„КОЈ ДУШМАН ЌЕ ВЛЕЗЕ…“ Им порача ли Османи на Бугарите да не доаѓаат на роденденот на Гоце?
Османи деновиве беше под притисок на македонската јавност да ги прогласи Ангелов и Костадинов за персона нон грата. Но, тој тоа не го стори, па овие негови изјави дадени во Софија може да се толкуваат како негов обид за амортизирање на гневот на јавноста, но повторно без конкретни дипломатски чекори.
Провокатори и насилници не смеат да ги нарушат односите помеѓу Македонија и Бугарија – порача министерот за надворешни работи Бујар Османи во својата изјава пред софиската болница, каде денеска го посети нападнатиот секретар на бугарскиот центар „Цар Борис Трети“ од Охрид, Христијан Пендиков.
Пред бугарските медиуми Осамни рече дека Бугарите во Македонија ги имаат истите права како и сите други заедници, но истовремено нагласи дека во Македонија нема место за бугарски политичари кои го навредуваат и негираат македонскиот народ.
– Ние нема да дозволиме негирање на бугарската заедница во Македонија, но нема да дозволиме ниту негирање на македонскиот народ, и затоа сакам да упатам порака дека и тие провокации треба да престанат. Значи, секое доаѓање во Македонија со цел навреди кон македонскиот народ, негирање на македонскиот народ, ќе мора сериозно да го адресираме и тоа ќе биде последно доаѓање во Република Северна Македонија – рече Османи.
Пораката на Османи доаѓа по серијата изјави на европратеникот од ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, како и на лидерот на парламентарната партија Преродба Костадин Костадинов, дадени минатиот викенд во Скопје на чествување на 95-годишнината од смртта на тетовчанката Мара Бунева. Организатори на настанот беа бугарската Фондација „Македонија“, како и бугарскиот европратеник Џамбаски. Тој повикуваше да прекине „геноцидот врз Бугарите наложен од Коминтерната“, рече дека во Македонија и Бугарија живее „еден народ, во две држави”, и повеќепати рече дека „Македонија е бугарска“.
Провокациите од Џамбаски не се единствените што дојодоа од политичари од Бугарија, а беа искажани во Скопје. Бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, кој е и лидер на националистичката партија Преродба, изминатите месеци во два наврати зборуваше дека Македонија е „втора бугарска држава на Балканот“. Една таква изјава тој даде среде Скопје, каде што на 24 ноември присуствуваше на отворање на Културно-информативниот центар на Бугарија.
Поради ваквите навредливи, шовинистички ставови, кои се санкционираат според македонскиот Устав и закони, и се неспоиви со меѓународното право и добрососедската политика, Османи деновиве беше под притисок на македонската јавност да ги прогласи Ангелов и Костадинов за персона нон грата. Но, тој тоа не го стори, па овие негови изјави дадени во Софија може да се толкуваат како негов обид за амортизирање на гневот на јавноста, но повторно без конкретни дипломатски чекори.
Изјавите на Османи се дадени во пресрет на најавеното доаѓање на поголема група Бугари на гробот на Гоце Делчев во Скопје и може да се сметаат како предупредување до евентуалните гости од Бугарија.
Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“, на својот Фејсбук профил најави дека годинава ќе биде организиран превоз на Бугари кои сакаат да се поклонат на гробот на Гоце Делчев во Скопје.
„Фондацијата Македонија ги поканува сите Бугари, бугарските политички партии и невладини организации, заедно да прославиме 151 година од раѓањето на бугарскиот национален револуционер Георги Делчев во Скопје! На 4 февруари (сабота) во 12 часот по локално време (13 часот бугарско)! Обезбедивме превоз со автомобил за оние кои сакаат да дојдат! Повелете масовно во Скопје да го прославиме сите заедно нашиот народен херој Георги Делчев“, се вели во објавата.
По овие најави на социјалните мрежи во Македонија почнаа да се појавуваат повици за организирање македонски собир на 4 февруари на гробот на Гоце Делчев, во црквата „Свети Спас” во Скопје.
„Слушам дека разни негатори и бугарски инсталации се спремаат да положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев на 4 февруари. Јас и Патриотскиот институт на ВМРО ќе бидеме таму од раните утрински часови затоа што Гоце е Македонија, а Македонија е Гоце! Почитувајте го Гоце како Македонец роден во Македонија и никако поинаку!” – напиша на Фејсбук Александар Пандов, активист и поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, уште повеќе се вжешти реториката во врска со овој настан, поради инцидентот во Охрид каде беше натепан секретарот на бугарскиот клуб, во кафанска тепачка.
„И додека тројца шовинисти го претепаа нашиот брат во Охрид, Христијан Пендиков, ние ќе дојдеме илјадници. Кој ќе крене рака на Бугарин, ќе остане без раката! Му посакуваме на нашиот брат брзо закрепнување“ – напиша споманитиот Виктор Стојанов, кој ја организира посетата на Бугарите на гробот на Гоце Делчев.
Во исто време, пратеникот Костадинов, коментирајќи го нападот, рече дека состојбата е таква што во Македонија „ќе почнат да убиваат Бугари“.
Изјавата на Османи во Софија покажува дека македонските власти се свесни дека роденденот на Гоце Делчев може да прерасне од настан со висок ризик, па се обидуваат да обесхрабрат идни провокации. Но, со оглед на досегашните искуства, и аспирациите на Бугарија кон Гоце Делчев, шансите да се одбегнат вербалните провокации се рамни на нула. Прашањето е што може уште да се стори за спречување на евентуални физички контакти и инциденти.
Можно е оваа тема – прославата на 4 февруари и ризикот поврзан со неа, да се најде на дневен ред и на утрешната редовна седница на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски. Според кабинетот на Пендаровски, точки на дневен ред на седницата ќе бидат „безбедносната состојба во Република Северна Македонија и евро-атлантскиот регион“. По седницата проценка за безбедносната состојба ќе даде претседателот Пендаровски.