СЕ БАРА НАЧИН КАКО ДА СЕ РЕГУЛИРА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Маск, Цукерберг и другите технолошки лидери на состанок во американскиот Конгрес
Експерти за вештачка интелигенција во март годинава повикаа на шестмесечна пауза во развојот на системи за вештачка интелигенција понапредни од GPT-4 на OpenAI поради потенцијалните ризици за општеството.
Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг и извршниот директор на Алфабет, Сундар Пичаи, денеска се сретнаа со американски конгресмени во Капитол на затворен форум за регулирање на вештачката интелигенција.
Законодавците разгледуваат начини како да ги ублажат опасностите од новата технологија, која доживеа бум во инвестициите и популарноста кај потрошувачите по објавувањето на ChatGPT на OpenAI.
– Важно да имаме судија за да се осигура дека компаниите преземаат активности кои се безбедни и од општ јавен интерес – изјави Илон Маск.
Сенаторот од Њу Џерси, Кори Букер, ја пофали дебатата, истакнувајќи дека сите учесници се согласиле дека „владата има регулаторна улога“, но изработката на закони ќе биде предизвик.
Пратениците сакаат заштитни мерки против потенцијално опасни „дипфејк“ видеозаписи, мешање во изборите и напади врз критичната инфраструктура.
– Денес започнуваме огромен, комплексен и витален потфат: градење на основата за надпартиска политика за вештачка интелигенција што Конгресот може да ја усвои. Конгресот мора да игра улога бидејќи без Конгресот нема да ги максимизираме придобивките од вештачката интелигенција или да ги минимизираме ризиците – рече лидерот на демократите во американскиот Сенат, Чак Шумер.
На состанокот, меѓу другите, беа шефот на Нвидиа – Џенсен Хуанг, првиот човек на Мајкрософт – Сатја Надела, на ИБМ – Арвинд Кришна, како и поранешниот шеф на Мајкрософт, Бил Гејтс.
Шумер, кој разговараше за вештачката интелигенција со Маск во април, рече дека учесниците ќе разговараат „зошто Конгресот треба да дејствува, кои прашања да поставуваат и како да се изгради консензус за безбедни иновации“.
Маск и другите технолошки лидери и експерти за вештачка интелигенција во март годинава повикаа на шестмесечна пауза во развојот на системи за вештачка интелигенција понапредни од GPT-4 на OpenAI поради потенцијалните ризици за општеството.