ЗАД МАСКАТА „БОРБА ЗА ВЛАЕ“ СТОЈАТ ДВЕ СОВЕТНИЧКИ Јакимовски уверува дека нема да стави ниту лопата бетон

Организирани преку инцијативата „Борба за Влае“, граѓаните повикуваат на реакција преку законското право на поднесување забелешки на ДУП-от преку анкетен лист кој треба да се пополни и достави до општината, најдоцна до 25 март.

4,447

Укинување на Предлог-деталниот урбанистички план за Градска четврт СЗ 19 и негово враќање на ревизија бараат жителите на Влае кои предупредуваат дека доколку овој план го усвои Општина Карпош ќе значи бришење на единствените спортски и зелени површини во овој дел од градот што ќе резултира со сериозно деградирање на квалитетот на живот, на сметка на згради и паркиралишта, односно објекти кои се во служба на нечии комерцијални интереси.

– Нема да има ниту лопата бетон на спортските игралишта, а за градинката ќе се изјаснат жителите на Влае – одговори градоначалникот на  општина Карпош Стевчо Јакимовски.






Организирани преку инцијативата „Борба за Влае“, граѓаните повикуваат на реакција преку законското право на поднесување забелешки на ДУП-от преку анкетен лист кој треба да се пополни и достави до општината, најдоцна до 25 март.

– Овој простор покрај Вардар е ретко место каде може да се одмориме од секојдневието и автомобилите. Бараме објектот за спорт да се избрише и да останат отворени терени, повторно за спорт, но од отворен тип, како и да се образложи потребата од објектот за здравствена и социјална заштита на местото на тревникот. Бидејќи сметаме дека на Влае не му фали повеќе бетон ни згради на местото на зеленилото сакаме да го спречиме овој ДУП од донесување – велат од иницијативата.

Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски тврди дека е дезинформација дека на спортските терени во Влае ќе се става бетон.

– Тој дел од општина Карпош е Д3- спорт и рекреација. Таму каде што имаме спортски терени, фудбалско, кошаркарско, детско игралиште, не може да биде ништо друго освен спорт и рекреација. Тоа е место каде што не се дозволува никаква градба. Ниту било какво киоскче, ниту продавниче, или кафуле или што било. Тоа значи дека граѓаните треба да бидат потполно спокојни. Во делот на спортските терени во Влае 2 ниту една лопата со бетон нема да биде ставена. Затоа нема никаква потреба за „борби“ во Влае 2. Поголем борец за доброто на граѓаните во Влае 2 мислам дека немало од мене со тоа што сме ги направиле овие спортски терени, сме го осветлиле кејот, сме го уредиле кејот, сите улици, рабници, тротоари… Од улица Сливовска до улица Ботун сите се реконструирани, вклучувајќи ја главната улица, основното училиште Димо Хаџи Димов чија реконструкција чинеше 850.000 евра. Новите згради П+2 сите се издвоени со посебна водоводна мрежа, за останатиот дел од Влае да има поголема количина на вода. Решавањето на сите инфраструктурни проблеми во тој дел од Влае чинеше околу 900.000 евра –  вели Јакимовски.

Тој, исто така, објаснува дека на територијата на Влае 2, планерите од Град Скопје вцртале градинка сметајќи дека во ова населено место нема доволно простор за детски градинки споредено со бројот на жители. Урбанистичкиот план е изложен во месната заедница во Влае 2 каде што граѓаните можат да дадат забелешки.

– Не можам да разберам како некој може да се обидува да злоупотребува или да подбуцнува граѓани да се противат на изградба на објекти за детска заштита кои се однесуваат за згрижување на нашите деца токму во тој дел. Немаме намера ниту ние, ниту планерите од Град Скопје да се конфронтираат со вас граѓаните на Влае 2. Ќе го видите урбанистичкиот план, ќе си дадете свое мислење и свои забелешки. Урбанистичкиот план е изложен во месната заедница. Граѓаните нека си го дадат своето мислење за секоја своја забелешка. Потоа комисијата заедно со планерите ќе седнат и сѐ што е во интерес на граѓаните на Влае 2 ќе биде направено. Морам да ви кажам да не верувате на какви било дезинформации кои се обидуваат да ги шират поединци. Очигледно тие се вгнездија во советничките клупи на Општина Карпош врз база на дезинформации. Моја задача е да се борам против тие дезинформации со вистина, односно да се борам што е можно повеќе проблеми да им решиме на граѓаните во наредните три и пол години – вели Јакимовски, кој посочи дека зад маската „Борба за Влае“ стојат две советнички од Советот на Општина Карпош.

Градоначалникот, како што изјави, сака побрзо да се донесе урбанистичкиот план затоа што до сега многу граѓани претрпеле големи финансиски штети поради неможноста да градат.

Поврзани содржини