НИ СЕ ОТВОРА ВРАТА КОЈА Е 17 ГОДИНИ ЗАТВОРЕНА Протоколот е записник од средба којашто сè уште не се случила
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ објасни дека првиот Протокол, којшто отиде во бугарскиот Парламент беше далеку од конечна верзија и тој текст што отиде таму до тој што ќе излезе ќе биде прилично различен затоа што се разговараше и преговараше меѓувреме.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во „Само интервју“ на Канал 5 рече дека е жалосно што дозволиле, пред сè под влијание на опозициската коалиција ВМРО-ДПМНЕ и Левица, прашањето за почеток на преговори со ЕУ биде практично прашање на некаква битка помеѓу нас и Бугарија и практично вербална, но и тензична атмосфера меѓу нас и Бугарија.
– Како да е битката кој да победи, ние како Северна Македонија или Бугарија. Мислам дека за жал се злоупотреби целата оваа ситуација, затоа што точно е дека имаме билатерален спор, бевме доведени во една незгодна ситуација, меѓутоа суштината на овој процес, а тоа го кажа и претседателката на Европската комисија која се обрати денеска во нашето Собрание, е дека ни се отвора вратата којашто 17 години беше затворена – кажа Маричиќ во интервјуто.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ објасни дека првиот Протокол, којшто отиде во бугарскиот Парламент беше далеку од конечна верзија и тој текст што отиде таму до тој што ќе излезе ќе биде прилично различен затоа што се разговараше и преговараше меѓувреме.
– Тој Протокол е записник од средба којашто сè уште не се случила и треба да се случи овие денови зависно од исходот во нашето Собрание како ќе биде изгласан и во него се практично покриени оние точки 4+1 кои за коишто се зборува долго – истакна Маричиќ, додавајќи дека во тој документ има еден голем дел каде што се презентираат резултатите од работата на оние работни групи што се изработија изминатите 6 месеци.
Целта на промената на Уставот, додаде тој, не е да се прави ревизија на АСНОМ, туку да им се овозможи на луѓето што се изјаснуваат како Бугари да бидат признаени како една од заедниците во земјава и да ги имаат правата како и другите.
– Не знам дали Бугарите знаат што пишува во прогласот на АСНОМ. Тој има двоен карактер. Еден е политичкиот карактер на испраќање на овие поствоени пораки по втората Светска војна, а другиот е државотворен карактер, бидејќи АСНОМ носи и неколку важни одлуки. Тогаш е официјализиран македонскиот јазик, тогаш е воспоставена државата, Владата, народна власт итн. Ние во таков вид на ревизија на Уставот не можеме да влеземе, ниту имаме намера да влеземе. Зашто АСНОМ е темелот – потенцираше Маричиќ.
Според вицепремиерот Маричиќ, треба да влеземе со повеќе самодоверба во овој процес, дека знаеме кој сме и што сме, дека прашањето за историјата е прашање за историчарите и дека ако влеземе во ова со искреност и добра намера и свесни кои сме и што сме нема да имаме толкав проблем колку што мислиме.
– Ова е компромис којшто ние го правиме заради нас, не заради Бугарија, не заради некој друг. Треба да нè радува фактот што после 17 години чекање влегуваме во фаза на преговори со ЕУ и 13 позитивни препораки на ЕУ. Имале и други влади шанса, 11 години имала шанса ВМРО-ДПМНЕ, во 90-тите исто така имало многу шанси под многу подобри услови да се решат овие прашања, за да денес не мораме да бидеме во оваа ситуација – рече Маричиќ.