НЕМА ПОПУШТАЊЕ, ЦЕНАТА НА ЛЕБОТ ОДИ ВО ЗАМРЗНУВАЧ ДО 31 МАЈ Нема веќе џабе струја за прехранбената индустрија
„Антикризните мерки не ги донесовме за едни да плаќаат, а други да се богат. Мерките не беа донесени да удрат по џебот на граѓаните, на штета на граѓаните, а во корист на поединци“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Замрзната е цената на векна бел и полубел леб на 33 денари парче, со тежина од 450 грама и повеќе. За леб со помала тежина цената се ограничува со цена којашто ќе биде во сооднос со тежината лебот.
Ова се одлуките на денешната седница на Владата, што ги соопшти премиерот Димитар Ковачевски, на прес-конференцијата со министерот за економија Крешник Бектеши.
– Антикризните мерки не ги донесовме за едни да плаќаат, а други да се богат. Мерките не беа донесени да удрат по џебот на граѓаните, на штета на граѓаните, а во корист на поединци. Субвенциите беа донесени со цел да се намалат цените на основните производи. Крајна цел беше помош на граѓаните – изјави Ковачевски.
Премиерот рече дека во декември е овозможено компаниите да добиваат повластена цена на енергијата и таа да биде пониска, односно 80 евра по мегават час, кога цените на берзите беа и над 400 евра за мегават час, при што владата имала цел со тоа да ги намали цените на основните прехранбени производи.
– Јас нема да дозволам неоправдано зголемување на цените, затоа што помина доволен период од донесувањето на антикризните мерки за цените да се усогласат, бидејќи помошта од владата беше навремена и реална. По извршените проверки од Државниот пазарен инспекторат, иако производителите на прехранбени производи добиваа субвенционирана електрична енергија, тие цените на своите производи не ги намалија, или ги намалија незначително. Дел од производителите ги намалија цените од 7 до 12 проценти – објасни Ковачевски на денешната прес-конференција.
Одлуката стапува на сила утре, со објавата во „Службен весник“. На денешната седница било одлучено да се укине повластената цена на електрична енергија за компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи, а цената на лебот останува замрзната до 31 мај годинава.
Во иднина, производителите на основните прехранбени производи ќе се снабдуваат со енергија согласно Законот за енергетика и со правилата за снабдување со електрична енергија, рече Ковачевски.
Производителите на основните прехранбени производи по 1 април ќе се снабдуваат со електрична енергија согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со струја.
Како што информира министерот за економија Крешник Бектеши, согласно мрежните правила и договорот што го има ЕСМ продажба со сите производители ќе треба да ги информира дека ќе треба да најдат друг снабдувач со електрична енергија.
– Договорите се потпишани согласно со претходните мрежни правила. Согласно тие одредби треба да постапиме. Не можеме да се доведеме до ситуација да можат некои да се жалат имајќи ги предвид обврските што ги презеде ЕСМ продажба и да направиме дополнителна штета на договорите, но повеќе од 20 дена не би требало да помине рокот, од 1 април сите што добија субвенционирана струја согласно мрежните правила и тоа што го најавивме, нема да добиваат, рече Бектеши на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
Посочувајќи дека во извештајот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) има детални податоци за секоја компанија која добила субвенции, рече дека повеќето од околу 250 компании не го испочитувале договорот за намалување на цените, а дел ги намалиле за 7 до 12 отсто согласно со очекувањата на Владата.
Одлуката за повластена цена на струјата за прехранбениот сектор е во сила од декември лани.