Моите соочувања со гангстерите од Будимпешта
„Телеком“, или case study за пљачкосувањето на „Македонија вечна“!
„Ако некому од нас му се насмее среќата,
ќе бидеме богати (но нека нѐ одмине
богатството што го опустошува човекот).
Не ја жртвувајте личноста заради
функција.
Во изминатите три децении, граѓаните на Македонија се пљачкосувани на разни начини: преку матни продажби на државни компании на домашни и странски резиденти и преку бројни лажирани тендери. Но, суштината е иста: прелевање (крадење) јавни пари и имот во полза на туѓи адреси. Во овој текст ќе стане збор за случајот „Македонски Телеком“. Еден од најпарадигматичните примери за соголувањето на нашиот народ – од домашни и од странски разбојници.
Зделка за славје со зурли и тапани
На 01.01.1997 година, социјалистичкото прeтпријатие „ПТТ Македонија“ беше поделено на два правни субјекта: АД „Македонски телекомуникации“ и АД „Македонски пошти“.
Во март 1998 година, АД „Македонски телекомуникации“ е регистрирана како акционерско друштво во јавна сопственост, за да биде подготвена за „отуѓување“. Подготовката за тоа ја почна Владата, предводена од СДСМ, под претседателство на Бранко Црвенковски. „Среќата“ да ја продаде му се насмевна на Љубчо Георгиевски (ВМРО-ДПМНЕ). Патем, сите македонски функционери се среќни кога продаваат државен имот, особено на купувачи од странство.
На 15.01.2001година, Владата на Република Македонија (предводена од Љубчо Георгиевски), му продаде 51% од вкупните акции на „Македонски Телеком“, на конзорциум предводен од унгарскиот доминантен давател на телекомуникациски услуги „МАТАВ“ (филијала на „Дојче Телеком“) за 317 милиони евра.
Од 1.6.2008 година АД „Македонски телекомуникации“ официјално стана дел од групацијата „Дојче Телеком“.
Што посебно „бодеше очи“ во врска со договорената продажба на компанијата?
Доколку не ја проблематизираме самата одлука за продажба на таква компанија (а би требало), посебно „бодат“ очи неколку работи:
- Мнозинскиот, односно, контролниот пакет од 51% од акциите на компанијатa, рековме, продаден само за 317 милиони евра. Вистински дар за купувачот.
- Компанијата да остане монопол, дури и неколку години по продажбата (односно, до крајот на 2004 година). Имено, државата да ја заштити од конкуренција, да не издава лиценца за работа на друг телекомуникациски субјект на пазарот на Македонија.
- И не толку важно, но не и безначајно: профитот остварен во финансиската 2001 година, да не се разделува помеѓу акционерите.
Купувачот („Маѓар Телеком“, посредно „Дојче Телеком“) – со ниската цена што ја платил за купувањето; со сознанијата за дотогашната годишна добивка на државното претпријатие „Македонски телекомуникации“ (ретко помала од 100 милиони марки годишно); со одредбата за блокирање влез на конкурентска компанија и за наредните три години – однапред знаел дека вложените пари ќе ги поврати (репатрира) уште во првите две до три години.
Нормално, таквата зделка, од страна на купувачот, се прославува со зурли и тапани. Багателно добил кокошка што носи златни јајца. Но, на 15.01.2001 година, славела и втората, „нашата“, страна: Љубчо Георгиевски (тогаш премиер), Љупчо Балковски (министер за транспорт и врски) и Ден Дончев (менаџер во државното претпријатие. Славеле како пресреќни компрадори. Задоволно си ги триеле рацете – без да им излезе ни еден „плускавец“ – зашто, таа зделка била добра за нив, но не знаеле или не сакале да знаат дека не е добра за граѓаните на Македонија.
Со продажбата на АД „Македонски телекомуникации“ и претходно на рафинеријата „Окта“ (1999 година), всушност, почна втората етапа од приватизацијата на државниот капиталот на Македонија. Овој пат на странски сопственици со „неоколонијална економска моќ“. Всушност, почна процесот на претворање на Македонците во евтини печалбари и во сопствената држава. Демонстрација дека полесно го прифаќаме измеќарството отколку господарството.
Како јас ги налутив „босовите“ на Телеком?
На 1 ноември 2002 година, почна мојот мандат – министер за финансии. Немаше време за усвојување предновогодишен буџет за наредната 2003 година. Не само поради кусокот време. Повеќе, поради нужноста да склучиме аранжман со ММФ, по пустошот во јавните финансии сторен од владата на Георгиевски, не без влијание од меѓуетничката војна во 2001 година. Финансирањето во првиот квартал го вршевме со Закон/Одлука за времено финансирање. Тогаш констатирав дека две години по ред (не само за првата – договорената) не е извршена делба на дивиденда помеѓу акционерите на Телеком: Владата на РМ и „Маѓар Телеком“.
Во месец мај, поттикнат од новинарско прашање ја дадов следнава изјава (парафразирам): Менаџментот на АД „Македонски телекомуникации“, преку „трансферни цени“, уште во текот на годината го „испумпува“ (одлева) доходот на компанијата и прикажува потценети финансиски резултати; нереално ги зголемува расходите за да остане помалку дивиденда за нашата држава и да ѝ плати помалку даноци.
За помалку упатените, „трансферни цени“ се цени по кои добрата и услугите се трансферираат помеѓу поврзани ентитети, или организациски единици во рамките на иста компанија. Во конкретниов случај, мојата поента беше – со нивни поврзани „пријателски“ добавувачи, или фиктивно неповрзани со АД „Македонски Телеком“. Така трансферираниот, всушност, „украден доход“ од компанијата, потоа, се разбира, тие знаат како меѓусебно да си го распределат.
Дадената изјава воопшто не им се допаднала ни на менаџерите во Скопје (Унгарци) ни на нивните претпоставени во Будимпешта. Само три дена потоа, еден од нив (Andras Balogh) побара да го примам на разговор во Министерството. Го примив. Со првата реченица веднаш ми се пожали дека мојата изјава била некоректна. Дека многу ги погодила и дека тие сакаат да имаат „добра соработка“ со Владата. И, не рече, но во контекстот на средбата така излезе, како знак на „добра волја“, понуди, конечно, „да почнеме со исплата (поделба) на дивиденда помеѓу акционерите“. Го прашав: „А колкав износ предлагате за поделба?“ Стануваше збор за финансиската 2002 година. „Двесте милиони!“. „Денари или евра?“ – додадов. „Денари“, рече, без никаков срам (нецели 3,3 милиони евра). Го погледнав и му реков: „Благодарам, задржете си ги сите тие пари само за вас“. Истовремено, му се заблагодарив за посетата. Не му беше пријатен крајот, но мораше да си замине.
Го информирав Црвенковски (премиерот) и му реков дека од следниот ден ќе испратам неколку инспекции во АД „Македонски телекомуникации“ (даночна, трудова…) за да го претресат работењето на Компанијата, нагласувајќи му дека „странскиве персони“ си играат мајтап со нашата држава. Го информирав, зашто ми беше јасно дека по неколку дена, највисокото раководство на компанијата сигурно ќе бара прием кај него.
Така и се случи. По неколку дена, со Црвенковски примивме делегација од тројца нивни високи раководители, на чело со Elek Straub, главниот шеф од Будимпешта. Споменатиов ги кажа истите фрази за нивната желба за добра соработка со Владата и исто така понуди да почнеме со поделба на дивиденда. На прашањето на Црвенковски за колкав износ се работи, рече – 500 милиони денари (малку над 8 милиони евра „само“ за Владата. На тоа, Црвенковски веднаш му се заблагодари за посетата, без никаков коментар за понудата.
Беа вџашени, но тргнаа кон излезната врата. Со Црвенковски разговаравме пред состанокот. Мојот став беше дека не треба да лицитираме износи, туку да бараме стручно утврдување на реалниот финансиски резултат на фирмата, за годината што измина (2002 година) Тоа треба да покаже колкав е профитот и колку кому, според процентот на акциите, ќе му припадне. Кратко потоа, кон крајот на јуни, Црвенковски замина на познатиот самит во Грција: ЕУ – Западен Балкан.
Таму бил и спомнатиот Elek Straub. Се сретнале и го решиле прашањето. Ми се јави од таму и ми соопшти дека понудата била 1.170 милиони денари (околу 19 милиони евра) за нашата држава. На Црвенковски тоа му се сторило доволно добра понуда (во споредба со претходните) и ја прифатил.
Дали тоа беше избрзано? Бездруго! Требаше да продолжиме со притисокот! Не само порди тоа што подоцна ќе се обелодени дека добивката на компанијата за таа година изнесувала над 100 милиони евра. Што значи дека „ни дале“ најмалку двојно помалку. Уште повеќе што со тоа го прекинавме притискот да им покажеме дека финансиските резултати мора да бидат точно прикажувани, дека нема да дозволиме никој да се мајтапи со државата со навредливи лицитирања за распределба на добивката, дека нема да толерираме такви нездрави практики во државата. Подолу ќе видиме кон какви нездрави политики и практики прибегнал менаџментот на компанијата, во отсуство на редовна стручна (непристрасна) ревизија на нејзините годишни финансиски сметки.
Но, ако не друго, Маѓарите („главатарите“ на Компанијата) ги „запаметиле“ моите изјави и ставови.
Како ме казнија гангстерите од Будимпешта?
До крајот на 1999 година го подготвив за живеење и долниот кат од мојата куќа. И на почетокот од 2000 година решив да го издавам. Пријавив во Агенцијата за недвижности „Ренесанс“. Дојдоа, проценија и рекоа: бидејќи има и дворно место и е убаво уредено, ќе бараме 2.000 евра месечна станарина. Во тој период станарините беа високи, како никогаш претходно. Пред, за време и непосредно по војната од 2001 година, во државава „вриеше“ од странци.
Брзо ми го доведоа станарот, Унгарец, Иштван, на добра позиција во АД „Македонски телеком“, со месечна плата од 24.000 евра. Го бендиса станот и почна да живее. Кон крајот на 2003 година го продолживме договорот и за 2004 година, со замолница дека би сакал и идната, 2005 г одина, да живее во него. Неколку дена по четвртото продолжување на Договорот, бев сменет од министер за финансии. Три дена по мојата смена добив директно писмо од службите на Телеком дека го откажуваат штотуку потпишаниот договор. Го сретнав „мојот“ Иштван, го прашав дали се враќа во Унгарија. Рече, „не, останувам, но мора да ја променам адресата на живеење“. Се ракувавме и му посакав сé најдобро!
Но, јас не бев единствениот кому истиве газди „му паметат“ што кажал и затоа го казнуваат. Јавноста се сеќава на случајот со Симо Груевски. Како претставник на државата во Бордот на директори на Телеком, се спротивставил на некои нездрави практики на менаџментот на компанијата. И откако се уверил дека немаат фајде неговите реакции пред органите на компанијата, исто така и од информирањето на Владата, која таму го испратила да ги штити нејзините интереси, решил да ја информира јавноста преку прес-конференција, обелоденувајќи дел од валканиците.
Главниот извршен директор веднаш (09.04.2004 година) му врачил отказ, без отказен рок. Ни Владата, ни судовите, не го заштитија од казната за доблесната работа. Ја загуби битката против корумпираниот џин, поддржан од корумпираната државна администрација и од корумпираното судство. Независно од тоа што интерната ревизија, наложена од Одборот за ревизија на „Маѓар Телеком“, извршена од независниот правен консултант White & Case, за состојбите во „Македонски Телеком“ (во белешките кон консолидираните финансиски извештаи од 2009 година), навел: „Во периодот меѓу 2000 и 2006 година мала група на поранешни членови на Извршниот менаџмент на „Маџар Телеком“ и македонските подружници на „Маџар Телеком“ одобриле издатоци од приближно 24 милиони евра, преку повеќе од 20 сомнителни договори за консултантски услуги, за лобирање (вистинскиот израз е ‘подмитување’) и за други договори (вклучувајќи и одредени договори помеѓу „Маџар Телеком“ и неговите подружници, од една страна и подружници на консултантска компанија со седиште на Кипар, од друга страна). Финалниот извештај заклучува дека „достапните докази не утврдуваат дека договорите според кои се направени овие издатоци биле легитимни“.
И покрај ова, „слугата Јернеј“ (Симо Груевски) остана без неговото право до денешни дни. Како, впрочем, и многу други – името им е легион!
Ѓаволот „ни копа ни ора“ – повторното соочување со одмаздничкиот, корумпирачки и корумпиран менаџмент
По шест месеци, стапив на должноста гувернер на НБРМ (крајот на мај, 2004 одина). Месец дена потоа, секретарот на Банката ме информираше дека истекол Договорот за мобилната телефонија, склучен меѓу НБРМ и дотогашниот снабдувач, АД „Македонски Телеком“. Му реков: „Распишете оглас, нема потреба за тоа да ме прашувате“.
Службата го објави огласот, според Законот за јавни набавки. Клучен за изборот беше факторот цена за услугата. „Космофон“ понудил пониски цени за услугата. Дојде истиот секретар, ми го кажа тоа и ме праша: „Како да одлучиме?“ Веројатно, според некои поранешни навики. Му реков: „Одлучете во согласност со Законот!“. Ме погледна и замина. Комисијата се определила (како што треба) за поевтината понуда, за „Космофон“.
По тој ден, корумпираниот Атила Сендреј (главниот извршен директор на АД „Македонски Телеком“) секоја недела бараше да го примам во кабинетот на НБРМ. Секој месец, со посебно извезен текст, „благоугодувачки“, ме канеа на нивните мали и големи прослави (организирани приеми по разни поводи). Ги игнорирав. Фрчеа интервенции, од повеќе страни, да го примам на разговор спомнатиот „шакал“.
По шест месеци, се решив да го примам. Дојде „шакалот“ со покојниот Жарко Луковски – близок пријател на Груевски и на Сашо Мијалков. Се разбира, не бев сам. Никогаш такви луѓе не примам на разговор во „четири очи“. Мора да има некој од моите соработници.
„Шакалот“ ми изложи понуда, со цени двојно пониски од оние со кои учествуваа на тендерот. Патем, додаде: „Ова да остане само меѓу нас“. Му се заблагодарив за новата понуда и му реков: „Одлично, да настапевте со оваа понуда на тендерот, сигурно ќе победевте! Но, одлуката е донесена во согласност со понудите. Тендерот, откако заврши, не можеме да го поништуваме. Следниот пат, ако се јавите со оваа или уште подобра понуда и ако никој не понуди подобро од тоа, бидете сигурни, вие ќе ја снабдувате НБРМ со вашите услуги“.
Така заврши мојата приказна со АД „Македонски Телеком“. Но, не заврши приказната на нашата држава со нив и молзењето на нашиот сиромашен народ. Не заврши, затоа што не само што не пресуши, туку бликна уште посилно, изворот на корумпирани функционери.
Криминална сторија како од романите на Агата Кристи, сo таа разлика што во оваа – жртвите умираат бавно!
Почнувајќи од крајот на декември 2004 до 30 јуни 2006 година, се одвивало криминалистичко сценарио достојно за романите на славната Агата Кристи, со таа разлика што во оваа жртвите умираат побавно. Ново сценарио за ограбување на граѓаните на Македонија, кое се испишувало и реализирало на релацијата Атина – Скопје – Мала Речица – Будимпешта. Главни актери: од едната страна, највисоките функционери на „Маѓар Телеком“ (подмитувачите), а од другата страна, самиот врв на Владата на Република Македонија и првите луѓе на партијата ДУИ (подмитените) „координирани“ од валканиот посредник помеѓу нив, грчкиот бизнисмен Димитрис Контоминас. Дизајнерот и оперативен изведувач на целото сценарио, полно со тајни средби, меморандуми за разбирање, протоколи за соработка, нон-пејпери (потпишани и непотпишани), гангстерско извлекување на огромни количини пари во кеш, нивно криумчарење преку граница, дистрибуирање на полните торби со евра до подмитените. Сé во духот на гангстерскиот и казино капитализмот по чие инсталирање во нашава земја не само што не се виде благ ден туку, им се украде надежта на луѓето дека таквиот е воопшто можен.
Фабулата на криминалистичката драма првпат, со целосна педантност и утврдени факти, ни ја соопшти Комисијата за хартии од вредност на САД. Голем дел од оперативните технички детали, фазите и средствата на самата операција подробно ги изложи, во своето сведочење за потребите на Комисијата и Њујоршкиот суд, еден од организаторите на повеќето средби помеѓу главните актери – Слободан Богоевски (екс-заменик секретар за државна безбедност во Министерството за внатрешни работи на Македонија).
Фабулата на крими-драмата, според соопштението на Комисијата за хартии од вредност на САД (29.12.2011) гласи (цитирано):
- Комисијата за хартии од вредност (на САД) денес го казни најголемиот телекомуникациски снабдувач во Унгарија и тројца негови поранешни највисоки менаџери поради подмитување на владини и партиски функционери во Македонија и во Црна Гора, за да добијат бизнис и да ја исклучат конкуренцијата во телекомуникациската индустрија.
- Тројца највисоки менаџери на „Маџар Телеком“ организирале, одобриле и извршиле план за подмитување на македонски функционери во 2005 и 2006 година, за да го спречат воведувањето нов конкурент (на македонскиот телекомуникациски пазар) и да стекнат други регулаторни користи.
- Подружниците на „Маѓар Телеком“ во Македонија ги извршиле незаконските плаќања од приближно 6 милиони долари под маската на лажни консултантски и маркетинг договори…“ (Богоевски вели дека бил исплатен поголем износ).
- Матичната компанија на „Маѓар Телеком“, „Дојче Телеком“ (Deutsche Telekom AG), исто така е казнета поради прекршување на книговодствените, извештајните и интерните контроли, согласно Актот за коруптивни практики во странство (FCPA).
- „Маѓар Телеком“ се согласи да ги подмири (плати) отужените долгови, 31,2 милиони долари над профитот заработен од неговите незаконски активности, како и каматата за периодот до донесувањето на судската одлука.
- „Маѓар Телеком“ исто така се согласи да плати 59,6 милиони долари за кривична казна, како дел од договорот за одложена тужба што беше објавено денеска од страна на Министерството за правда на САД.
- „Дојче Телеком“ ги прифати обвинувањата на Комисијата за хартии од вредност на САД, како дел од договорот за неподнесување тужба со Министерството за правда, да плати казна во износ од 4,36 милиони долари.
- Тројцата поранешни водечки менаџери на „Маѓар телеком“, обвинети од Комисијата за хартии од вредност за организирање подмитувачки шеми се: Еlek Straub, поранешен претседател и главен извршен менаџер, Andras Balogh (мојот „гостин“ во Министерството за финансии), поранешен директор за централно стратегиско организирање и Tamas Morvai, поранешен директор за развој на бизнисот и аквизиции.
- Според тужбите на Комисијата за хартии од вредност поднесени до судот во Јужниот Дистрикт на Њујорк, како резултат на легислативата со намера да се либерализира македонскиот телекомуникациски пазар, „Маѓар Телеком“ влегол во таен договор, насловен „Протокол за соработка“ со високи владини (македонски) функционери, за да го одложат и спречат издавањето лиценца на нов конкурент и да ублажат други негативни ефекти од новиот закон. За да ја добијат нивната поддршка, „Маѓар Телеком“ платил 4,875 милиони евра на посредник под серија лажни договори, со намера посредникот да ги проследи парите на владините функционери. „Маѓар телеком“ исто така ѝ ветил на македонската политичка партија можност да назначи корисник/бенефициент на бизнис-проект во замена за партиската поддршка.
Што конкретно сакале да остварат подмитувачите?
Сакале да продолжи монополската позиција на АД „Македонски Телеком“, да останат единствениот снабдувач на телекомуникациски услуги на пазарот во Македонија и по 2004 година, зашто рокот што им беше гарантиран со договорот за купување на компанијата од 2001 година им истекувал на крајот на таа година.
Сакале Владата на Република Македонија (Владо Бучковски) да не ги продава во пакет останатите 47% државни акции, туку да прифати продажба на само 9,99% од нив и тоа, се разбира, ним.
Сакале Владата да се откаже од судскиот спор што го почнала против АД „Македонски Телеком“, затоа што компанијата ја немало исплатено задолжителната компензација на трошоците за користење на фреквенцијата на мрежата.
Зошто овие цели? Просто како амеба!
- Прво, со продолжување на монополската позиција продолжува собирањето (од нивна страна) на монополска рента: сами се на пазарот, диктираат цени на услугите. „Жнеат“ колку сакаат. Плаќаат искубаните граѓани и компаниите во Македонија.
- Второ, со купувањето само на дополнителните 9,99 % од акциите на Владата, странскиот сопственик би убил два зајака со еден куршум: добива двотретинско мнозинство од капиталот, со што го маргинализира влијанието на Владата во политиката и носењето на главните одлуки на компанијата;
- Остатокот акции (околу 35%) не мора воопшто да го купува; заштедува многу пари или, ако сака, потоа може да ги купи, но во новонастанатата состојба за нив би платил багателно ниска цена. Интересот на други инвеститори би бил маргинализиран.
Подмитените им ги задоволија сите барања на подмитувачите!
Виделината на денот покажа дека сите барања на странскиот акционер се прифатени – без оглед на огромната штета по интересите на граѓаните на Македонија.
На 25.02.2005 година Парламентот го изгласа новиот Закон за телекомуникации, во согласност со барањата на подмитувачите. Законот помина и со „амин“ на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Водството на оваа партија не добило торба со пари за време на опишанава афера, туку, можеби, било благодарно за благоугодностите од некои претходни „аранжмани“. Тие „претходни аранжмани“ можеби се дел од статусот на Љубчо Георгиевски како „средно богат бизнисмен“ и дел од неколкуте станови на почитуваната мајка на Никола Груевски од периодот пред синот да стане премиер.
Раководството на ова партија ја имаше на глава и аферата позната како „Аналитико“ ујдурма. Сижето на оваа афера беше: во фирма, со назив „Аналитико АИ“, регистрирана на адресата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ од 2005 година, до нивното трансформирање во државни функционери (до победата на изборите, 05.07.2006 година), биле „вработени“ клучни функционери на партијата: Гордана Јанкулоска, Елизабета Канческа-Милевска, Миле Јанакиевски, Мартин Протугер, Оливер Шамбевски, како и личниот телохранител на Никола Груевски, Ален Зекиров, личната секретарка, Ленче Самарџиска и други. Во 2006 година, партискава фирма заклучила договор со АД „Македонија Телеком“ за наводно продавање на СИМ-картички. Врз основа на таквиот договор, компанијата им исплатила 120.000 евра.
Така, странскиот сопственик во АД Македонски Телеком ги имаше „обезбедено“ трите најголеми партии во Парламентот за целосна поддршка и на Законот за електронски комуникации и за што било друго.
На 05.06.2006 година медиумите објавија:
„Маѓар Телеком“ купи 9,9% од Телеком. Експресно е продаден првиот пакет од 9,9% од државните акции на „Македонски телекомуникации“ на само пет минути по отворањето на јавното берзанско наддавање. На аукцијата вчера се јави еден купувач за пакетот од 9.488.040 акции и плати 60,3 милиони евра. Трансакцијата беше реализирана по почетната цена од 389 денари по акција.
Премиерот Владо Бучковски, бесрамно изјави: „Акциите се продадени по пазарна цена.“
Што беше тоа совест?
„Расчистување“ на аферата!
Сите бараа(т) расчистување на аферата. И јавноста и сите партии во власта и опозицијата. Аферата до денешни дни остана во приказните, кои сѐ повеќе ги покрива прашината на заборавот. СДСМ изјавуваше дека „поднело кривична пријава против непознат сторител за примање поткуп од АД „Македонски Телеком“. Екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, изјавуваше дека „МВР, по темелна истрага, поднело кривична пријава до Државното јавно обвинителство“.
Цитираниот Слободан Богоевски, во своето сведочење за потребите на американската Комисија за хартии од вредност и судот во Њујорк, изјавил дека есента 2008 година, преку Павле Трајанов, тогаш коалиционен партнер во Владата на Република Македонија предводена од Никола Груевски, „му ги предал сите документи на Груевски за да му помогнат во истрагата на аферата“. Наведениот ветил, по кој знае кој пат, дека „аферата ќе биде расчистена до крај“. Наспроти сето тоа, од Јавното обвинителство изјавуваа(т), итарпејовски, дека „обработувањето на доказите од американските институции ќе биде зијан, зашто тие не се признаваат во Македонија“.
Ајде, да не ја земеме сериозно кривичната пријава на СДСМ против непознат сторител за зeмање поткуп од Телеком! Но, што станало со кривичната пријава од МВР, на Гордана Јанкуловска? Нема објаснување? Има! По предавањето на документите во рацете на Никола Груевски, Слободан Богоевски сведочи дека дошло до средба меѓу Димитрис Контоминас (со неговиот соработник Малелис) од една страна и Никола Груевски и Сашо Мијалков, од друга страна, во хотелот „Кемпински“ (Грција). По таквата средба, јавноста во Македонија постојано беше бомбардирана со процутот на бизнис соработката меѓу компаниите на Димитрис Контоминас и Сашо Мијалков. Оттогаш натаму, бројот на подмитувачи и подмитени експоненцијално се зголемува, заедно со износите.
Грабежот преку „Телеком-зделката“ – универзален модел за ограбување на граѓаните!
Применетиот „патент“ за ограбување народни пари во случајот „Телеком“, всушност, не е случај во Македонија. Тој е масовно применет патент. Претворен е во генерален modus operandi и modus vivendi. Во зависност од тоа дали ваквите грабежи се проследени со насилство или не толку повеќе се слични или различни со колумбиската парадигма на испреплетеност на мафијата и државата, но, во суштина, тоа е парадигмата.
Слични (или, сосема истоветни) каква што е „Операцијата Телеком“ се и случаите на продажба на рафинеријата „Окта“, „Операцијата Кинески кредити“, добивањето на тендерот од страна на компанијата „Бектел“ за изградба на патната инфраструктура на Коридорот 8, доделувањето на бизнисот на турската компанија за изградба на железничката пруга кон Бугарија… На ист начин со децении се ограбува РЕК „Битола“, никнат посреднички фирми (на деца на државни функционери и нивни пријатели), кои, со еден вработен, го „снабдуваат“ ЕСМ со мазут, јаглен, електрична енергија од „слободниот“ европски пазар на енергетика во зделки од повеќе милиони евра.
И така, до бесконечност…
Затоа, вистински идиотизам е да се бараат причини зошто Македонија има повеќе од двојно побавен економски раст по осамостојувањето, во споредба со првите 3 до 4 децении на „неприродниот“ политичко-економски систем по Втората светска војна. И зошто, во странство, се „накотиле“, во изминатите три децении, околу 600.000 македонски пасоши. Зошто бегството од државата продолжува. Зошто ни горат живи пациенти во матни „модуларни ковид-болници. Зошто не се санкционираат виновниците за масовни погибија на патиштата. Зошто умираат пациенти поради недостиг од лекови, итн.
Кога одличноста е заменета со потпросечност, кога мафии ги запоседнале институциите на државата и се раздавачи на правото и правдата и реални сопственици на националните добра, не треба ништо да нѐ зачудува. Нема место за длабоко созерцирање. Сите се луди и збунети, само мафијашите – умни.
Колку се оштетени граѓаните на Македонија од зделките со и во АД „Македонски Телеком“?
Приближната штета од продадената компанија АД „Македонски телекомуникации“ (згора на тоа продадена многу евтино и исцедувана со годишни финансиски сметки) може да се изврши само со посебна експертиза, која никој и никогаш, во оваа држава нема да ја направи. Во секој случај, штетата е огромна.
Само, како назнака, ќе приложам некои бројки изведени од оние на веб-страницата на Компанијата и некои нејзини годишни финансиски сметки.
Од 2002 до 2021 година (период од 20 години) вкупната (пријавената) бруто добивка на компанијата изнесувала, близу 1,3 милијарди евра. Просечно годишно по околу 65 милиони евра. Од вкупните 1,3 милијарди евра добивка, нашата држава, во истиот период, инкасирала (или требало да инкасира, според уделот во вкупните акции на компанијата) околу 550 милиони евра. Доколку компанијата би останала во целосна „домашна“ сопственост, ќарот на нашата држава не би бил 927 милиони евра (317 од продажбата на пакетот од 51%, 60,3 од подоцнежната продажба на 9.99% од акциите и 550 од дивидендата) туку вкупнот ќар би бил целата добивка од 1,3 милијарди евра (рековме фризирана надолу) плус целата пазарна вредност на компанијата.
Знам дека многу „мудреци“ од нашиот арсенал на политичари, приватни бизнисмени и „независни“ аналитичари би рекле: „Ако не ја продадовме компанијата, ќе ги немавме ни тие пари. Ќе беше доведена до состојба на загубар.“ Овој одговор, парадоксално, е и точен и идиотски. Точен е зашто случајните функционери и по основна „вокација“ арамии, нема што не би упропастиле. Идиотски е зашто нему му е пар само ова контра прашање: „А зошто сакате да имате своја држава?“
Изгубената совест!
Пред близу два месеца, случајно, на една од телевизиите, налетав на реприза од минатогодишниот ораторски натпревар на студентите од Правниот факултет во Скопје. Говореа жестоко, инспиративно за аномалиите во нашето општество. За корупцијата, за бесперспективноста, за бегството на младите од државата.
На крајот, гледам кадар со „нивниот“ професор Владо Бучковски, кој ја доделува наградата за оратор на годината. Му честита на добитникот, бодрејќи го за потоа. Сликата непотполна. Недостасуваат Али Ахмети, Никола Груевски, Љубчо Георгиевски и сличните „корифеи“ на корупцијата во Македонија. Штета што не беа сите заедно – студентите ќе беа уште подобро охрабрени.
Ќе се видеше целиот „фронт за Европа“ и за беспоштедната „борба против корупцијата“!