Кумановски јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против 74-годишен кумановец за кого постои основано сомнение дека сторил убиство во обид, како и против неговиот 35-годишен син, осомничен за помагање при извршувањето на кривичното дело.
На 2 септември, на раскрсницата помеѓу улиците Киро Фетак и Борис Кидрич во Куманово, првиот осомничен со умисла се обидел да лиши од живот едно лице, додека вториот осомничен со умисла му помогнал во тоа, отстранувајќи ги пречките за извршување на кривичното дело.
„Двајцата го забележале мажот кој се движел по улицата Киро Фетак со неговиот автомобил и во моментот кога пристигнал на раскрсницата со улицата Борис Кидрич, синот за да го спречи да избега, од појасот извадил пиштол од неутврдена марка и калибар, му го попречил патот, застанувајќи пред возилото, го репетирал пиштолот и го вперил во правец кон оштетениот. Тој застанал со возилото, по што до автомобилот се приближил таткото и од зад грб извадил нож на расклопување. Првин му се обратил на оштетениот со зборовите „кој си ти што не гледаш“, по што започнал вербално да се расправа и се обидел да му зададе убод со ножот во пределот на градниот кош. Меѓутоа оштетениот ја подигнал левата рака со цел да се одбрани, па осомничениот му задал убоди во пределот на левото рамо. Веднаш потоа двајцата осомничени избегале од лице место“, се наведува во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.