„СДСМ ОД ДРЖАВОТВОРНА ПАРТИЈА СТАНА ИЗМЕЌАР НА ДУИ“ Заедно прават сѐ ВМРО-ДПМНЕ да не освои 61 пратенички мандат на изборите, тврди Мицкоски
„ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со народот ќе ја победи оваа власт и нивните слуги – колку посилно ВМРО, толку посилна Македонија“, изјави опозицискиот лидер во Штип.
„СДСМ се претвори од државотворна партија во измеќари на ДУИ“, изјави Христијан Мицкоски во Штип каде се одбележуваше 33 година од Општинскиот комитет на партијата во овој град.
Коментирајќи ја кампањата на СДСМ, Мицкоски рече:
„По сево ова што ние го направивме изминатиов период, многу е важно таа победа да биде со мнозинство во македонското Собрание. Нема да е доволно таа победа да биде со помал број од 61 пратеник. Зошто го зборувам ова? Затоа што за време на таа кампања ќе се изнаслушате се и сешто, од ситни души кои се платени со ваши пари, а крадени од Владата на ДУИ и на СДСМ, или СДСМ и ДУИ, како сакате, кои со тие ситни души прават коалиција како ВМРО-ДПМНЕ да не дојде до 61 пратеник. Зошто? Затоа што така нивната цена на политичката сцена на нивниот пазар на која што тие се навикнати ќе биде многу мала. И второ, затоа што му слугуваат на нивниот главен стопан и сигурно вие го очекувате тој стопан“.
Мицкоски изјави дека ДУИ е вистинскиот стопан денес во владата на СДСМ.
„Овие ситни души, кои што ќе имаат за цел да излезат и да ви го кажат она што вие сакате да слушнете, потоа кога ќе заминат од тие средби со граѓаните и додека патуваат до другата точка, во возилото ги бројат парите кои ги добиваат од нивниот стопан, само и само да го поделат антивладиниот македонски гласач“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека целта на партијата е на идните избори, покрај тоа што мора да ја декласира коалицијата СДСМ и ДУИ, е да им го покаже вистинското место на оние кои се претставуваат како алтернатива, кои што го изедначуваат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да им се покаже вистинското место.