ЕТИЧАРОТ ОД СИГУЕНСА Наш научник од Сиднеј го обвинува професорот Леонид Наков за плагијат
„Како човек кој православното учење се обидува да го примени што е можно повеќе во секојдневниот живот, се соочив со дилема за тоа кој да биде мојот последен чекор. Дали општиот, јавниот, интерес е толку голем што ќе мора да прибегнам кон последниот чекор од насоките на Комитетот за етика при објавувањето? Дали тоа не се коси со моето верување? Тогаш се присетив дека и саканиот Свети Никола од ревност го нападнал еретикот Ариј. Така, заклучив дека дребен човек како мене ќе направи поголем грев ако не реагира на ова ужасно поведение од граѓанинот Леонид Наков“, пишува Филип Фиданоски од Школата за економија при Универзитет на Нов Јужен Велс, Сиднеј, Австралија.
Филип Фиданоски од Школата за економија при Универзитет на Нов Јужен Велс, Сиднеј, Австралија, се обрати со допис до Редакцијата на Плусинфо, во кој побара порталот да објави негова реакција за, како што тврди, плагијат и повреда на неговите авторски права, од страна на Леонид Наков, професор на Економскиот факултет во Скопје.
За овој допис, Редакцијата на 7 март го извести г-н Наков и од него побара одговор на наводите на г-н Фиданоски, со молба тоа да го стори до петокот, 11 март. За жал, тој не ни одговори. По оваа објава, Плусинфо и натаму очекува г-н Наков да одговори на наводите во кои е обвинет за неакадемско поведение.
Обраќањето на г-н Фиданоски до јавноста го објавуваме во целост (поднасловот и меѓунасловите се редакциски):
Насловот на овој текст е инспирација од една моја дамнешна и трајна љубов — литературата. Така, своевремено, читајќи го колосалното дело напишано од перото на Сервантес, „Дон Кихот“, наидов на едно место кое само по себе се чинеше дека не значи ништо. Имено, таму се вели дека Дон Кихот водел учени разговори со школуван човек од Универзитетот во Сигуенса. Секој би рекол — обична фраза. Сепак, само навидум се чини обична, а во основа е доста необична. Преведувачот, кој е поинформиран од обичниот читател, запишува: „Во она време, постоеја во Шпанија мали универзитети кои за пари на секоја будала ѝ доделуваа степен доктор на науки. Сигуенса беше на глас дека дава докторство дури и на магарињата, се разбира, доколку тие претходно можат да платат два дублони.“ Таквите поединци, според видувањата на мојата дребност, се школувани, но необразовани индивидуи.
Ова навистина беше одличен лајтмотив и инспирација за насловот, но ни на крај памет не ми паѓа да го споредам „јунакот“ од овие редови со она симпатично суштество со долги уши. За тоа постои причина голема колку карпите на Крчин, од кои Цепенков запишува народно предание дека скрцкал дури и коработ на Дедо Ное — љубовта кон животинскиот свет. Од друга страна, православната теологија олицетворена во Павел Флорински бележи дека само кога се дели, љубовта се мултиплицира. Музичките записи од маестро Збигњев Прајснер за љубовта, пак, објаснета од Апостол Павле во Светото Писмо, продираат до моите невралгични центри и ја блокираат рационалната просуда. За среќа, тоа возвишено чувство на љубов отсуствува кога станува збор за псевдонаучни појави или — преднацрт на научен профил со лажна лична/научна карта, научник во обид чии когнитивни процеси се необјасниви ако истиот се смета дека е homo sapiens per se. Оттука, верувајте дека рационалноста е особено изразен елемент во редовите на ова мое писание кое се исправа пред вашите очи, а е посветено на Етичарот од Сигуенса.
Каква ужасна хипокризија!
Нека ми биде простено за екстензивната дигресија, чија телеолошка улога се огледува во појаснување на насловот, пред сѐ. Сега, ќе се обидам поконкретно да ја сецирам централната тема во текстот. Имено, пред помалку од една година, сосема случајно, наидов на труд со наслов „The Impact of Organizational Changes on Increasing Smes (sic.) Competitiveness“. Од увидот во трудот забележав дека табелите од регресионата анализа, како и сликата од регресионата анализа и модели, се целосно исти како оние од пораката која сум ја испратил на 10 февруари 2015 година до граѓанинот Леонид Наков, кој на Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот Свв. Кирил и Методиј во Скопје, рангиран на 1.594 место во светот според Вебометрикс, е редовен професор по предметот Деловна етика. Сепак, моето „гранче чесно дрво“, моето име, не може да се пронајде ниту со Гајгер-Милеров бројач. Го нема ниту во благодарноста во објавениот научен труд.
Да е трагедијата поголема, моите информации говорат дека граѓанинот Наков предава и Научно-истражувачка етика на Школата за докторските студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Граѓанин, кој по своето неакадемско однесување наликува на Дидрик Стejпл, ги поучува идните научници како да го сообразат своето однесување со етичките принципи. Каква ужасна хипокризија! Верувам дека дури и проклетиот Веит Харлан поубаво и со поголема страст би ја испеал „Хатиква“ отколку дотичниот да ја долови важноста на етичките принципи во академијата. Еден поет би рекол дека тоа е поголем срам од тоа „Жаклина Кенеди да се омажеше за Ли Харви Освалд“. Оттука, по сите мерила тој е етичар, но од Сигуенса.
Кога го забележав ова неакадемско однесување, кое се случило уште во 2019 година (до овој момент трудот е цитиран 13 пати според Google Scholar), веднаш се обратив до граѓанинот Наков, а следејќи ги правилата од Комитетот за етика при објавувањето и изрично побарав да го повлече трудот, како и да ми испрати нотарски заверено извинување. Како што тогаш му напишав, цврсто верувајќи дека направил ненамерен пропуст, а сѐ со цел слични дејанија кои ја нарушуваат академската честитост да се превенираат во иднина, побарав две работи кои ќе ги задоволат сите групи од интерес, а најмногу студентите и младите истражувачи кои го сочинуваат јадрото на идната интелигенција. Поконкретно, побарав трудот да биде повлечен и да добијам јавно извинување за сторениот пропуст. Напишав: „Мислам дека тоа ќе биде добар исчекор кон некои подобри времиња кога знамето на академијата ќе може гордо да се истакне, ако може така да кажам, а да ме сфатите.“ Дополнително, во моето обраќање до граѓанинот Наков, напишав и дека моја единствена побуда да се обратам до него е „онаа бесмртна реченица испишана на Платоновата академија: Нека не влегува оној кој не познава геометрија! Денес, геометриските правила и принципи на моралот се или би требало да бидат нашиот spiritus movens.“
Плагијат и повреда на авторските права
Nota bene, важно е да се напомене дека резолутно одбив телефонска или видеокомуникација со граѓанинот Наков, со цел да не ја компромитирам постапката. И тој самиот се согласи дека направил академски пропуст, ако морам да користам еуфемизам, но тоа сепак е нешто кое безмалку сите го нарекуваат со друго име — плагијат и повреда на авторски права. Во случајов, дури и Слепиот Фреди би го видел тоа. Има урбани приказни поврзани со овој труд, чии соавтори на Етичарот од Сигуенса никогаш не сум ги запознал, но јас ќе се задржам само на фактите. Имено, во 2014 година, граѓанинот Леонид Наков ми понуди заедно да работиме еден проект. Јас го прифатив повикот и кога ми беа доставени податоците, направив некои многу едноставни модели кои требаше да послужат само како показател за понатамошни и посеопфатни научни потфати. Но, од секое дрво кавал не бидува или, пак, Цепенков би рекол дека „од лепешка зелник не бидуват“. Така, овие иницијални анализи останаа само мртво слово на хартија сѐ до оној момент до кој граѓанинот Наков не помислил дека со својот здив може да ги „оживее“, белким како да е жив Бог, а не научник-аматер кој до моментот на пишување на овие редови има објавено само еден труд во списание индексирано во Скопус, додека цитираноста во Скопус е непозната во неговиот академски вокабулар и пракса. Тој само го следи „Животот на другите“, слично како оној епигон во врвното дело на германската филмска уметност од Флоријан Хенкел фон Донерсмарк. Граѓанинот Леонид Наков ги објавил моите иницијални анализи, кои требаше да послужат само како сидро и насока, под свое име.
Да кажам и нешто друго, како човек кој работи на еден од најдобрите 50 универзитети во светот, со индигнација ја одбив понудата да сум соработувал со граѓанинот Наков во некој иден научен проект, како и тоа дополнително да го напишеле моето име во труд кој е веќе објавен. Самото ова покажува дека академските постулати, кои треба да бидат негова „Таблица перваја“, се за него безмалку бласфемични. Токму поради тоа граѓанинот Наков е Етичар од Сигуенса.
Од негова страна, бев информиран дека тој се соочува со некои лични предизвици, па дури му испратив и нацрт-писмо со извинување, кое требаше да го потпише и да ми го испрати, а поради тоа му дадов и повеќемесечен простор. Кога видов дека шансите писмото да стигне до мене се еднакви на шансите да добијам повик од Нобеловиот комитет, што значи никакви, се обратив до раководителот на високообразовната институција во која граѓанинот Наков е ангажиран со полно работно време како редовен професор. Тоа, повторно го направив во согласност со насоките од Комитетот за етика при објавувањето. Конкретно, напишав порака до раководителот на високообразовната институција, Трпески Предраг, во која хронолошки и детално го информирав за овој неакадемски, па ако сакате и варварски чин, бидејќи повредата на авторски права е едно од најголемите варварства. Царствата пропаѓаат од неморал, да го парафразирам Малро. Елем, бев информиран од раководителот дека ќе се сретне со граѓанинот Леонид Наков и дека ќе разговараат. Потоа, како одговор ми беше соопштено дека граѓанинот Наков ќе се обрател на мојата дребност во скоро време. Тоа, сепак, до овој момент, а безмалку три месеци од мојата писмена комуникација со деканот, не се има случено.
Оттука, принуден сум своите права да ги заштитам на овој начин, преку информирање на широката јавност, но секако дека ќе биде информирана и светската научна јавност преку еден значаен истражувачки портал, но и надлежниот судски орган. Ова е заштита не само на моите права, туку и на студентите на кои тој треба да им предава, ни повеќе а ни помалку, етика.
Ѕвездите се менуваат – паметта останува истa
Како човек кој православното учење се обидува да го примени што е можно повеќе во секојдневниот живот, се соочив со дилема за тоа кој да биде мојот последен чекор. Дали општиот, јавниот, интерес е толку голем што ќе мора да прибегнам кон последниот чекор од насоките на Комитетот за етика при објавувањето? Дали тоа не се коси со моето верување? Тогаш се присетив дека и саканиот Свети Никола од ревност го нападнал еретикот Ариј. Така, заклучив дека дребен човек како мене ќе направи поголем грев ако не реагира на ова ужасно поведение од граѓанинот Наков.
Конечно, во претпоследното свое дело, еден од најпознатите југословенски економисти, Бранко Хорват, бележи дека „големо назадување ги зафати сите делови на општеството, вклучувајќи го и универзитетот.“ Тој додава и дека „големи делови од моите теоретски книги веќе ни професорите не ги разбираат, па тогаш, се разбира, нема кој да им ги предава ни на студентите.“ Тој беше оптимист дека „можеби сѐ уште нешто може да се промени“. Пред тоа, друг мудар човек рекол дека „ѕвездите се менуваат – паметта останува истa.“ Сепак, моите размисли инклинираат кон напишаното од Хорват. Затоа, се надевам дека академијата во Македонија не е иста како Дантевиот „Пекол“ и дека сѐ уште има надеж, барем за оние преубави и препаметни млади глави кои студираат и кои, убеден сум, дека ќе ја влечат човековата цивилизација кон сеопшт прогрес, ако се подучувани од луѓе за кои етичките принципи во академијата имаат ниво на најголема светост.
Затоа, на такви како Етичарот од Сигуенса, граѓанинот Леонид Наков, мора да им се застане на патот кој води кон деструкција на академијата во Македонија во целина. Поверојатно е празна вреќа да стои исправено, отколку таква појава да ги подучува студентите етика на начин на кој што треба да бидат подучени.
(Филип Фиданоски, Школа за економија, Универзитет на Нов Јужен Велс, Сиднеј, Австралија)