Мирновременски пци на војната

Она што во случајов е најпоразително, е сликата што – конечно – ни се заокружува за ликот, или ликовите, на одделни самопрогласени македонски интелектуалци, па дури, ако сакате, и за современиот македонски интелектуалец како прототип. Зашто, обелоденувањето на страотниот коруптивен однос на дел од самонаречената македонска интелектуална „елита“ со странски фондови е поразителен за македонското општество.

1,018

Колку и да се нештата сега многу појасни со оној извештај на Стејт департментот за таканаречениот CRIF, попознат како „Countering Russian Influence Fund“, останува запрепастувачки молкот на јавноста. Или уште не е јасно од каде она срамно запењевено повеќегодишно спомнување на Русија, Путин, Москва итн., во секоја втора реченица – и кадешто треба и кадешто не е неопходно – од страна на македонската (квази)интелектуална и еднакво (квази)медиумска „елита“? На оние ситни распродадени македонски душички така желни за мирисот на зелената валута? И која била тарифата, ќе ни каже ли некој? Секое спомнување на бараните зборови по илјада зелени? Или повеќе? Или малку помалку? Колку и да е, важно е да има плима – high tide – односно прилив на сметките!

И не можат дотичните ситни душички да се жалат на скапотијата, на сиромаштијата и слично бидејќи причините за ваквиот нивен „ангажман“ не е тоа. Тие се сѐ друго освен – сиромашни. Зашто, ако малку се потсетите на имињата на оваа орда CRIF клиенти кои секојдневно нѐ бомбардираа со нивната „загриженост“ за состојбите во руско-украинскиот судир, повеќе од јасно е дека мотивите за нивниот толку „слободоумен“ и така „хуманистички“ ориентиран „крик“ се наоѓаа(т) во најприземните, чисто лукративни односно платенички исходишта. И тоа е, се покажува, почетокот и крајот на нивниот мотив за леење солзи за Украина и украинскиот народ и излевање пцости контра Русија, Путин, Москва и др. Кога ќе секне спомнатиот фонд, ќе секне и нивната агитација!






Но, се разбира, јас сепак, и свесно, го минимизирам значењето на овие профитери. Тие, во многу нешта, повеќе наликуваат на оние познати dogs of war во нивното современо односно видоизменето значење од употребата на истата фраза кај, на пример, Плутарх, Шекспир, Иго и др. Нашиве локални „воени кучиња“ се лепат на сите несреќи коишто можат да бидат лукративни, иако некои наши високопозиционирани политиканти, меѓу другото, сакаат тоа да го поврзат со нашето членство во НАТО, со нашата припадност/ориентација кон мирот итн. И тоа би било, или можеби ќе беше, така ако не се појавеше оваа информација за огромниот фонд од преку Атлантикот што потплатува – да го именуваме со вистинското име! – сѐ по список:  поединци, групи, медиуми и др., за агитација контра нешто.

Тоа нешто, во случајов – и тоа воопшто не е спорно – е вперено контра милитаристичките операции на една голема сила контра помала и воено послаба суверена држава. И тука нема и не може да има компромиси, иако реално, и објективно, ги има односно ако се тргне кон изворот тоест причините за него, се добива една малку поинаква слика. Но, ни тоа, се разбира, не може да биде оправдување за агресија од таков обем и загрозување на животите на недолжното население и деструкција од такви размери.

Но, повторно она големо „но“: реакциите на државата во нејзината надворешна политика, како членка на НАТО и аспирант за членство во Европската унија, во таа насока се разбирливи и, да речеме, неопходни. Меѓутоа, ако низ таа држава, или „држава“, како сакате, поминува тој (странски) фонд за агитација, којшто понатаму се дисперзира во нејасни насоки и кон „непознати“ поединци, групи и институции, тогаш нештата попримаат сосема други димензии. Дали и коруптивни? Секако, беспоговорно, што пак на целата „операција“ дава и поинаква светлина. Можеме ли, го имаме ли тоа право, веќе утре да се сомневаме и во други вакви контролирани агитации, кампањи и слични хистерични одгласи? Се разбира.

Меѓутоа, она што во случајов е најпоразително, е сликата што – конечно – ни се заокружува за ликот, или ликовите, на одделни самопрогласени македонски интелектуалци, па дури, ако сакате, и за современиот македонски интелектуалец како прототип. Зашто, обелоденувањето на страотниот коруптивен однос на дел од самонаречената македонска интелектуална „елита“ со странски фондови е поразителен за македонското општество. Тоа значи дека веќе утре тие мирновременски „пци на војната“, тие интелектуални платеници можат да бидат – за добра награда! – ангажирани за лобирање, промоција и застапување на секакви други „иницијативи“. Некој ќе рече, како што тоа сака да го претстави и министерот за надворешни работи, дека тие, во случајов, биле на вистинската страна на историјата. Дали е баш така?

Ако е така, зошто биле неопходни странски финансиски „инјекции“, зошто била потребна таквата гласност токму за наводните нивни хуманистички погледи, но не и за некои витални проблеми што го мачат македонското општество? Или за тоа никој не ги плаќа(л)? И зарем не стаса тој македонски „интелектуалец“ да ги исмејува и/или доведува под некакво провинциско сомневање дури и книжевните награди што македонски писатели ги добиваат од Русија? Или да се хистеризира и на секое спомнување личности/настани од културната историја на Русија, да се исмева Достоевски, да се откажуваат концерти со музика од руски композитори? И за тоа ли некој добивал долари?

Затоа, всушност, оваа локална лукративна игранка на македонските мирновременски „пци на војната“ е страшен срам за македонската култура и за државата во целина. Го соголува македонскиот интелектуалец „до коска“, страотно ги разоткрива неговите ниски лукративни страсти и подобноста за секаков наемнички однос. Ако е добро платен, се разбира.

Дали нештата стануваат појасни, особено за последниве две-три години? Дали сега ги гледаме во поинаква – вистинска? – светлина оние македонски „професори“, „новинари“, „аналитичари“…?

Кога оваа држава би била навистина демократска, цивилизирана и правдољубива, веќе утре Собранието би требало да побара точна информација од Владата каде, и како, бил употребен спомнатиот CRIF фонд. По име и презиме, и износи. Тоа би морале да го бараат пратениците, сите до еден, освен ако и тие, или некои од нив, не се наоѓаат на тој список. Зашто, спомнуваниот износ од околу шеесет милиони долари не е мал. За пет години тоа се околу дванаесет милиони долари годишно односно милион долари месечно. Каде отишле тие пари?

Ги интересира ли народните избраници тој податок; ја интересира ли јавноста кој и за колку зелени банкноти речиси секојдневно ни држел „морални“ лекции руско-украинската војна?

Секако, овие платеници излегле прилично побогати од оваа „антивоена“ операција. Но и многу посиромашни во моралот и професионална етика, со доблесноста и чувството за мерка (ако воопшто ги имале!). Таквиот платен хуманизам не е ништо друго туку еднаков, на исто рамниште, ако не и помизерен, со оној на вистинските воени платеници на сите светски фронтови, па и на руско-украинскиот. Но уште попоразителен е молкот на институциите, на медиумите, на јавноста/интелектуалците (оние малкумина преостанати!) за овој најнов скандал и таквата вмешаност на високи кругови на македонското општество.

Зашто, уште Ајнштајн рекол дека светот нема да биде уништен од оние кои чинат зло, туку од оние кои тоа го гледаат и не преземаат ништо. А ние со години, со децении, само – гледаме!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини