Светскиот мир виси на конец
Во ерата на нуклеарното вооружување мирот нема да победи преку светска војна. Нуклеарната војна би била крај на човековата цивилизација каква што ја знаеме сега. А сепак, отпор кон агресијата мора да има зашто во спротивно агресорот толку ќе се осили што, на крајот, војната ќе стане неизбежна. Угоре високо, удолу длабоко, вели народната.
Откога претседателот на Русија Владимир Путин, два пати во текот на минатата недела најави дека ќе изврши самоубиство и дека ќе го повлече целиот свет со себе, светскиот мир виси на конец. Рамнотежата на стравот беше она што го чуваше мирот безмалку 5о години во текот на Студената војна па ниту еден тогашен политичар не се закануваше така отворено со нуклеарна војна. Зборувам за стравот дека во моментот кога едната од двете суперсили ќе почне со нуклеарен напад, потпишала смртна пресуда за себе и за својот народ.
Неодамна јавно се запрашав каде исчезна тој страв од нуклеарна војна, во Македонија но и во светот. Кога на ТВ екранот видов дека стравот го нема и кај Путин сериознао се загрижив за неговото ментално здравје и употребив (се надевам) пресилен збор во насловот на вчерашната колумна. Како се доведовме до оваа ситуација?Кој почна прв? Каков став треба да имеме како поединци и како држави? Ова се прашања кои често се слушаат деновиве во светот.
Во обидот да одговорат, аналитичари се повикуваат на Џорџ Кенан, авторот на доктрината на ограничување на СССР, која доведе до пораз на комунистичката идеологија и имплозија на системот на еднопартиската власт. Прашан, во деведесеттите, што мисли за проширувањето на НАТО кон границите на Русија, Кенан одговара дека е тоа рецепт за идна катастрофа. Актуелен е и текстот на Хенри Кисинџер за „Вашингтон пост“ од 2014 година во кој пишува дека Украина треба да стане мост помеѓу Русија и Западот, а не поле за конфронтација. Но за да се случи тоа потребно е Русија да прифати дека да се обиде да ја принуди Украина во статус на сателит ќе ја конфронтира со Европа и со САД, а Западот да разбере дека за Русија Украина нема да биде само странска држава. Настаните што следеа ги игнорираа умните зборови. И сега што?
Наместо одговор еве една историска паралела која покажува дека мораме да се соочиме со реалните политички процеси а не со најдобрите решенија на интелектуалците. Илјадници страници се напишани за тезата дека санкциите и енормните репарации кои сојузниците и ги наметнаа на Германија како поразена страна во Првата светска војна е вистинската причина за појавата на Адолф Хитлер на германската и на светската сцена. Имено, еден поразен, осиромашен и деморализиран народ стана лесен плен на бруталниот диктатор кој ја почна Втората светска војна. Да немаше такви санкции и такви репарации, велат истражувачите, немаше да пропадне демократската Вајмарска република и Хитлер немаше да ја освои власта. Но, се случи тоа што се случи и светот, после серија неуспешни мировни иницијативи, мораше да завојува со Германија за, на крајот, да победи мирот.
Во ерата на нуклеарното вооружување мирот нема да победи преку светска војна. Нуклеарната војна би била крај на човековата цивилизација каква што ја знаеме сега. А сепак, отпор кон агресијата мора да има зашто во спротивно агресорот толку ќе се осили што, на крајот, војната ќе стане неизбежна. Угоре високо, удолу длабоко, вели народната.