КРАЈНО ВРЕМЕ Е ДА СЕ СПРАВИМЕ СО ТЕШКИТЕ ОБЛИЦИ НА КРИМИНАЛ Пендаровски бара неселективно да се казнат сите кои го загрозиле здравјето на луѓето

Претседателот е згрозен од информациите поврзани со скандалот на Клиниката за онкологија и го разбира револтот на граѓаните кои бараат реакција од институциите

448

Крајно време е системот да потврди дека сме способни во практика за конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите, вели во изјавата претседателот  Стево Пендаровски по повод скандалот со лекови на клиниката за онкологија.

– Фрапантни и згрозувачки се јавно достапните информации за сомнежите за злоупотреба на терапијата за лицата болни од рак. Наместо на тие лица соочени со најтешката дијагноза да им пружи целосна поддршка и заштита, здравствениот систем очигледно потфрлил, со што е изгубена довербата не само кај тие болни, туку е доведен во прашање и квалитетот на лекување на секој иден пациент. Во насока на целосно расчистување на оваа огромна афера, ги поздравувам досега преземените дејствија од страна на Јавното Обвинителство и Министерството за внатрешни работи.






Пендаровски повикува на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност и соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето.

– Крајно време е системот да потврди дека сме способни во практика, а не само со зборови да се справуваме со тешките облици на организиран криминал и корупција и конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите. Никогаш нема да бидеме вистинско европско општество со одолговлекување на судските постапки и отсуство на лична одговорност. За здраво општество ни треба правна држава во пракса, не на хартија – вели претседателот во изјавата.

Пендаровски, како што вели во изјавата, го разбира гневот на граѓаните кои повикуваат на мирни протести, барајќи одговорност од оние кои заработувале на маките на најтешко болните наши граѓани.

Поврзани содржини