ПРВО СЕ ПОЖАЛИ, ПА СЕ ПОФАЛИ Арсовска со отчет за сработеното во изминатите седум месеци

Арсовска потенцираше дека нејзината заложба секогаш била за транспарентен ефикасен систем и доследно спроведување на проектите во соработка со медиумите и јавноста, давајќи осврт на се она што е сработено во изминатите месеци од нејзиниот градоначалнички мандат.

249

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на денешната прес конференција, рече дека градот во изминатите седум месеци успеа да реализира голем број на проекти и решенија за новите предизвици креирани од енергетската криза, високата инфлација, иако во јавноста се создаде впечаток дека комуникацијата со јавноста не е на посакуваното ниво.

– Затекнавме исклучително тешка финансиска состојба, локална самоуправа со многу долгови, многу обврски кон добавувачи, проекти започнати без соодветна документација и со бројни предизвици кои требало да се предвидат за да може успешно да се реализираат проектите. Оваа затекната состојба зафаќа повеќе години и неколкукратно го надминува годишниот буџет на градот Скопје. Се соочивме со јавни претпријатија во хаотична состојба, без долгорочна визија и план, со милионски долгови. Овие актуелни долгови од претходното раководство во градот Скопје, во голема мера го спречија посакуваниот почеток на мандатот – кажа Арсовска.






Арсовска потенцираше дека нејзината заложба секогаш била за транспарентен ефикасен систем и доследно спроведување на проектите во соработка со медиумите и јавноста, давајќи осврт на се она што е сработено во изминатите месеци од нејзиниот градоначалнички мандат.

– Затекнавме град без проекти, освен неколкуте проекти отпочнати од претходното раководство и оставени со бројни предизвици за решавање, како непредвидени проблеми и трошоци поради несоодветно планирање, други проекти во градот немаше оставено за да може активно од првиот ден да се работи. Од ноември до сега извршени се на терен 7.798 интервенции на водовод и 118.685 интервенции на одделот за канализација. Направени се 16 реконструкции на мрежата на водовод. Извршени се над 82 зафати на улици и патишта од кои најголеми се реконструкцијата на пешачките патеки на улиците во надлежност на градот, реконструкции на пешачките патеки во градскиот парк и тоа 9000 метри при што останатите 1.700 метри се финализираат до крајот на месец јуни, нови велосипедски и пешачки патеки на булевар Видое Смилевски Бато и булевар Србија. Да напоменам дека исчистивме над 200 диви депонии, дека се уште се чистат активно, поставивме рампи за лица со попречености во сите институции под град Скопје, ја намаливме цената за градски паркинг за 10%, започна првата фаза од реализација на бесплатниот јавен превоз, воведовме можност да се доставува и одговара на забелешките и предлозите на граѓаните преку проектот Скопје 24 часа отворен град. Ова се само дел од активностите во изминатите 7 месеци, додаде Арсовска.

Градоначалничката Арсовска уште еднаш повтори дека во периодот што следи во Скопје се работи на подобрување на инфраструктурата во урбаниот и руралниот дел на градот, а Скопје ќе прерасне во вистински модерна европска метропола, повикувајќи ги граѓаните и тие да се вклучат преку поднесување барања, забелешки и предлози.

– За разлика од претходно, кога инвестициите се започнувале во последната година од мандатот, сега интензивно почнуваме со реализација на проектите во првата година од мојот мандат. Ги повикувам граѓаните да придонесуваат со свои барања, забелешки и предлози, заедно да придонесеме за поубав град и замолувам за трпение во периодот на реализација на бројните проекти особено кај оние за подобрување на сообраќајната и патна инфраструктура – рече Арсовска.

Арсовска најави започнување на проектите од програмата со рокови на имплементација во три фази до крајот на месец август оваа година. Изградба, реконструкција и асфалтирање на улици и булевари, фекална и атмосферска канализација, нови зелени површини се дел од проектите на кои градот интензивно ќе работи во периодот што следи.

– Прва фаза на имплементација е до 30.06.2022. Во овој период планирани се следните инвестиции. Започнува реконструкција на повеќе од дваесет улици во општина Ѓорче Петров и тоа: Во село Волково – ул.83, ул 100 десен крак, улица 73, улица 3, улица 74, улица 78, улица 80 – Пржина, ул 81 – крак 1, 2, 3 лево, улица 81 – крак 4 десно. Во Кисела Јабука – улици 4, 6, краците на улицата 46 и 46а и улицата 68, улицата 10, улицата 34. Ул. Антон Кецкаров во населбата Даме Груев. Во село Ново Село крак лево кај училиштето, краците на улиците 4 и 2, улица 52 десен крак во населба Стопански Двор. Започнува изградбата на мега парк во Ѓорче Петров еден од ветените 5 од програмата. Реконструкција на бул. Теодосиј Гологанов. Завршување на реконструкцијата на ул. Есенинова започната во 2020, а која беше наследена со бројни проблеми. Завршување на работите на ул. Васко Карангелески каде со силен напор успеавме да го зачуваме дрворедот од стогодишни дрвја и тоа на барање на граѓаните, 100 дрвја кои со започнатиот проект од претходното раководство требаше да бидат исечени, потенцираше Арсовска.

Втората фаза на реализација на проектите од програмата за модерно Скопје, според најавите на Арсовска е предвидено да започне на 1 јули а дел од главните проекти во оваа фаза се и реконструкција на улиците Бутелска, Перо Наков, Рузвелтова, Димо Хаџи Димов, Скоевска и Славка Динкова. Арсовска најави и продолжување на градежните активности на Универзална сала.

– Завршени се сите постапки и по 12 години се реконструира улицата Бутелска како и со децении заборавената улица Перо Наков. Се започнува со реконструкција на фекалната канализација во населбата Градинар во Кисела Вода. Започнува и реализацијата на проект за изградба, реконструкција и покривање на Усјански канал. Имаме ново техничко решение за Универзална и со зголемен интензитет ќе продолжат работите на објектот – дополни градоначалничката Арсовска.

Третата фаза со план на реализација од 01 до 31 август годинава, опфаќа реконструкција на улиците на Кузман Јосифовски Питу, Перо Наков, и ќе се реконструираат шест игралишта во Сарај, како и две игралишта во средните училишта на град Скопје.

Поврзани содржини