СЕ ВЉУБИВТЕ ВО НЕГОВИОТ УМ? Тоа е тајната на сапиосексуалноста
Без разлика дали се прифаќаме себеси како сапиосексуалци или не, факт е дека овој збор опширно го дефинира секого од нас. Можеби денес, повеќе од кога било, се чини дека некои други вредности ја погазија оваа основна и дека физичкиот изглед преовладува во секоја смисла.
Забележливо е дека во последно време сѐ почесто се среќаваме со зборот сапиосексуалност – и во говорот и во медиумите. Оваа кованица застана на исто ниво со зборовите како хипстер и селфи и за многу кратко време доминираше на социјалните мрежи. Според некои истражувања на интернет, одеднаш стана многу популарно на сајтовите за запознавање да се карактеризирате како сапиосексуалец. Се очекува задоволство и пријатно изненадување кај личноста од другата страна на екранот кога ќе го види овој збор во описот на вашиот профил.
Германскиот весник „Билд“ пишува за тоа како сапиосексуалноста одеднаш стана сеприсутна.
„Сапиосексуалноста е нов збор и значи привлечност кон интелигенцијата. Станува збор за моментот кога човек сфаќа дека интелигентниот соговорник не само што го анимира, туку и сексуално го привлекува со својата приказна“.
Меѓутоа, прашањето кое во овој текст е обработено од малку научна гледна точка е: дали зборот сапиосексуалност е откровение за сите оние кои не успеале да го опфатат ова сложено чувство со еден збор или е излижана етикета за секој член на човечкиот род?
Што сѐ спаѓа во терминот интелигенција?
За да се навлезе подлабоко во темата, потребно е прво да се направи разлика што значи поимот интелигенција. Интелигенцијата е збор од латинско потекло и буквално значи – способност за увидување.
Човечката интелигенција не се заснова само на оптовареност со податоци и со знаење, туку вклучува и емоционална, социјална, когнитивна и други подвидови интелигенција и е многу сложен феномен.
Интелигентната личност се карактеризира со остроумност, духовитост, генијалност, шарм, а кога ќе се сумираат сите овие квалитети – и со способност за заведување.
Ако размислиме овде, лесно ќе сфатиме дека овие квалитети не се резервирани само за таканаречените сапиосексуалци, туку за речиси секој човек. Тие се клучни во изборот на партнерот, без разлика дали сме свесни за тоа или не. Па, како интелигенцијата станала одлучувачки фактор?
Научно објаснување на сапиосексуалноста
Во последните 2,5 милијарди години, човечкиот мозок е тројно зголемен. Ниту еден друг вид не развил толку неверојатно ниво на интелигенција како човекот. Но, зошто? Човек може да функционира речиси подеднакво продуктивно и без потешкотии со многу помал мозок, но поради некоја причина оваа особина значително еволуирала.
Сексуалната селекција, а првично Дарвиновата теорија, нуди објаснување за овој феномен. Оваа теорија ја претставува појавата на особини за кои недвосмислено можеме да заклучиме дека им одмагаат на нивните носители во опстанокот, но им помагаат во размножувањето и се толку зачестени што стануваат типични за еден вид.
Овој тип на селекција ја објаснува ненормално големата и бујна опашка на паунот (која го спречува да лета доколку е во опасност), роговите на елените, гласната песна на птиците (кои го откриваат своето скривалиште и се изложуваат на неволја) и човечкиот мозок (што е посложен и поголем, има повеќе шанси за оштетување на нервниот систем).
Сите овие особини се развиени за да служат во борбата за сексуален партнер помеѓу поединци од ист пол или за заведување поединци од спротивниот пол.
Исто така, било откриено дека гените кои влијаат на интелигенцијата и гените кои влијаат на плодноста се наоѓаат на истиот хромозом Х. Бидејќи и двете карактеристики бараат сложена генетска мрежа, се смета дека тие еволуирале заедно.
Биологот Џефри Милер рекол дека интелигенцијата е „индикатор за општото здравје на една личност“, па може да се заклучи дека нашите предци избирајќи партнер врз основа на неговата интелигенција, всушност избрале партнер со кого можат да имаат плодно потомство.
Милер дополнително објаснува:
– Интелигенцијата генетски се пренесува на потомството во форма на широк спектар на различни особини, како што се елоквентност, јасност на умот и смисла за хумор.
Така изразениот интелект на партнерот ги зголемува шансите за опстанок на потомството.
Умот владее
Иако постојат и други објаснувања за неверојатниот развој на интелигенцијата кај луѓето, како на пример дека интелигенцијата еволуирала за подобро да го разбере општеството во кое живееме (теоријата на Николас Хемфри за социјална интелигенција) или да може да манипулира со други луѓе (теоријата на Вајфен и Бирн за макијавелистичка интелигенција), теоријата за сексуалната селекција остана најприфатена до ден-денес.
Дури и да се дистанцираме од оваа теорија и да размислиме за состојбата на нештата, јасно е дека клише изразите „Убавината е минлива, интелигенцијата останува“, „Најважна е внатрешната убавина“, „Умот владее“, навистина не се ни малку бесмислени, колку и да им се изгуби значењето во бескрајното повторување.
Без разлика дали се прифаќаме себеси како сапиосексуалци или не, факт е дека овој збор опширно го дефинира секого од нас. Можеби денес, повеќе од кога било, се чини дека некои други вредности ја погазија оваа основна и дека физичкиот изглед преовладува во секоја смисла.
Сепак, очигледно е дека човечката популација немаше да стигне таму каде што е и интелигенцијата немаше да продолжи да се развива денес, неуморно и незапирливо, доколку низ вековите не ги избиравме партнерите според клучните карактеристики.