ОДБИВАВМЕ ДА ПРОДАВАМЕ БИЛЕТИ БЕЗ ФИСКАЛНИ Ленин со документи ги негираше обвинувањата на Арсовска

Долгот со доаѓањето на Арсовска за градоначалник изнесува 19.811.516 денари, а сега е зголемен повеќе од 3 пати односно 300 проценти, а долгот кон „Макекспрес“ според нив изнесува 29.949.867 денари – рече директорот на „Слобода превоз“.

3,279

Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, приложувајќи документи ги негираше обвинувањата на градоначалничката Данела Арсовска поврзани со бројот на автобуси со кој приватните превозници го вршат превозот во Град Скопје, долгот кој го има ЈСП Скопје кон нив, како и за продажбата на билети преку кои Арсовска ги обвини дека вршат криминал.

– На седницата на Советот на Град Скопје Данела Арсовска од говорницата рече дека приватните превозници имаат 70 автобусите коишто ги одржуваат, а на прес-конференција рече дека „Слобода превоз“ има 50. Приложувам документ со нејзин потпис, кој го има и во секторот за сообраќај, со кој се потврдува дека „Слобода превоз“ има 131, а во „Макекспрес“ има 77 автобуси или вкупно 208 во сопственост на правни лица со лиценца и извод од лиценца за секој автобус со кој се врши превоз на патници – рече Јовановски на денешната прес-конференција.






Во Огласот кој го објавила Арсовска се барало поседување определен број возила и вработени возачи. Доколку не ги исполнат тие услови, превозниците не можат законски да ги одржуваат линиите кои се доделуваат. Бројот за двата пакета линии изнесува 115 автобуси и 244 возачи.

– Директорот на ЈСП на седницата кажа дека тие немаат долг кон приватните превозници. Тој повеќе пати кажува дека долг не постои и дека ако постои треба да се тужи. Постои порамнување во врска со долгот, т.н. аналитичка картичка од сметководството на ЈСП и она на „Слобода превоз“ заклучно со 30.11.2020 година во 10.53:57 секунди која изнесува 61.812.593 денари. Овој долг се однесува на дел за август, цел септември и цел октомври. Долгот со доаѓањето на Арсовска за градоначалник изнесуваше 19.811.516 денари, а сега е зголемен повеќе од 3 пати, односно 300 проценти, а долгот кон „Макекспрес“, според нив, изнесува 29.949.867 денари – рече директорот на „Слобода превоз“.

Јовановски посочи дека долгот се докажува со доставување фактури од „Слобода превоз“ и од „Макекспрес“, што е регулирано во договорот со ЈСП и Град Скопје. Според тој договор, најпрво се изготвува месечен извештај-табела од ЈСП, т.е. ОКЦ – контролниот центар, потоа тој извештај оди во Град Скопје во секторот за сообраќај, одделението за мониторинг и контрола каде се проверува и коригира точноста на податоците и после таа верификација се враќа во ЈСП. Таквиот верифициран извештај се потврдува со допис од верификаторот и потоа се доставува од „Слобода превоз“ и од „Макекспрес“. Врз основа на тие податоци може да се состават фактури и никако поинаку.

– Во тековниот месец пред да се изработи конечната фактура ЈСП согласно член 4 точка 3 од Договорот е должен кон „Слобода превоз“ и кон „Макекспрес“ да врши неделни аконтативни (авансни уплати) кои се за 30 проценти намалени од вкупниот број реализации на возниот ред (извозени километри) од средствата добиени од возни документи (билети, превоз на ученици и друго). Од јануари оваа година па до денес оваа пракса престанува во целост и делумно е испочитувана само во јули и во август после мое инсистирање. А повторно престана од септември до денес – додава Јовановски.

Кога станува збор за обвинувањата со билетите, тој тврди дека во периодот посочен од градоначалничката ниту задолжувале карти, ниту приватните превозници во своите автобуси продавале. Целиот процес изработка, цена, набавка, дистрибуцијата и приход по секој основ од превоз на патници завршува или треба да завршува на сметката на ЈСП. Причината за непродавање билети во нивните автобуси е што фискалните апарати ниту во автобусите „Слобода превоз“, ниту во „Макекспрес“, а ниту во ЈСП не се во функција. Тие не се исправни, а според договорот тоа е обврска на ЈСП, бидејќи тие се дел од опрема која е на ЈСП и која ЈСП има обврска да ја одржува и сервисира.

– Нивните постојани барања да продолжиме да продаваме карти, но без да издаваме фискална сметка беа одбивани сѐ додека тие не ги поправат фискалните принтери што е нивна обврска. Превозниците постојано ги носеа во гаражите на ЈСП, но или не можеа да се поправат или како наводно поправени и понатаму не беа во функција. Со оглед дека тоа стана масовна појава и почна да им пречи на 06.12.2018 година преку е-маил од ЈСП Хелп деск нѐ информираа дека фискалните принтери треба да се пријават како такви и да се носат во ЈСП сѐ додека не направат договор со овластениот сервисер. До денес е така, а тоа го потврдува податокот од системот на ЈСП кој електронски ја евидентира ваквата состојба – рече Јовановски.

Тој додаде дека и понатаму се прави обид да бидат натерани да продаваат билети во автобусите и тоа со писмено барање на ЈСП од 13.05.2020 година доставено до „Слобода превоз“ со кое се бара да се задолжи со билети и да ги продава во автобусите. Од „Слобода превоз“ одговориле дека не се во состојба тоа да го прават поради тоа што фискалните апарати подолго време не се во функција и дека покрај тоа што барале, ЈСП не ја исполнило договорната обврска да ги поправи или замени фискалните апарати во автобусите. Тој додава дека не смееле да си дозволат да ги принудуваат приватните превозници да продаваат билети без да издадат фискална сметка.

– Видовме и знаеме, а веројатно и вие сте информирани дека возачите на ЈСП продаваат билети во автобусите за кои на патникот не му издаваат фискална сметка, што е спротивно од член 4 став 2 од Законот за регистрирање на готовински плаќања, каде јасно се кажува дека фискална сметка се издава на местото каде се зема готовината и никако поинаку. Токму поради таа законска обврска и не сакајќи да се прекрши законот ние одбиваме да продаваме билети во автобусите до денес, а патниците во приватните автобуси се возат со купен билет од ЈСП кој го валидираат при влез во автобус со што тоа е единствениот начин за да можат да се возат. Контролата за тоа дали некој патник ја платил услугата со тоа што се валидирал ја проверуваат исклучиво контролори на ЈСП. Исто така, во целиот систем на превоз, наплата и валидирање има електронски записи во ЈСП и секаква злоупотреба може лесно да се открие. Според договорите и овластувањата целиот процес е под надзор на ЈСП и на Град Скопје. И конечно и во договорот со ЈСП во член 5 став 4 јасно пишува дека за непочитувањето на готовински плаќања и Законот за додадена вредност сноси членот на групата кој е сопственик на возилото – објасни Јовановски на денешната прес-конференција.

Поврзани содржини