УБИЕНИ, ПОГРЕБАНИ, ПА ОТКОПАНИ И ЗАПАЛЕНИ СО БЕНЗИН Ѕверски масакрирани двајцата народни херои Стив и Мите

На денешен ден, 12 септември, пред 78 години, се убиени народните херои Стив Наумов и Мите Богоевски.

3,409

На 12 септември 1942, од бугарската фашистичка окупаторска полиција е убиен Стеван Наумов – Стив, истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.

Роден е во  Битола, на 27 октомври 1920 година. Неговото семејство води потекло од селото Битуша, Леринско, Егејски дел на Македонија. Завршил гимназија во Битола, а потоа студирал на Техничкиот факултет во Белград, каде што е примен за член на СКОЈ и на КПЈ.






Во Белград повеќе пати е апсен, а по враќањето во Битола е избран за секретар на Местниот комитет на КПЈ. Од таа позиција развил жива активност за формирање на партиски ќелии и привлекување нови членови, а таа неговата активност особено имала резултати во битолското претпријатие за преработка на тутун познато како „Монопол“.

По Априлската војна во 1941 година, работи на прибирање на оружје, муниција и друг воен материјал и на организирање на оруженото востание против бугарскиот окупатор. Се спротивставил на решението на Методија Шаторов-Шарло за поврзување на македонската партиска организација со БКП и непреземање на вооружени акции.

Сосема рано од периодот на окупацијата, во јули 1941 година, преминал во илегалност. Ја осмислил и ја организирал т.н. Илинденска демонстрација во Битола на 2 август 1941 година. Го организирал и раководел со формирањето на Битолскиот партизански одред „Пелистер“ во април 1942 година. На 6 мај 1942 година во Битола го убил бугарскиот полициски началник Александар Ќурчиев. Во јуни 1942 година станал член и политички комесар на Оперативниот штаб на Народноослободителните и партизански одреди на Македонија.

Непосредно учествувал во формирањето на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ на 6 јули 1942 година, над ресенското село Златари. Раководел и учествувал во нападот на овој одред на полициската станица во село Кажани, Битолско, на 18-19 август 1942 година.

Загинал кај селото Болно, Ресенско, во борба со бугарската полиција, заедно со народниот херој Мите Богоевски. Бугарската полиција овие македонски патриоти првин ги погребала во два гроба, потоа ги откопала и ги пренела кај селската црква, а од тука, тајно, ги однела кај селото Ѓавато и ги запалила со бензин.

Стив Наумов е прогласен е за народен херој на Југославија на 29 јуни 1945 година.

Димитар (Мите) Богоевски е истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.

Роден е во селото Болно, Ресенско, на 31 октомври 1919 година. Основно училиште завршил во родното село, гимназија во Ресен во 1935 година, а учел и во Трговската академија во Битола во периодот од 1935 до 1937 година. Поет, кој уште во училишните денови во Ресен ги напишал првите песни на македонски јазик.

Во Трговската академија во Битола во 1937 година станал член на југословенската младинска комунистичка организација СКОЈ. Истовремено е член на управата на Литературната дружина „Иван Гундулиќ“. Како студент на Високата комерцијална школа на Белградскиот универзитет, станал и член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) во 1939 година. Поради недостиг на материјални средства е принуден да се врати во родното село во 1940 година и таму е член на Месниот комитет на КПЈ за Ресен.

Уапсен е од српската полиција во Битола на 16 септември 1940 година и спроведен во затворот Главњача.

По бугарската фашистичка окупација, извесно време работи во Општината во селото Јанковец, а е еден од главните организаторите на антиокупаторската и антифашистичка борба во Преспанско.

Од 1941 година е секретар на Околискиот комитет на КПЈ за Преспа и дејствува како илегалец. Учествува во формирањето на Партизанскиот одред „Даме Груев“.

Загинал во борба со бугарската полиција, заедно со народниот херој Стеван Наумов – Стив.

Прогласен е за народен херој на Југославија на 2 август 1949 година.

Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар
Извор: apla.mk

 

Поврзани содржини