БИОЛАБОРАТОРИИТЕ, БИГ ФАРМА И ТЕОРИИТЕ НА ЗАГОВОР Еве како руската страна ги поврзува Фајзер, Бил Гејтс и војната во Украина
Кирилов, исто така, ги именуваше „Фајзер“, „Модерна“, „Мерк“ и „Гилеад“ како „големи фармацевтски компании“ вклучени во оваа шема, користејќи ја за тестирање лекови додека ги заобиколува меѓународните безбедносни стандарди.
Скандалот со наводните 30-тина биолаборатории во Украина уште не ја доби својата разрешница, но руската страна излегува со нови обвинувања, кои според многумина, може да се сметаат за класична пропаганда или теорија на заговор. Според новите тврдења на руското Министерство за одбрана финансирањето на биолабораториите е директно врзано со големи имиња во САД, фондации врзани со Бил Гејтс, а оди сè до изборната кампања на Демократите.
Партијата на Демократите во САД соработува со компаниите од „Биг Фарма“ и големи фондации за проектот, користејќи ги врските да генерираат уште средства за својата изборна кампања, тврди руската војска и нуди цела мапа на компании и финасиери, пишува РусијаДенес.
– Треба да се каже дека идеолозите на американските воени биолошки истражувања во Украина се водачи на Демократската партија – рече генерал-полковник Игор Кирилов, шеф на руските сили за радијација, хемиска и биолошка заштита.
– Владата на САД воспостави начин за финансирање на воените био-истражувања директно од федералниот буџет, но исто така користеше владини гаранции за собирање средства од невладините организации контролирани од раководството на Демократската партија – додаде тој.
Од Бил Гејтс преку Клинтон до Фајзер
Како пример за такви организации, Кирилов покажа слајд со имињата на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, Фондацијата Клинтон, Фондацијата Рокфелер, Алијансата за екоздравство и „Розмонт“ на Хантер Бајден, синот на претседателот Џо Бајден.
Кирилов, исто така, ги именуваше „Фајзер“, „Модерна“, „Мерк“ и „Гилеад“ како „големи фармацевтски компании“ вклучени во оваа шема, користејќи ја за тестирање лекови додека ги заобиколува меѓународните безбедносни стандарди.
Биолабораториите ѝ прават пари на „Биг Фарма“?
Ова ги намалува трошоците за нивното истражување и развој, тврди Кирилов, а зголемувањето на профитот на фармацијата „им дозволува на лидерите на Демократската партија да добијат дополнителни финансиски придонеси за изборните кампањи и да ја сокријат нивната дистрибуција“.
Користејќи ја Украина како полигон ефективно надвор од меѓународната контрола и користејќи ги технолошките капацитети на транснационалните фармацевтски компании, Пентагон „значително го прошири својот истражувачки потенцијал не само во областа на создавање биолошко оружје, туку и добивање информации за отпорноста на антибиотици и присуството на антитела на одредени болести кај популации од одредени региони“, истакна Кирилов.

Ги идентификувавме Американците кои се вмешани
Шефот на рускиот Истражен комитет Александар Бастрикин минатата недела за РТ изјави дека неговата служба „јасно ги идентификувала“ Американците вклучени во воено биолошко истражување во Украина, вклучително и вработени во американското Министерство за одбрана и неколку компании поврзани со Пентагон.
Според Бастрикин, САД потрошиле повеќе од 224 милиони долари на биолошки програми во Украина помеѓу 2005 и почетокот на 2022 година, рече Бастрикин.
Лаборатории има, но не за оружје
Руската војска претходно презентираше докази за вмешаност на американската влада во украинските биолаборатории. На крајот на март годинава, Кирилов покажа слајдови кои укажуваат на тоа дека синот на актуелниот американски претседател Џо Бајден Хантер е вклучен во набавката на средства за некои од проектите. Кирилов презентираше и документација која покажа дека Киев е заинтересиран за опремување на беспилотни летала за дистрибуција на разни патогени.
Американските власти одговорија на обвинувањата. Тие го потврдија постоењето на „биолошки истражувачки капацитети“ во Украина, но рекоа дека Вашингтон само обезбедил, како што го нарекоа, „помош“ за напорите кои не вклучуваат развој на биооружје.