Управниот одбор на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола под чија капа е „Мал битолски Монмартр“ ја отфрли понудата на Министерството за култура да го преземе фунцкионирањето на светскиот бренд, а со предлогот велат дека се чувствуваат понижени. Не сакаат политичко обојување на проблемот со кој се соочува Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола и преку социјалните мрежи соопштуваат дека управниот одбор донел одлука со која се прифаќа финансиската поддршка за плата и трошоци до крајот на годината понудена од страна на општина Битола.
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска вчера објави дека Министерството за култура го презема функционирањето на „Мал битолски Монмартр“. Претходно, на социјалните медиуми беше објавен апел за спас на „Мал битолски Монмартр“, по одлуката на министерството за образование дека по 40 години, да ги стопира финансиските средствата за Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола, а со тоа и култниот светски бренд „Мал битолски Монмартр“.
Управниот одбор на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола донесе едногласна Одлука со која децидно ја одбива понудата на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска која ја смета за несериозна и навредлива. Управниот одбор смета дека е несериозно светскиот бренд „Мал битолски Монмартр” да стане дел од Центарот за култура Битола како национална установа, а Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола да продолжи со аплицирање кон проекти. Тоа е крадење на мала врата на трудот и вредностите кои Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола ги стекнало низ 41 година. Тоа е срамен предлог а не решение на кое треба да помисли министер кој доаѓа од Битола. Ние со предлогот се чуствувамe понижени, велат од Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“.
– Во нашата установа право да обојуваат имаат само децата , сѐ друго е политичко профитерство за евтини партиски поени! – велат од УО.
Министерството за образование и наука 30 години даваше поддршка на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола во форма на три параметри (една плата за технички секретар – електрична енергија и телефонски трошоци) по што вчера реши да ја прекине поддршката.
– Министерот Јетон Шаќири синоќа нѐ повика на Состанок во Скопје, но бидејќи немаше конкретна понуда, присуството на истиот го одбивме – велат од УО.
Оттаму додаваaт дека Управниот одбор делегира работно тело кое итно ќе оствари средба со градоначалникот на општината и so Советот на општина Битола.
Во меѓувреме, ќе бидат отворени просториите на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола за финансиска и логистичка поддршка од граѓаните, општествено одговорните компании и претставниците на дипломатско конзуларните претставништва на странски земји во Македонија, од 09.30 до 17 часот секој ден. Редовно ќе се одржуваат бесплатни часови по ликовна едукација на засега пријавени 50 ученици за учебната 2022/2023 година со почеток од 10 септември 2022 година. Планирано е реализирање на активности за средби и информирање на партнери од целиот свет, УНЕСКО, ОН, како и организации за нега и заштита на детското сликарство, за обидот за затворање на Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола и згаснување на „Малиот битолски Монмартр”.