ВНЕСУВАЊЕТО НА АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК ВО УСТАВОТ Е БИТНА СЦЕНА ВО ФИЛМОТ „ГОЛЕМА АЛБАНИЈА“ Тито Петковски предвиде дека ќе дојде до ова уште во 2001 година
Внесувањето на албанскиот јазик во македонскиот Устав значи остварување на сонот на Албанците во земјава за формирање голема држава или, поточно речено, стекнување статус на државотворен народ, кој, според меѓународното право, има право на самоопределување до отцепување, напиша поранешниот собраниски спикер Тито Петковски во колумната „Официјален јазик“ објавена во Утрински весник на 21 јули 2001 година.
Бура од реакции предизвика инсистирањето на албанскиот политички блок по секоја цена да се отстрани формулацијата „20%“ од Уставот, а на нејзино место да биде вметнат „албанскиот јазик“, кој, на тој начин официјално би станал службен јазик во Македонија и би бил рамноправен со македонскиот јазик.
Плусинфо вчера разговараше со истакнати албански интелектуалци во земјава, кои тврдат дека нема ништо лошо во тоа да се дефинира албанскиот јазик во македонскиот Устав, бидејќи, како што велат, на тој начин ќе се заокружи еден процес кој е отворен во 2001 година како резултат на Охридскиот рамковен договор.
Нивните аргументи се дека внесувањето на албанскиот јазик во Уставот ќе делува психолошки добро врз албанското малцинство во Македонија, а исто така тие не кријат дека со отстранувањето на формулацијата „20%“ практично ќе исчезне стравот кај Албанците дека еден ден би можело да се појави некоја друга етничка заедница која би имала бројност над 20% и на која би ѝ следувале исти права како на Албанците во земјава. Со други и прости зборови, целта на албанскиот политички блок е да се „зацементира“ албанскиот јазик во македонскиот Устав и со тоа да стане втор службен јазик во Македонија.
На ваквите аргументи на дел од албанските интелектуалци вчера остро реагираше колумнистот Ивор Мицковски, кој смета дека барањето на Албанците да се внесе албанскиот јазик во Уставот е во најмала рака – себично.
„Знаете каде стојат и како се чувствуваат Македонците од психолошки и емотивен аспект? Згазено, искрадено, понижено, девастирано, мајоризирано, идентитетски загрозени и упропастени. Не велам дека сето тоа е реално, ама емотивно и психолошки сигурно е точно. Македонците мораа да бидат и сè уште се 30 години негирани, после осамостојувањето, да направат претешки компромиси, да сменат знаме, име, да задоволат туѓи права после воен конфликт, да живеат со фактот дека секоја група или пејач им менува химна и партизански песни, да се помират дека секој државник или странски функционер погрешно ги именува, секогаш некој сосед да им негира јазик, историја, култура, антифашизам и сè што нѐ прави нација. И сега, кога треба уште едно силување да прифатиме и да бидеме повторно, по стоти пат прагматични, нашите сограѓани или нивните претставници, ни зборуваат за нивните етнички психолошко-емотивни состојби. Да можеше да се стави градација на немање осет и солидарност од албанските политиканти кон македонските граѓани, вие дечки го пробивте секој плафон и секое дно. Малку осет е потребен, не само себично етничко поентирање и самозадоволување“, напиша Мицковски на Фејсбук.
За поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, пак, барањата за бришење на формулацијата „20%“ од Уставот се очекувани, но како што посочува, аргументите на албанските интелектуалци не држат вода.
– Во рамки на веќе отворената дебата за промена на Уставот со цел вметнување на Бугарите во Преамбулата, очекувано, се појавија предлози и барања за промена и на други уставни решенија. Секако, најзначајно е барањето на некои поединци и политички партии од албанскиот политички блок, со заложба албанскиот јазик да биде втор службен јазик кој би се применил на целата територија на државата и Македонија да се дефинира како билингвална држава. Главните аргументи се бројноста на Албанците, емоционални моменти, европски стандарди, фер однесување, опасност другите етнички заедници во државата да не надминат 20%, целосна рамноправност со Македонците и други неуверливи аргументи – посочува Петковски за Плусинфо.
Наместо одговор на прашањето зошто ова ни се случува денес, цели 22 години по Охридскиот рамковен договор и амандманите на Уставот по војната од 2001 година, додава тој, ви ги нудам моите ставови во врска со „јазикот во службена употреба“, изнесени во колумна од 21 јули 2001 година, објавена во „Утрински весник“ и подоцна поместена во мојата книга „Неостварена нација“, во издание на издавачката куќа „Култура“ од 2014 година.
Во продолжение, во целост ви ја пренесуваме колумната на Тито Петковски со наслов „Официјален јазик“, објавена во „Утрински весник“ на 21-22 јули 2001 година:
Понудата од посредниците во македонско-албанските преговори или „дијалогот“, како што еуфемистички го нарекуваат македонските политички лидери, предизвика оправдани негодувања и лавина реакции кај македонскиот политички блок, кај невладините и многу непартиски организации, а истовремено триумфализам кај албанскиот политички блок.
Дали е можно остварување на уставната определба – граѓанинот како носител на суверенитетот – и дали е можно да функционира демократија во едно општество ако не постои народ што зборува ист јазик и ако не постојат меѓу нив пријателски чувства. Се разбира дека искуствата од многу земји, особено во развиениот свет, даваат негативен одговор. Не е можно да функционира едно општество доколку луѓето меѓу себе не можат да комуницираат, односно доколку не користат ист комуникациски код којшто служи како врзивно ткиво на интеграција на различните етникуми во една заедница како целина. Ќе се интегрираат само доколку меѓу себе комуницираат, а ќе се дезинтегрираат доколку меѓу себе воопшто не комуницираат.
Зошто токму јазикот во службена употреба толку силно го крена адреналинот кај сите? Дали се потврди сентенцата дека јазикот нема коски, но коски крши?
Очигледно дека и едната и другата страна тоа силно го почувствуваа, особено македонската. Почувствуваа дека имплементирањето на едно решение во Уставот на Република Македонија од типот (во Република Македонија, покрај македонскиот, во службена употреба е и кој било друг јазик што се зборува од најмалку 20 отсто од популацијата) дефинитивно за едната страна (македонската) значи крај на илузиите за унитарен карактер на македонската држава, додека за другата страна (албанската) значи остварување на сонот за голема држава или, поточно речено, стекнување статус на државотворен народ, кој, според меѓународното право, има право на самоопределување до отцепување.
Најстрашно од сè е дека таквиот предлог доаѓа од наводно неутрални посредници коишто имаат за цел не да арбитрираат, туку да олеснуваат и да помагаат во преговорите. Дефинитивно е јасно како албанскиот политички блок го замислувал цивилното општество и граѓанскиот карактер во македонската држава, сега веќе и како официјален предлог на посредници во име на Европската Унија и на САД. Со нивна помош, сосема е јасно дека Република Македонија се проектира како конгломерат на етнички колективитети коишто објективно многу повеќе ќе водат сметка за сопствените специфичности и потреби, отколку за заедничките интереси и потреби на македонската држава.
Излегувајќи целосно во пресрет на политичките барања на албанскиот политички блок и на политичкиот лидер на ОНА, Република Македонија да се изградува како мултиетничка држава, САД и ЕУ на овие балкански простори, покрај Босна, сакаат да изградат уште една држава како политичка заедница на етникуми којашто практично нема никаква перспектива. Босанскиот модел е утврден по неколкугодишна крвава војна.
Отворено се поставува прашањето дали припадниците на различните етнички заедници во Македонија сакаат да се интегрираат во македонското општество и држава и дали ја сакаат Македонија за своја држава и за своја татковина? Ако се имаат предвид артикулираните погледи на множеството етникуми во Република Македонија во изминатиот период, па и сега, во процесот на овие преговори, освен кај политичарите од албанско етничко потекло, кај ниту една друга популација одговорот на ова прашање не е позитивен.
Според последниот попис, во Република Македонија живеат 26 етнички идентитети. Дали е можно во такви услови да се создаде хомогено општество? Дали е можно остварување на уставната определба – граѓанинот како носител на суверенитетот – и дали е можно да функционира демократија во едно општество ако не постои народ што зборува ист јазик и ако не постојат меѓу нив пријателски чувства. Се разбира дека искуствата од многу земји, особено во развиениот свет, даваат негативен одговор. Не е можно да функционира едно општество доколку луѓето меѓу себе не можат да комуницираат, односно доколку не користат ист комуникациски код којшто служи како врзивно ткиво на интеграција на различните етникуми во една заедница како целина. Ќе се интегрираат само доколку меѓу себе комуницираат, а ќе се дезинтегрираат доколку меѓу себе воопшто не комуницираат.
Барањата за двојазичност и за повеќејазичност не се ништо друго туку заложба за колективни права, кои во многу краток период претпоставуваат постоење на паралелни ситуации. Тие, пак, за свое успешно функционирање, бараат свои територии и, се разбира, како краен резултат – сецесија или раздвојување како логична последица.
Македонскиот јазик, значи, претставува основа за интеграција на различните етникуми во македонското општество, за разлика од САД, Франција, Грција и од некои други земји каде што јазикот стана средство за принудна асимилација, а не за интеграција без асимилација.
Искуствата од земјите од кои доаѓаат посредниците во преговорите го говорат сосема спротивното од тоа што нам ни го предлагаат како успешни решенија. Имено, во август 1996 година Сенатот и Претставничкиот дом на САД на заедничка седница го донесоа Законот за изменување и дополнување на делот 4 на кодексот на САД за прогласување на англискиот јазик за официјален јазик на Владата на САД. Во САД овој закон уште го нарекуваат: „Закон на Бил Емерсон од 1996 година за официјализирање на англискиот јазик“. При донесувањето на овој закон, за нас е особено важно тоа што Конгресот го констатирал и го декларирал.
„САД се составени од поединци и други кои имаат различно етничко, културно и јазично потекло. САД го ползувале и понатаму ќе го ползуваат ова богатство од разнообразност. Низ историјата на САД заедничката нишка што ги спојувала поединците од различно етничко потекло е заедничкиот англиски јазик“.
Со цел да се зачува единството во разнообразноста и да се спречи издвојувањето по јазични линии, федералната власт треба да го зачува јазикот што им е заеднички на сите.
Англискиот јазик историски отсекогаш бил заеднички јазик и јазик на можностите за напредок во САД.
Целта на овој Закон е да им се помогне на емигрантите подобро да се асимилираат и целосно да ги искористат можностите за напредок на економски и на професионален план во САД. Со изучување на англискиот јазик, сите ќе се стекнат со познавање на јазикот и писменост за нив, неопходни да станат одговорни граѓани и продуктивни работници на САД.
Употребата на англискиот јазик во извршувањето на службените работи ќе промовира ефикасност и правичност кон сите луѓе.
Англискиот јазик треба да биде законски признат како службен јазик на целата територија на САД.
Сите парични заштеди што ќе произлезат од усвојувањето на овој Закон треба да се искористат за настава на оние што не зборуваат англиски.
Македонскиот јазик, значи, претставува основа за интеграција на различните етникуми во македонското општество, за разлика од САД, Франција, Грција и од некои други земји каде што јазикот стана средство за принудна асимилација, а не за интеграција без асимилација.
Прогласувајќи го, со споменатиот Закон, англискиот како јазик на можност за напредок на сите коишто живеат во американското општество, едновремено со истиот Закон го укинале и барањето за двојазични избори.
По сето ова, се поставува прашањето чии позитивни искуства сака да имплементира во нашиот Устав државјанинот на САД, господин Џејмс Пердју?
Земјата, пак, од каде што доаѓа другиот посредник или олеснувач, Франсоа Леотар – Франција, со уставен Закон од 25 јуни 1992 година го дополни членот 2 на Уставот од 4 октомври 1958 година со следната фраза: „Јазикот на републиката е француски“, мешајќи го практично официјалниот со националниот јазик и оправдувајќи го со тоа француско одбивање на европската Повелба за регионални и малцински јазици. Со тој уставен акт, практично, Франција одби да ги признае регионалните јазици во земјата. Се разбира, за ваквиот уставен акт постоеше и уште една голема причина којашто се вклучува во европскиот контекст.
Имено, требаше да се преземат мерки против наездата на англискиот јазик и на францускиот да му се обезбеди трајност како работен јазик во рамките на ЕУ.
На овој уставен Закон во Франција му претходеше акт на Уставниот совет на Франција со кој францускиот народ се прогласи како народ составен од сите француски граѓани без оглед на потеклото, расата или религијата, издигнувајќи го практично на уставно-правна категорија во Уставот на Франција.
Не сум сигурен дека овие факти му се познати на поранешниот министер за одбрана на Франција, господин Леотар. Во спротивно, сигурен сум дека не би се согласил со ваков непристоен предлог во напорите за изнаоѓање најдобро решение.