ШТО ИМ Е ЗАЕДНИЧКО НА БУРЕКОТ И ЗЕНОНОВИТЕ ПАРАДОКСИ? Водич низ мултиверзумот напиша македонски физичар во Бостон

„Во моите 25 години како универзитетски професор во Бостон, годишно барем на стотина студенти од секој ќош на светот морам да им објаснувам за земјата од која потекнувам“, вели македонскиот физичар Златко Василкоски, автор на првата книга од жанрот на популарната наука на македонски јазик. Во неговата „Мултиверзум за почетници“ тој на разбирлив и популарен начин се обидува да објасни како денешната космологија дојде до мултиверзум идејата и да одговори на прашањата: Што имаат заедничко „Епот за Гилгамеш“ и „Сердарот“ на Григор Прличев? На кој начин берзите потекнуваат од кафеаните? И многу други...

457

Македонскиот научник, физичарот Златко Василкоски кој веќе 33 години живее во Бостон последен пат беше во Македонија во 2014.година кога одржа и предавање во МАНУ на тема „Алгоритми за кинетиката на виткањето на протеините во моделот ‘diffusion–collision’ на Karplus и Weaver (Diffusion–Collision Model Algorithms for Protein Folding Kinetics). Иако ми е пријател, не отидов на предавањето. Реков дека не го разбирам ниту насловот, ниту нешто ми значи темата, па веројатно нема да го разберам ниту предавањето. Затоа ме израдува веста дека излегла од печат неговата книга „Мултиверзум за почетници“, прва популарна книга за космологија, астрономија и космогонија напишана на македонски јазик.

Оваа книга, покрај тоа што е напишана на разбирлив јазик и неоптоварена со несовршеностите на преводот, е и исклучително актуелна и опфаќа и научни сознанија до кои е дојдено во 2021 година.






Во неа тој дава одговори на прашањата: Како математиката нужно води кон противречности? Каде универзумот е „згрутчен“, а каде „мазен“? Што имаат заедничко „Епот за Гилгамеш“ и „Сердарот“ на Григор Прличев? Како го знаеме она што го знаеме за вселената? Како Галилеј се сетил на релативноста векови пред Ајнштајн? Што е вакуумот, според квантната теорија на поле? Каква е врската помеѓу бурекот и Зеноновите парадокси? Зошто фундаменталните природни закони се онакви какви што се? На кој начин берзите потекнуваат од кафеаните? Кои се најновите достигнувања во областа на истражувањето на вселената? И многу други.

Инаку, Златко Василкоски е предавач на најпрестижните универзитети во светот, како Харвард и МИТ, човек кој имал можност да работи со врвни светски авторитети од областа на природните науки.

Тој е велешанец, дипломирал на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а во Бостон заминал за да ги продолжи своите магистерски и докторски студии. Нашиот разговор почнува, се разбира, со релативноста на времето.

„Ми се чини дека моето заминување се случи неодамна, но неверојатно е дека поминаа 33 години. Се сеќавам дека првите денови кога дојдов ми изгледаа како вечност. Тоа е познат психолошки ефект при кој протокот на времето ни се чини побавен кога сме исполнети со нови доживувања. Додека се шетав низ Бостон тие први денови, запознав еден постар човек од Латвија, кој ми спомна дека тој дошол пред околу од 50 години, живописно објаснувајќи ми како изгледал градот тогаш, пред да го нагрдат со новите згради. На мојот коментар дека е тоа долго време, двапати повеќе од мојата возраст, тој ми рече дека децениите пролетуваат како што старееме, што е навистина така. Секако, причините за ова се повеќекратни и не сосема јасни. Од успорувањето на метаболизмот со годините до веќе спомнатите психолошки ефекти. Во секој случај, како што објаснувам во мојата книга, Ајнштајновата теорија на релативноста го отфрла „текот“ на времето како нереален, а нашето доживување дека времето тече е најверојатно артефакт на нашите мисли.

Нешто што самиот Аристотел го спомнува во својата книга „Физика“, 2300 години пред Ајнштајн. Заклучок до кој тој можеби дошол додека се шетал покрај Вардар. Роден блиску до Солун, тој навистина правел долги прошетки, длабоко замислен, и барем во еден од историските записи, токму покрај Вардар“, вели нашиот соговорник кој и после 33 години вели дека не се чувствува баш дека се преселил, иако поголем дел од животот поминал во Бостон, отколку во Велес и во Скопје заедно.

„Сè уште го чувам станот во Велес каде што пораснав. Се чини детството во голема мерка го формира нашиот идентитет и припадност. Секако, работите поврзани со мојата кариера како физичар се она што го гледам како најважното што го стекнав овде, конкретно во Бостон, затоа што самиот град со своите 40-45 Нобеловци кои моментално работат во него е навистина светски центар за наука, а особено за физика. Како резултат на ова, во градот дневно се одржуваат десетици семинари за најновите идеи и откритија во науката. Ова е неверојатна концентрација на можности за физичар, недостапни во било кој друг град во светот.

Секако. Животот во кој жртвуваме дадени работи за кариера или слично, само навидум можеби изгледа попримамлив на едно или на друго место. Она што ми недостасува се секако роднините и пријателите од Македонија и нивната љубов. Во прекрасни сеќавања ми се ретките моменти како оној кога после неколку децении рано наутро пристигнав во Велес со воз. Додека одев по празните улици, секој чекор ми ги врати сеќавањата за минатото. Наеднаш колоната на автомобили што иташе на работа застана пред мене. Од првата кола излезе еден мој комшија кој некако после 20 години ме препозна и ме прегрна. Додека направивме краток муабет што е ново од последниот пат кога се видовме, колоната на коли зад неговата трпеливо не чекаше и на мое изненадување, без никој да се пожали и да ни свирне. Таквите моменти верувам на секого би му недостасувале, а можни се само во многу мал број на земји налик на Македонија“, вели Златко.

Кога станува збор за работата и евентуалното враќање во Македонија доколку добие некоја добра понуда за работа, вели дека никогаш не ја поврзувал работата со местото на живеење, особено не денес, кога преку интернет веќе голем дел од светот работи или од дома или од кој било друг дел во светот.

„Мојот ментор, Нобеловецот Мартин Карплус на свои 92 години сè уште работи во својата лабораторија на Харвард и половина од годината ја поминува работејќи од својата куќа во француските Алпи. Добро е што длабоките научни размислувања можат да се прават насекаде, а особено во инспиративни прошетки покрај Вардар“, вели Василкоски.

Во Бостон тој е заедно со својата сопруга Василка и синот Јулијан со кои и ја напушти Македонија пред 33 години.

„Нашиот син Јулијан првите 5 години од детството ги помина во Македонија, така што зборува македонски, а ние дома го подучувавме со книги за основно образование од Македонија и секогаш зборуваме меѓусебе македонски. И тој како и ние, е горд на своето македонско потекло. Последен пат беше во Македонија пред 5 години на свадбата на братучетка му и знам дека би сакал при неговата следна посета да ги посети скијачките терени низ Македонија, кои се чини ги има сè повеќе. Инаку предизвиците за нашиот културен и национален идентитет овде се дел од секојдневието и нешто со кое Јулијан мораше да се справува како дете, за разлика од нас возрасните за кои е полесно. Во моите 25 години како универзитетски професор, годишно барем на стотина студенти од секој ќош на светот морам да им објаснам за земјата од која што потекнувам. Некој од студентите од земјите со етничка разноврсност како Бенин, Руанда, Малезија, Хондурас и слично, имаат подобро разбирање. Иако пред некој месец една студентка од Кина барајќи ја локацијата на Македонија ме збуни со прашањето дали постои Јужна Македонија. Нас ни звучи смешно, но најчестите заблуди се дека Македонија е една од бившите Советски републики, или пак дека е лоцирана блиску до Месопотамија, заради спомнувањето на Македонија во Библијата – кој воедно е најстар збор за држава што и денес се користи, за разлика од зборовите Египет и Грција кои потекнуваат од 19 век или зборот Кина која е именувана по првиот кинески император, некои стотина години по смртта на Александар Македонски“, продолжува Златко кој за сè што ќе го прашате има интересни одговори за кои секогаш има и некоја историска заднина и објаснување.

На пример, кога го прашуваме за тоа во кој жанр спаѓа неговата книга, тој се осврнува на тоа како се историски создадени жанровите во литературата.

„Пред 150 години мојот бостонски сограѓанин, Едгар Алан По, а подоцна Ги Де Мопасан и Достоевски практично го создадоа жанрот на детективски книги, додека авторите во следниот век ги креираа препознатливите карактери од овој жанр кои и до ден денес се со нас.

Мојата книга спаѓа во жанрот на популарна наука. Овој жанр стана доста популарен овде во САД за последниве две децении, така да скоро секој физичар веќе има напишано книга од овој вид. Тоа е жанр кој ги адресира горливите научни прашања на разбирлив јазик без математичката апстрактност, со цел да му даде на читателот основен вовед во научната тема. Јас со оваа прва македонска книга од овој жанр се обидов да ги илустрирам фундаменталните прашања за нашиот универзум. Би напомнал дека денес терминот универзум има попрецизно физичко значење од зборот вселена, како нешто најсеопфатно (во физичка смисла) што ги вклучува не само телата што може да ги видиме во вселената, туку просторот, времето и самите физички закони во неа. Јас ја имав ретката прилика за време на моите докторски студии некои од моите професори да бидат физичари (како Александар Виленкин) кои баш во тоа време ја воведоа во денешната космологија идејата за постоење и на други универзуми (или мултиверзум) покрај нашиот. Така, од прва рака можев да се запознаам со овие идеи развиени при крајот на минатиот век. Мојата книга е воглавно за тоа како денешната космологија дојде до мултиверзум идејата (секако, сè уште научно непотврдена) и настојува на разбирлив и популарен начин да ги објасни овие идеи за да може читателот понатаму сам да расудува за валидноста на многубројните информации поврзани со оваа тема“, објаснува Златко.

Што се однесува до сите оние интересни прашања кои ги наведовме на почетокот, меѓу кои можеби најинтересните се оние за тоа што е заедничко помеѓу „Епот за Гилгамеш“ и „Сердарот“ на Григор Прличев; Каква е врската помеѓу бурекот и Зеноновите парадокси?; На кој начин берзите потекнуваат од кафеаните? И многу други, Василкоски објааснува:

„За да дојдам до причините зошто мора научно сериозно да ја разгледаме можноста за постоење на други универзуми покрај нашиот, морав да дадам историски контекст за развојот на научните мисли до овој денешен заклучок. Делумно морав да ја објаснам и улогата што математиката ја игра во нашето научно расудување. Тоа е големо и неразјаснето прашање. Дали математиката ja откриваме или пак ја измислуваме?

‘Откриено’ подразбира нешто што веќе постои. Исто така, значи дека немаме избор за тоа што ќе најдеме. Додека ‘измислено’ се однесува на нешто што претходно не постоело и ние имаме избор што е тоа што ќе го измислиме.

Физиката е откритие на односи кои се вистинско својство на универзумот. Во оваа смисла, дали и математиката е откривање на вистините за нашиот универзум или е пак само апстракција што се измислува (евоцира), како поезијата, музиката или можеби играта шах? Сите се согласуваме дека сонетот како поезија од 14 реда е измислен од Сицилијанецот Џакомо да Лентини во 13 век или дека џез-композициите не постоеле пред одредени и веќе заборавени црнци од југот на САД да ја создадат првата.

Вистински факт за нашиот универзум е дека е можно да се измислат нови игри, како шахот на пример, или форми кои, откако ќе се појават, имаат ограничувања или правила кои дефинираат огромен или бесконечен простор на остварувања.

Истражувајќи ја литературата за врската помеѓу математиката и движењето опишана од физиката, таа неоспорно започнува со парадоксите на Зенон, кои од секогаш ми биле една од најомилените. Некои 22 века подоцна, Њутн и Лајбниц со нивната математичка анализа се чини дека конечно ги разрешиле, но пред 100 години, со ‘откритието’ на квантната механика се чини дека парадоксите на Зенон се поактуелни од било кога. Нешто што би му направило големо задоволство на Зенон.

Што се однесува до вечниот „Еп за Гилгамеш“, особено со најновите археолошки откритија кои комплетираа 70% од целиот текст на епот, неверојатна е сличноста на фундаменталните прашања со кои човештвото се соочува денес и доколку можам да ја позајмам метафората на мојот сограѓанин Рацин во ‘Белите Мугри’ на човештвото пред 6000 години, кога епот бил створен од непознатиот автор. Но за сето ова и за дубровчанинот кој за првпат почнал да продава кафе во Лондон карши берзата е можеби подобро да се прочита во книгата“, порачува Василкоски .

Издавач на книгата во Македонија е издавачката куќа „Арс Ламина“, која му била препорачана од неговиот професор Виктор Урумов.

„Книгата ја пишував специјално за македонската публика и поширокиот регион на соседните земји со соодветни референци. Така што верувам дека би им се видела интересна и на читателите во целиот источен Медитеран и во Европа. Но, не сум сигурен колку би ѝ била интересна на американската публика. Инаку, книгата ја преведов и на англиски за да можат Мартин Карплус, Александар Виленкин и другите двајца професори да ја прочитаат, да ми дадат совети за научната содржина и конечно, да го напишат предговорот за неа“, вели тој и додава дека воопшто не му недостасувале македонски зборови додека ја пишувал.

„Првиот јазик не се заборава. Исто така, дома зборуваме цело време македонски. Со оглед на тоа дека сите тројца сме физичари, добро сме запознаени за тоа како повеќето стручни зборови треба да се преведат од англиски на македонски, дури и оние што сè уште не постојат. Сакам да додадам и дека на уредникот на книгата Филип Видиновски му должам вечера во најстарата кафеана, барем на територијата на која живеат јужните словени, велешката скараџилница ‘Под Мостот’, најомилената на Петре Прличко, која навистина е лоцирана под мостот ‘Гемиџии’“, вели Златко.

Осврнувајќи се повторно на својата книга Василкоски вели дека е таа наменета за широката публика и дека научната база што ја пружа основното образование е доволна за да може да се разбере нејзината содржина која е проследена и со голем број на историски анегдоти кои на метафоричен начин ја заокружуваат сликата за фундаменталните аспекти на универзумот во кој живееме.

„Она што е откриено во космологијата за последните неколку децении е многу повеќе отколку сите откритија претходно низ историјата. Книгата настојува да ги разјасни сите овие откритија користејќи наједноставен јазик, така што таа е наменета за секој оној што е љубопитен за тоа зошто светот во кој што живееме е онаков како што го набљудуваме, иако би можел да биде многу, многу поинаков“, вели Василкоски.

Тој планира да дојде во Македонија во средината на мај, кога ќе се случи и официјалната промоција на книгата.

Поврзани содржини