ОСМАНИ ПРЕД ЅИДОТ НА РАЗДВОЈУВАЊЕТО Жални се човечките судбини од двете страни на ѕидот
Границата им одзела имот, обработливи површини од каде што се прехранувале, а на некои од нив и можноста да ги видат своите семејства, роднините и пријателите.
Ограничено движење, одземено земјоделско земјиште, претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи при посетата на Одзиси, Грузија одблиску ги виде болката и страдањата на луѓето зад „ѕидот на раздвојување“.
Тој сведочеше за многу човечки судбини од личните животни приказни на луѓето кои живеат овде. Границата им одзела имот, обработливи површини од каде што се прехранувале, а на некои од нив и можноста да ги видат своите семејства, роднините и пријателите.
– Луѓето овде немаат можност да ги посетат своите роднини и пријатели, да го користат земјоделското земјиште, тие се лишени од можноста да ги посетуваат верските објекти. Ваквата состојба е неодржлива и спротивна на основните принципи на ОБСЕ и на цивилизациските идеали – рече Османи.
Претседавачот со ОБСЕ порача дека е недопустливо во 21-от век на луѓето да им се ограничува слободата на движење. Тој истакна дека ОБСЕ ќе вложи напори да им помогне на загрозените од конфликтот што се случи во 2008 година.
– Потребно е луѓето повторно да ја добијат нивната слобода на движење како основно човеково право, а pретседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ ќе ги вложи сите напори за да им помогне на директно загрозените од конфликтот – потенцираше Османи.
За време на посетата на Одзиси, Османи беше придружуван од Мониторинг мисијата на ЕУ. Оваа Мисија, заедно со претставници на ОБСЕ, веќе 15 години eе на терен и превенира нови тензии, а го олеснува и враќањето на безбеден и нормален живот во овој регион.