Во ЕУ со исклучок или изолација

Зошто на Македонија не може да и се овозможи исклучок, на кој под притисок ќе се согласи Бугарија, дека моментно, поради сериозни историски причини и чувствителни односи во регионален контекст, не е пожелно да се инисистира на изгласување на уставни измени преку партиски лицитирања на потребната бројка на пратеници, кои по игра на случај би требало да понесат некаква нејасна историска одговорност за иднината на земјата во европските интеграции?

757

Внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав, или можеби како дел од народ, „државотворен“, е услов без кој не се може за конечно да започнат преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Тоа го тврдат сите авторитети кои и се обраќаат на Македонија, вклучувајќи го и последниот европски „гласноговорник“ што засега го посети Скопје, шефот на австриската дипломатија, Шаленберг, порачувајќи дека во спротивно Македонија, откако „по тешкиот изоден маратон би се сопнала на последната пречка“, би се соочила со изолација.

Веројатно нема никакво сомнение дека многумина помислиле дека оваа опаска со сопнување на пречки, барем кога е Македонија во прашање, звучи не само понижувачки, туку и смешно. Медимите во западноевропските земји се осврнуваат на темата малцински права во Македонија дури помалку и од секоја престапна година, а и кога ќе го направат тоа резултатот е најчесто едностран, тендециозен и пред се површен.






Интересно е човек да се запраша дали Шаленберг, или, пак, неговиот „надреден“ европски шеф Борел, – соочени со разноразни европски прашања од кои боли глава, посебно сега кога од жешките тропски бранови се суши устата и се успорува размислувањето, па дури и важни теми се поттурнуваат под маса, – навистина се засекирале за положбата на некое си мало бугарско малцинство на перифиријата на Западен Балкан?

Заштитата на правата на малцинствата е дел од Копенхашките критериуми и околу тоа не би требало да има никакви дилеми за земјите кандидадтки за членство во ЕУ. Но добар дел од досега примените членки во полноправно членство се провлекоа пред полузатворените очи на Брисел. Посебно Грција. И, се разбира, Бугарија. Унапредувањето на малцинските права, како дел од успешно развивање на добрососедските односи, подразбира пред се реципроцитет. Бугараско малцинство во македонискиот Устав, веднаш и без одлагање. Прескокнете ја таа „последна пречка“ и одиме понатаму кон светлата иднина во ЕУ.

А што ќе се прави со македонското малцинство во ЕУ-членката Бугарија, кое со децении се бори за сопствено право на самоорганизирање, според меѓународни стандарди, кои ЕУ, барем на хартија, цврсто ги поддржува. Шаленберг, како и Борел, веројатно ни најмалку не би сакале во овој момент да влегуваат во некаква академска расправа на оваа тема, бидејќи би требало да се изложат сериозни и одржливи аргументи, од кои на многумина би им се испотило челото. И без летните горештини.

Но да ги оставиме малку настрана малцинствата и нивната нерамноправна положба и изложеност на дискриминација не само во балканските, туку и во низа други европски земји, членки на ЕУ. На европската бирократија и е мошне добро познато дека во разни периоди на проширување на Унијата се дозволовувани, – преку преговори, компромиси и отстапки, – разни исклучоци од примената на европските правила.

Исклучоците генерално се појавиле на два различни начини. Од една страна, одредени области кои припаѓаат на членките на ЕУ имаат различна историска, политичка или културна заднина, што довело до усогласување на ставовите околу фактот дека овие посебни области не морале да учествуваат во сите механизми на соработка во рамки на ЕУ. Од друга страна, некои земји-членки добија или привремени или трајни исклучоци. Некои од соработките на ЕУ бараат земјите-учеснички да исполнат одредени критериуми пред да можат целосно да учествуваат. Но исклучоците од правилото сепак станале факт.

Данска е рекордер според бројот на одобрени исклучоци. На референдумот за Договорот од Мастрихт во 1992 година, Данците го отфрлија предложениот договор со разлика од само 50.000 гласови. Ова значеше дека за договорот мораше повторно да се преговара со Данска. Така, Данска доби четири исклучоци, кои значат дека земјата не мора целосно да учествува во ЕМУ, во одбранбената политика на ЕУ, во правните и внатрешните работи на ЕУ и дека на Данска ѝ се гарантира дека државјанството на ЕУ не влијае на данското државјанство на кој било начин. На нов референдум на 18 мај 1993 година, данскиот народ го одобри новиот договор и на тој начин Договорот од Мастрихт можеше да стапи во сила на 1 ноември 1993 година. Само по барање на данската влада може да се отповика отстапувањето.

Ирска ужива два исклучока во рамки на ЕУ. Едниот е резултат на референдумот за Договорот од Ница, кој резултираше со негативен резултат, а поради што беа повторени преговорите со Даблин.  Резултатот беше дека Ирска доби исклучок од одбранбената политика на ЕУ, повеќе како гаранција дека Ирска нема да биде принудена да учествува во соработките на ЕУ што би можеле да се спротивстават на ирската политика на неутралност. Второто ослободување што го ужива Ирска е во врска со инкорпорирањето на Шенгенската соработка во ЕУ преку Договорот од Амстердам. На Ирска и беше одобрено ослободување од обврската да учествува во Шенген зоната.

На Полска, по стапувањето на сила на Лисабонскиот договор, и е одобрен исклучок да го користи изземањето од Повелбата за права на ЕУ. Преку посебен протокол е утврдено дека кога Повелбата се однесува на националното законодавство, таа ќе биде применлива во Полска, а пред Брегзит и во Велика Британија, само до степен до кој правата што ги содржи се наоѓаат во полското и британското законодавство.

Да го споменеме и примерот на Шведска и нејзниот познат исклучок од правилата на ЕУ. На Шведска при преговорите за членство и беше одобрено трајно изземање од директивата за забрана за продажба на бурмут, кој е забранет на пазарот во ЕУ во 1992 година. Во преговорите со Брисел Шведска склучи специјален договор со ЕУ за натамошна продажба на бурмут, повикувајќи се на историски причини и долгата традиција на користиње на овој тутунски производ меѓу Швеѓаните.

Значи, исклучоците не се од вчера, како во однос на преговорите за членство, така и по добивањето на полноправно членство. Зошто тогаш не се можни за Македонија, за која воопшто не се дозволува никаква отстапка, или исклучок, од систематските повеќедецениски барања, притисоци, уцени, па и диктати, за промена и “корекција“ на националните обележја и задоволување на апетитите на соседите за приспособување и ревидирање на македонската историја, јазик и национална посебност.

Зошто на Македонија не може да и се овозможи исклучок, на кој под притисок ќе се согласи Бугарија, дека моментно, поради сериозни историски причини и чувствителни односи во регионален контекст, не е пожелно да се инисистира на изгласување на уставни измени преку партиски лицитирања на потребната бројка на пратеници, кои по игра на случај би требало да понесат некаква нејасна историска одговорност за иднината на земјата во европските интеграции?

ЕУ, според примерите на исклучоците што ги посочивме, изнаоѓала начини за да не го блокира продлабочувањето на интеграциските процеси. Но како Брисел се довде во ситуација, доколку правилно ги протолкуваме пораките на поранешниот евроамбасадор Фуере, да остане без каков било институционален механизам да се справи со спорови, а со што значајно се намалува каква било политичка волја да се најдат остварливи решенија.

За Македонија очигледно нема исклучоци, но сепак има механизам што ЕУ и го препорачува: За непоправливите ученици лек е само изолација. Прашање е само во колкава мера заканите знаат да бидат и контрапродуктивни.

Поврзани содржини