ЦРНАТА ЛИСТА НА САД ЌЕ СЕ ШИРИ СО НОВИ ИМИЊА ОД МАКЕДОНИЈА Најава од амбасадорката Агелер
Таа нагласи дека ставањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа на САД е согласно законите на САД кога постои цврст доказ за корупција.
Американската амбасадорка во Македонија Анџела Агелер најави дека црната листа на САД ќе се проширува и покрај името на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на неа ќе се најдат и други македонски граѓани. Таа не працизираше кога таква одлука ќе биде донесена.
– Овој процес на назначување трае подолго и е процес кој внимателно се спроведува и се врши ревизија на сите докази и се што е утврдено. Има една листа на имиња кои се во процес на ревизија и на разгледување и откако ќе се утврдат сите факти ќе се донесе одлука. Не можам точно да кажам за временските рокови кога би се реализирале сите овие процеси, но сметам дека ќе има и други на листата, но не би можела да кажам точно кога – изјави Агелер при денешната посета на Штип.
Во САД, додаде Агелер, имаме многу сериозен пристап кон борбата со корупцијата.
– Секогаш кога ќе се утврдат докази за корупција сметаме дека народот на Македонија има право да знае и да има избрани претставници во кои ќе може да веруваат и да бидат стабилни. Тука завршува ангажманот на САД и ние не можеме да кажеме што понатаму би требало да направат Владата и судството на Македонија и какви мерки да преземат – прецизира Агелер.
Таа нагласи дека ставањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа на САД е согласно законите на САД кога постои цврст доказ за корупција. Тогаш, како што кажа, се презема мерка од страна на државниот секретар за санкционирање на таквото лице со што, додаде, на ова лице и на неговото семејство им е оневозможен влез во САД.