ОХРИДСКАТА ЈАГУЛА ОПАСНО ЗАГРОЗЕНА, НАДЛЕЖНИТЕ МОЛЧАТ Пет години Охридското Езеро не се порибува, знае ли УНЕСКО?
Како ќе им објасниме еден ден на нашите деца и внуци дека веќе ја нема таа чудесна змијолика риба, која патува илјадници километри до некое далечно море за да се измрести и таму да угине, за подмладокот потоа да се врати по истиот пат назад, до својата природна средина, во далечното Охридско Езеро?
Ја знаете ли приказната за Охридската јагула? За нејзиното чудесно „свадбено“ патешествие долго 5.000 километри, преку реката Дрим до Јадранското Море и од таму во Саргаското Море во северниот дел на Атлантскиот Океан, каде што се мрести?
Секако дека ја знаете. Сме ја учеле како деца. Ја учат сега и нашите деца и внуци…
Сепак, иако не е без основа, во голем дел тоа е приказна за големи и мали деца. Од 1965 година, откако со изградбата на хидроцентралите долж Дрим е попречен природниот пат за мрест на јагулата во Саргаското Море и повторното враќање во Охридското Езеро, опстанокот на Охридската јагула (прецизно: Anguilla anguilla, Европска јагула) зависи од порибувањето.
Експертите и законот се јасни – порибувањето со подмладок од Европска јагула се врши еднаш годишно, со најмалку 750 килограми, со маса до 30 грама, но не со помалку од 25.000 единки. Порибувањето на Охридското Езеро, кое е во надлежност на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), поранешна ЕЛЕМ и во еден дел на Министерството за земјоделство, шумарство и за водостопанство.
Што откри порталот Журнал?
Новинарите од порталот Журнал пред два месеца објавија неколку стории за тоа дека во 2019 година, наместо 750 килограми Европска јагула, Охридско Езеро било порибено на неколку локации, но само со 374 килограми јагула, со просечна тежина од 25 грама парче.
Таа година компанијата ЕСМ се пофалила дека во езерото биле пуштени вкупно 29.421 парче подмладок од Охридската јагула со вкупна тежина од 865 килограми. Но, редакцијата Журнал тврди дека поседува документ кој покажува дека тогаш езерото сепак било порибено со само 374 килограми.
И што е уште пострашно, од тогаш до денес порибувањето е запрено. Најмалку пет години Охридското Езеро е оставено практично без подмладок од Охридската јагула.
Колегите од Журнал упорно прашувале – дали е загрозен биодиверзитетот на езерото поради нередовно порибување?
На ова прашање никој не се осмелува да одговори. Никој не сака да даде објаснување што се случило во 2019 година и зошто од тогаш наваму, од тоа помалку од половично порибување, до ден денес езерото не се порибува со Охридска јагула.
Каде исчезнале „порибените“ јагули во 2019 година?
Плусинфо реши да се вклучи во истражувањето. Овде очигледно станува збор за скандал со мирис на корупција.
Се сретнавме со една млада госпоѓа која е „одговорна“ за порибувањето на езерото со Европска јагула. „Обврската“ ја наследила од својот дедо, кој со тоа успешно се занимавал со години. Не е тоа голем бизнис, едвај човек може да извади една пристојна годишна плата. Нејзината фирма увезува од познат производител на здрав подмладок Европска јагула од затворена фарма, од земја членка на ЕУ. А за да може тоа да го прави, таа поседува и редок сертификат за тоа. Друг во регионот нема таков сертификат.
До тоа кобно порибување во 2019 година, работите оделе како што треба. Таа година, фирмата донела во Македонија 1.025 килограми подмладок Европска јагула, а ЕСМ со записник извршило прием на рибата – 865 килограми жива риба, остатокот наводно угинале. Постои инспекциски записник од порибувањето, кој ѝ е достапен и на Редакцијата на Плусинфо. Во тој записник јасно е наведено дека езерото е порибено со само 374 килограми подмладок.
До ден денешен, ЕСМ на фирмата добавувач ѝ должи неколку десетини илјади евра за ова порибување.
Но, најстрашно е тоа што тендерите за порибување на Охридско Езеро со Европска јагула пропаѓаат. И сега е распишан тендер и најверојатно и тој ќе пропадне. Од некои, засега нејасни причини, директорот на ЕСМ Васко Стефанов и директорот на ХЕРЦ Црн Дрим Струга, Сашо Коркут, сакаат да ја заобиколат фирмата која до сега ги носела јагулите, која единствена во регионот (а можеби и пошироко) има сертификат и познат производител од земја членка на ЕУ. Производителите на Европска јагула во затворена фарма исто така се многу ретки.
Отворени прашања до надлежните
Колегите од порталот Журнал барале објаснување и од ЕСМ, но и од надлежните министерства, но не добиле одговори. Редакцијата на Плусинфо одлучи јавно да ги праша ЕСМ, Министерството за земјоделство и Министерството за екологија:
- Што се случува, каде завршила разликата меѓу 865 килограми примени јагули во 2019 година и само 374 килограми пуштени во езерото?
- Дали знаете дека за приемот на рибата постои записник и дали знаете кои се лицата коишто го потпишале?
- Дали знаете дека за порибувањето исто така постои инспекциски записник и дали знаете кои се лицата коишто го потпишале?
- Зошто не е извршено плаќањето кон добавувачот за примените 865 килограми риба?
- Зошто пропаѓаат тендерите за набавка на подмладок за порибување на Охридското Езеро со Европска јагула?
- Што се случува со последниот тендер 03-36-2023?
- Кој е одговорен што не се исполнува прецизната законска обврска за редовно годишно порибување на Охридското Езеро со подмладок од Европска јагула?
- Дали на наведените институции им е познат фактот дека „објаснувањето“ за застојот во порибувањето (објавено во порталот Журнал), наводно поради пандемијата, не држи вода, со оглед на фактот што сиве овие години не биле загрозени релациите меѓу традиционалниот добавувач и производителот од земја членка на ЕУ?
- Дали е побарано објаснување од лицата Васко Стефанов и Сашо Коркут, кои се најдоговорни за скандалот со порибувањето?
- Дали популацијата на Охридска јагула во Охридското Езеро веќе е намалена, поради повеќегодишниот застој со порибувањето?
- Дали УНЕСКО е известен за неизвршувањето на законската обврска за порибување на Охридското Езеро со овој вид риба?
Македонската јавност заслужува одговори на овие прашања. Особено што, во случајов, постојат отворени сомневања за можен извршен криминал и за корупција. А во таков случај, институциите мора да бидат транспарентни, а не затворени, како сега.
Голем скандал за мали пари
Во игра не се големи пари. Порибувањето годишно чини околу 100.000 евра или малку повеќе од тоа. Но, штетите во случајов не се мерат во пари.
Колку пари би чинело евентуалното исчезнување на овој вид риба од Охридското Езеро?
И што ќе биде тогаш со нашата приказна за чудесната змијолика риба, која патува илјадници километри до некое далечно море за да се измрести и таму да угине, за подмладокот потоа да се врати по истиот пат назад, до својата природна средина, во далечното Охридско Езеро?
Како еден ден ќе им објасниме на нашите деца и внуци дека нечија неказнета неодговорност ја уништила таа преубава приказна, само затоа што можеби некому му било поважно неколку стотици килограми риба да завршат – кој знае каде?