НАСТАПОТ НА ПЕНДАРОВСКИ БЕШЕ ХРАБАР И РАЗУМЕН Претседателот направи јасна дистанца од премиерот и од министрите
Ова недвосмислено поместување на претседателот од курсот што го зазема државниот врв, очекувано наиде на остри критики кај бројни поддржувачи на владејачката коалиција, а дел од нив не се трудеа да останат пристојни во критиката.
Национално освестен, храбар, разумен, но и јасно дистанциран од политиките на Владата, е оценката за вчерашниот настап на македонскиот претседател Стево Пендаровски, од соговорници со кои контактираше Плусинфо денеска.
Пендаровски во интервју на ТВ 24 вчера откри дека советници од Владата на Македонија, но и од Министерството за надворешни работи, биле вклучени во процесот на подготовката на т.н. „француски предлог“, демантирајќи ги премиерот Димитар Ковачевски и министерот Бујар Османи, дека тие сè уште не го добиле предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон, па затоа и не се произнесуваат. Претседателот кажа и дека ние немаме шанса во „гола билатерала со Бугарија“, предлагајќи во преговарачкиот процес да се вклучи посредник, а во Комисијата за историја да се побара помош од европски историчари. Тој „удри“ и против бугарската црква, критикувајќи ја за намерата да ѝсмислува име на нашата. Пендаровски недвосмислено посочи и дека ако „францускиот предлог е штетен по Македонија, тогаш ние можеме да одбиеме во преговарачката рамка со ЕУ да влезат бугарските ставови.
„Не биди Хорхе“
Ова недвосмислено поместување на претседателот од курсот што го зазема државниот врв, очекувано наиде на остри критики кај бројни поддржувачи на владејачката коалиција, а дел од нив не се ни трудеа да останат пристојни во критиката.
Најдалеку отиде уредникот на порталот Мактел, Саше Ивановски, кој му предложи на претседателот да биде повеќе како Зоран Заев.
„Идат полека нови претседателски избори и Пендаровски го пуштил својот стар добар политички инстинкт и рефлекс кој толку добро го служеше сите овие години во битката да стигне таму каде што е. Но време е за жртвување претседателе, не е време за самопромоција и билдање на личниот рејтинг. Време е да се жртвуваш како политичар па и како човек за доброто на рајата која те гласаше и која те плаќа да живееш како крал на врвот на Водно. Овој народ друже претседателе 40 години те плаќа да бидеш советник, пратеник, претседател и време е да ѝ вратиш на оваа земја и на овој народ, но не со тоа што ќе одиш по стапките на Хорхе или Бранко и ќе го учиш народот да јаде корења, од корења на народов му паднаа забите и доби чир на желудник. Овој народ сака да јаде стекови и ракови друже претседателе, а за тоа да се деси ќе морате вие горе што сте, да се жртвувате, како Заев или Борис Трајковски, чиј што советник си бил, а си бил близок и со Заев и јасно ти е што зборувам. Биди храбар друже претседателе, знам дека е страшно за човек како тебе да има речиси нула рејтинг и да го пцујат на улица, знам дека за политичарите како тебе тоа е рамно на смрт, вие живеете за да бидете сакани, обожавани, гласани, да влезете во историјата, да ве има на слика на ѕид у школите, улиците да го носат вашето име“, се вели во дел од коментарот на Ивановски.
Разумни ставови
Политикологот Димитар Христов смета дека претседателот Пендаровски дал мошне конкретни и разумни ставови во телевизискиот настап.
– Доста конкретни и разуми ставови истакна претседателот. Сето ова што се случува со Бугарија ја поминува секоја граница, а дебатите меѓу министрите на двете држави не даваат никаков ефект. Може да се размислува околу медијаторство, бидејќи преку тоа може да се најде полесен начин да се надмине спорот. Сите да бидеме свесни дека во овој спор нема да има победник (како и во секој друг спор) и двете страни ќе мора да направат отстапки. Крајно, признавањето на МПЦ-ОА под друго име ни дава до знаење, дека треба убаво и со доза патриотизам да се седне на преговори со Бугарија – вели Христов.
Тој потсетува дека Пендаровски и претходно имал поприземни ставови во врска со спорот со Бугарија за разлика од Владата и министрите, потсетувајќи на неговата осуда за отворањето на бугарскиот културен центар „Иван Михалјов“ во Битола, како и неговиот став дека нема потреба по секоја цена да се решава спорот со Бугарија.
Политичарите не сакаат да бидат непопуларни
Но дека претседателот изненади со својата реторика со која излезе од рамките на воздржаноста на која сме навикнале да гледаме, смета и професорот Денко Малески, првиот министер за надворешни работи на Македонија.
– Изненадува реториката на претседателот во неговиот вчерашен настап, откривајќи јасна дистанца меѓу него и Владата и прилично блиски ставови со опозицијата. Но темата на преговорите со Бугарија е непопуларна, а нема политичар што сака да остане непопуларен – потенцира Малески, во својата изјава за Плусинфо.
Малески се согласува со Пендаровски околу тоа дека францускиот предлог е работен во координација со македонските власти, но се спротивставува на предлогот да се вметне медијаторство во преговорите со Бугарија.
– Ќе ни се повтори Метју Нимиц и 30 години преговори со Грција. Тоа би значело дека големите сили не се заинтересирани за спорот и тогаш се именува посредник од ОН. Но ваквите процеси во дипломатијата се нарекуваат и „преговори на сираци“, за кои никој вистински не е заинтересиран – дополнува професорот.
На иста тема своја експертиза даде и Марјан Ѓочев, поранешен амбасадор на Македонија во Бугарија. Тој е согласен со Пендаровски дека на историските прашања не им е место во преговарачката рамка со ЕУ.
– Би можеле да прифатиме медијаторство во спорот со Бугарија, но само доколку претходно биде испочитуван нашиот став дека во преговорите за нашето членство во ЕУ не сакаме да преговараме за нашата историја, култура и за нашиот јазик. Самото преговарање за работи како историја, култура или јазик се коси со европските вредности – вели Ѓорчев.
Тој е сигурен дека ако не со целокупниот документ, тогаш со елементи од „францускиот предлог“ биле запознаени нашите претставници на власта и дека се подразбира дека нашите ставови биле сондирани и вметнати во конечниот документ. Инаку, за самиот настап на Пендаровски, Ѓорчев вели дека бил израз на национална самосвест.
Не ни требаат странски историчари
Во еден дел од интервјуто, Пендаровски предложи и вклучување на странски експерти во Комисијата за историја на Македонија и на Бугарија. Со ова не се сложува проф д-р Тодор Чепреганов, кој констатира дека во Европа има премалку историчари кои ја познаваат нашата историја.
– Мојот став е дека Комисијата треба да се укине, бидејќи со нејзиното делување не може ништо да се реши. А доколку со заедничката работа на македонските и на бугарските историчари нема напредок, уште помалку ќе ни помогнат странци. Прво, како да бидеме сигурни дека некој европски историчар ќе биде објективен, а второ, во Европа има премалку историчари кои се стручни за нашата историја – вели Чепреганов.
Бугарите не сакаат да се како другите во Уставот
Во интервјуто, претседателот откри и дека Софија не бара Бугарите да бидат наведени само во преамбулата на Уставот, туку и во неговиот нормативен дел, потенцирајќи дека ниту една заедница во државата не е внесена во нормативниот дел на Уставот, па оттука не е можно да влезат ниту Бугарите. Во нормативниот дел на Уставот сега се споменуваат само македонскиот народ, Македонците кои живеат надвор од границите на државата, МПЦ и Исламската верска заедница. Претседателот додаде дека вакви понижувања и потценувања какви што сме имале во последниве две години од Бугарија, не сме доживеале за 20 години преговори со Грција.
На оваа изјава на Пендаровски, поврзана со вметнувањето на Бугарите во нашиот Устав, се надоврза професорот од Правниот факултет во Скопје, Тони Дескоски.
– Одамна тврдев дека најнапред треба да се проанализира бугарското барање за вметнување на македонските Бугари во Уставот. Но, во нашата јавност и на политичката сцена преовлада лекомислената позиција дека станува збор за уште едно малцинство, а дека на тој начин ќе сме направеле уште една разлика меѓу Македонците и Бугарите. Најекспонираниот меѓу лекомислените сега е амбасадор, пратен на служба од некого. А сега почнуваат плачките од вџашените лица, кои се максимално збунети што не се работело за признавање ново малцинство – се вели во постот на Дескоски објавен на Фејсбук.
Дека не се на иста линија претседателот и премиерот, покажува и последната информација проследена од Владата на Република Македонија, со која се потврдува дека Ковачевски сепак ќе патува за Брисел на Министерскиот совет, иако Пендаровски вчера експлицитно потенцираше дека на премиерот таму не му е местото.