владата

Она што Груби се обидува да го направи не е демонополизација на пазарот, туку преземање, тврдат од индустријата на игри на среќа.

Како ќе се случи тоа? Ако се отворат три нови компании за интернет игри на среќа, секако дека тие ќе ја потиснат и ќе преземат поголем дел од пазарот на постоечката ДВЛМ и платформата 2win.mk.

– Она што всушност сака Груби да го направи е внесување на нови компании кои ќе ги „има под свое“ во компанија каде тој, односно Владата имаат 51% сопственост. Како ќе оди изборот на овие компании може лесно може да се претпостави. Груби постави низа блиски соработници на челните позиции во новата видео лотарија која го распиша огласот за новите три нови компании за игри на среќа на интернет. Асистентот од Собранието на Груби додека беше пратеник, Перпарим Бајрами, е директор на оваа нова лотарија, Артин Спахиу, претседател на огранокот на ДУИ во Дебар е член на Надзорен одбор во Нова државна видеолотарија, а Хавуше Лесковица Исмаиљи, која е шеф на кабинет на вицепремиерот Артан Груби е член на Надзорен одбор на новоформираната Државна видео лотарија. Покрај овие лица на раководни позиции во новата лотарија се и други лица кои се директно поврзани со Артан Груби – тврдат од индустријата.

Зошто толку му се брза на Груби па го стави Законот за игри на среќа со европско знаменце?

Ова нѐ води до спорниот Закон за игри на среќа кој Владата сака да го донесе со европско знаменце. Иако на прва изгледа дека овие две работи не се поврзани, во основа се. По незаконската одлука за распишување на оглас кој никаде не е предвиден со закон, но и со основањето на нова видео лотарија од пред неколку месеци која е законски исклучително спорна, сега Владата бара начин како да ги озакони овие постапки и формирањето на нов субјект. Имено, законот кој на јавноста ѝ се продава како закон за „оддалечување на казината“, во основа е закон со кој овие претходни одлуки би се озакониле. Всушност, целта воопшто не е оддалечување, туку озаконување на новата видео лотарија и следствено на новите три компании кои ќе работат на интернет во партнерство со Владата.

Во последниот предлог Закон за игри на среќа, особено е симптоматично тоа што е целосно избришана главата која предвидуваше конечно либерализирање на интернет обложувањето, односно глава 6 од првичната верзија на овој закон. Ова исто така доаѓа во време кога паралелно Владата и Груби ги буткаат огласите за нови три компании за онлајн игри на среќа.

Ова практично значи дека нема никаква либерализација, туку Владата си овозможува преку нови контролирани компании да си направи сама на себе конкуренција.

Доходовен бизнис за долгорочен приход

Пазарот на игри на среќа е еден од најголемите во државата. Според анализите, околу 280 милиони евра се слеваат во државната каса по различни основи, даноци и давачки од компаниите кои имаат лиценци.

– Не е чудо што Груби има „фрлено око“ на овој бизнис па преку низа нерегуларни одлуки се обидува да воспостави контрола врз него. Дали ова ќе се реализира останува да видиме. Огласот за новите компании истекува за две недели кога и ќе се знае кои се трите компании кои ќе влезат партнерски со Владата на нашиот пазар за игри на среќа преку организирање игри на среќа на интернет. До тогаш останува да видиме дали ќе се покренат правни постапки против Владата и одлуките кои согласно законот за игри на среќа се далеку од правно издржани – додаваат од индустријата на игри на среќа.

Поврзани содржини