„ПРОРОКОТ ОД ОМАХА“ ДВА ПАТИ ГО СПАСИ СВЕТОТ Милијардерот повторно на разговори со американските власти
Министерот Полсон изјавил дека „спасувачката програма беше најуспешната програма која била нашироко омразена во историјата на човештвото“.
Ворен Бафет, 92-годишниот милијардер и „пророк од Омаха“ разговарал со високи претставници на администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, во врска со банкарската криза, изјави за Ројтерс во саботата извор запознаен со ова прашање. Уште една американска банка и две големи европски банки треперат пред можниот колапс откако Кредит Свис едвај се спаси, а пропаднаа Банката на Силиконската долина и Сигничр банката.
Додека Белата куќа и Министерството за финансии на САД одбиле да коментираат дали Бафет овојпат е консултиран, познато е дека тој барем во два наврати спаси големи светски економски кризи со своите совети кои всушност, на почетокот наишле на отпор и потсмев.
Еден магичен и храбар повик кој Бафет го направил до американскиот министер за финансии во 2008 година ги скршил табуата во САД за тоа дека кога банките се пред колапс, многу подобро е тие да добијат пари, отколку некој да ги купи.
– Можеби има повеќе смисла да се стави повеќе капитал во банките отколку некој да се обиде да ги купи овие средства – му рекол милијардерот Бафет на министерот Хенри Полсон според познат документарен филм на оваа тема.
Веднаш се собрале извршните директори на најголемите банки. Тие се плашеле да ја прифатат идејата на Бафет бидејќи тоа би можело да им сигнализира на граѓаните дека банките се борат да преживеат, па така инвеститорите би биле исплашени да инвестираат.
Без разлика на сè, Бафет ѝ даде 5 милијарди долари на банката Голдман Сакс по колапсот на Леман Брадерс. А Министерството за финансии инјекткирало 250 милијарди во севкупниот банкарски систем. Три години подоцна, во 2011, Бафет ѝ даде на Банката на Америка инјекција во готовина, откако нејзините акции паднаа поради загубите поврзани со хипотекарните кредити.
– Интервенцијата, мислам, веројатно спаси економска депресија – признал тогашниот претседател Џорџ В. Буш за она што всушност не било добро прифатено во јавноста.
Министерот Полсон изјавил дека „спасувачката програма беше најуспешната програма која била нашироко омразена во историјата на човештвото“.
Дали сега, години подоцна, Бафет може да ги спаси САД, но и Европа од можната поголема криза? Некои средства веќе се исплатени, но дали тие се доволни?
Американската банка First Republic уште е пред сценарио за пад иако доби инјекција од 30 милијарди долари од 11 други банки-гиганти. Нејзините акции паднаа за 90 отсто. Во позадина на кризата се водат доверливи разговори за преземање на банката, пишуваат неколку големи медиуми.
Под сличен притисок во САД се и банките Zions, Western Alliance и PacWest.
Изминатава недела, американските регулатори открија вонредни мерки за смирување на клиентите, ветувајќи дека целосно ќе ги исплатат неосигурените депозити во пропаднатите банки.
Тимот на Бајден создаде резервни копии кои не бараат директни владини трошоци од даночните обврзници, вклучувајќи ги и активностите на Федералните резерви.
Но, од домино ефектот се плашат и уште најмалку две европски банки. Тие особено се плашат од потенцијална криза на доверба, изјавиле за Ројтерс двајца информирани лидери. Двете европски банки стравуваат дека повеќе кредитори ќе бидат погодени од криза на доверба. Тие зборувале со Европската централна банка да издаде порака за издржливоста на банките во еврозоната, нивната ликвидност и слично.
Но, истовремено, се зборувало дека ако ЕЦБ излезе прерано со оваа изјава таа би можела уште повеќе да ја вознемири јавноста.
Тие открија дека нивните банки и секторот се добро капитализирани и дека нивната ликвидност е силна, но стравуваат дека повеќе кредитори ќе бидат погодени од криза на доверба.
Ворен Бафет во моментот е извршен директор на Беркшир Хатавеј. Тој планира да го раздаде речиси целото богатство пред неговата смрт. Познати се неговите совети како да го задржите богатството. Додека луѓето на Твитер коментираат дека главните директори на банките во САД сакаат да „исцедат“ од него 100 милијарди пред да замине, постирајќи слика од авион со која наводно тие патуваат да се сретнат со него, неговиот пријател Бил Гејтс повеќе пати има речено дека најдобрите совети кои ги добил биле од Бафет.
Гејтс мисли на една средба со Бафет која се случила на Универзитетот Колумбија во 2017 година, кога Бафет им рекол на присутните деак треба да се опкружуваат „со луѓе кои се подобри од вас за да можете да учите од нив и да се инспирирате од нив“.
– Ќе се движите во насока на луѓето со кои се дружите – рекол Бафет, кој според Гејтс, секогаш наоѓа време за своите пријатели иако е зафатен како бизнисмен.