ОВАА БОЛЕСТ НАЈВЕРОЈАТНО ЌЕ БИДЕ СЛЕДНАТА ПАНДЕМИЈА Не нѐ убија лилјаците, па ќе се обидат комарците

3,225

Инвазивниите видови комарци, кои ги пренесуваат вирусите на неколку тропски болести, продираат на север во претходно недопрените области на Европската Унија. Тие не преговараат со ЕУ како ние, бидејќи климатските промени се на нивна страна. Експерти веруваат дека некоја од тие болести ќе се рашири со епидемски размери.

Климатските промени, како и миграцијата и промените во природната средина, веројатно ќе придонесат за ширење на болестите што ги пренесуваат комарците.  Податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC),  објавени во четвртокот, се сериозно предупредување, анализира Политико.






Загрижувачки податоци за Европа

Само во Европа, во 2022 година, се забележани повеќе случаи на тропска треска отколку во целата претходна деценија. Топлотните бранови и поплавите им овозможуваат на комарците да се одомаќинат подлабоко на северот и западот на Стариот континент.

Директорката на ECDC, Андреа Амон, предупреди дека можно е и во Европа да уследи зголемување на случаите на тропска треска, на западнонилска треска, како и на вирусот чикунгуња.

Минатата година се евидентирани 71 случај на локална инфекција со тропска треска, од кои 65 во Франција и 6 во Шпанија. Инфекцијата со вирусот што ја пренесува западнонилската треска доживеа пик – 1.112 случаи се регистрирани во 11 земји, а повеќе од 700 случаи само во Италија. Ова е најголем број регистрирани случаи на зараза со овој вирус од 2018 година, кога од инфекција починаа 180 лица во 10 земји.

Кои тропски болести ни се закануваат?

Тропската треска обично предизвикува благи симптоми или поминуа асимтоматски, но може да доведе и до висока температура, тешки главоболки и повраќање. Во тешките случаи на инфекцијата доаѓа до крварење од непцата, абдоминална болка, а во некои случаи и смрт. Инфекцијата со вирусот Западен Нил обично е асимптоматска, но кај некои пациенти може да се појави треска, главоболка и осип на кожата. Најтешките болести доведуваат до кома, парализа или до смрт.

Смртта од чикунгуња исто така е ретка. Но, вирусот може да предизвика сериозни проблеми кај некои луѓе. На повисок ризик се изложени повозрасни лица, како и оние со хронични болести, како што се високиот крвен притисок или дијабетесот, но и децата и бремени жени, кои можат да го пренесат вирусот на своите бебиња.

Ширењето на два вида комарци во Европа предизвикува особено загриженост: оној на азискиот тигрест комарец, кој може да ги пренесе чикунгуња и вирусот на тропска треска, како и комарецот жолта треска, кој може да ги пренесе Зика, Западен Нил, тропска треска, чикунгуња и вируси на жолта треска.

Виновни се климатските промени, ама и патувањата

Амон вели дека во последните години е забележано ширење на инвазивниите видови комарци во претходно недопрените области на Европската Унија. Климатските промени и топлото време може да придонесат за ширење на вирусот, но  Амон предупредува дека се битни и други фактори, како што се патувањата, промените во природниот пејсаж и пристапот до вода.

Шефот на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, Питер Сендс, претходно за Политико изјави дека маларијата може да се врати во Европа поради климатските промени. Тој верува дека следната пандемија најверојатно ќе биде предизвикана од веќе присутна болест и дека климатските промени ќе ја рашират до пандемски размери.

Европа успеа да ја искорени маларијата преку масовната повоена програма за прскање со инсектициди, одводнување на мочуриштата и со терапија. Сепак, медитеранските земји сѐ уште се многу погодни за ширење на маларијата.

Најновите извештаи за маларија на ECDC, објавени во четвртокот, покажуваат дека над 99% од вкупно 4.800 случаи регистрирани во 2021 година се поврзани со патувања.

Поврзани содржини