ИСКУБАНИ КОСИ, ГРЕБНАТИНИ ПО РАЦЕТЕ Вработена во болницата во Кочани нападнала три колешки
Нападнатите сестри имаат искубана коса, гребаници по лицето и рацете, но тие пружиле и отпор кон колешката Ј.Т. Тие од денеска се на боледување.
Вработена во болницата во Кочани вчера била пријавена дека физички нападнала три свои колешки, соопшти МВР.
„На 13.12.2022 во 13.10 часот во СВР Штип, вработена во Општа болница Кочани пријавила дека на едно од Одделенијата на болницата, вработената Ј.Т.(44) од Кочани физички ги нападнала нејзините колешки Б.А.(47), Т.С.(53) и М.К.(58), сите од Кочани“, велат од полицијата.
Според порталот СДК, напаѓачката е медицинска сестра од одделот за радиологија, а инцидентот се случил ноќеска, за време на дежурството. Нападнатите сестри имаат искубана коса, гребаници по лицето и рацете, но тие пружиле и отпор кон колешката Ј.Т. Тие од денеска се на боледување.
Трите вработени тврдат дека нивната колешка подолго време ги малтретирала, а тие тоа го пријавувале кај директорот на болницата, но тој не преземал ништо, освен културен разговор со насилната колешка, пишува СДК.мк, потсетувајќи дека во изминатите неколку години во болницата се забележани неколку вакви случаи на тепачки и расправии меѓу медицинскиот кадар и на напади од пациенти врз персоналот.