Нова провокација од Софија – не сака ни да го именува јазикот што не го признава!
Дури и наводно необврзувачкото нотирање на софиската декларација за негирање на македонскиот јазик, во ваква форма особено, ќе биде голем скандал. И голем срам за Европа!
Во бугарската декларација за непризнавање на македонскиот јазик, објавена вечерва, Софија се повлекува од формулата од 1999 година, со која уследи потпишувањето на сите билатерални договори меѓу двете земји. Според таа формула, се користеше фразата “македонски јазик, согласно со Уставот…”
Во декларацијата која бугарската влада ќе ја презентира на утрешната меѓувладина конференција, се зборува за “официјалниот јазик на Република Северна Македонија, согласно со нејзиниот Устав”. Користењето на тој јазик за преведување на законодавството на ЕУ на ниту еден начин не треба да се разбере како признавање на “македонскиот јазик” (напишано во наводници) од страна на Република Бугарија, се вели во декларацијата.
Ова е крупен исчекор напред во позициите на Софија во насока на дефинитивно непризнавање на македонскиот јазик!
Ова истовремено е и измама, во пет до дванаесет, ден пред меѓувладината конференција во Брисел. Само што не сме сосема начисто кој мами во случајов, бидејќи Софија тврди дека содржината на декларацијата во ваква форма веќе била презентирана.
Наспроти ова, во Протоколот од 17 јули, којшто од македонска страна го потпиша министерот Бујар Османи, според официјалната верзија што ја лиферуваше македонското МНР, пишува:
“Потпишан во Софија на 17 јули 2022 година, во два оригинални примероци, секој од нив на официјалните јазици на државите – бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија и македонски јазик, согласно Уставот на Република Северна Македонија, така што двата текста имаат еднаква сила.”
Очигледно е дека формулата за македонскиот јазик употребена во Протоколот се разликува од таа употребена во софиската декларација. И тоа суштински!
Софија сега не сака ниту да го именува јазикот за кој декларира дека е бугарски дијалект и дека не го признава. Дали и тоа е договорено на релација Скопје – Софија – Брисел?
Се извинувам што на многумина ќе им го нарушам ентузијазмот пред утрешната меѓувладина конференција, но јас сметам дека дури и наводно необврзувачкото нотирање на софиската декларација за негирање на македонскиот јазик, во ваква форма особено, ќе биде голем скандал. И голем срам за Европа!
Ќе се осмели ли некој тоа утре да го каже во Брисел?