Останавме без парно, а наскоро ќе останеме и без капитализам
Кој би можел да верува дека претставниците на либералната економска мисла, ќе предложат решение кое ќе оди во прилог на предлогот на Левица, чии партиски претставници предлагаат национализација на енергетските капацитети во Македонија?
Не сум јас некој голем економист, ама ако нешто ми е познато од економската наука е тоа дека понудата и побарувачката во пазарните економии ја формираат цената на производите и на услугите. Значи доколку на пазарот понудата на бело брашно е поголема, тогаш и производната цена на лебот и на пецивата ќе биде пониска.
Примери колку сакате.
Но во овие студени денови, во кои е неизвесно како ќе се загреат поголемиот дел од жителите на Скопје, ни текнува само на еден пример со кој можеме да ја објасниме пазарната економија. Односно, кога цената на гасот и другите енергенси е висока, тогаш во Македонија капитализмот престанува да функционира?! Или со други зборови, големите менаџери школувани по харварди и кембриџи се беспрекорни во работењето кога монополската позиција на своите компании ја користат за остварување на профит. Но, кога ќе настапи криза, тогаш тие наеднаш забораваат на лекциите од Пол Самуелсон и на сите други мудреци што ѝ припаѓаат на кензијанската група на економисти и трчат во прегратките на социјализмот.
Скопјани нема да имаат парно од утре, бидејќи монополската компанија нема пари за набавка на гас. Да, менаџерите на Балкан енерџи груп(БЕГ), стокмени во бизнис костуми, машносани, со манжетни со сè, полни со знаење и искуство предлагаат Владата да ја преземе обврската со греењето на главниот град во зимските месеци, а тие во мај повторно ќе се врателе на старо. Или, како што јас ова го разбирам, од БЕГ ќе можат да обезбедат парно греење во месеците кога парното е исклучено.
Навистина генијално решение.
Кој би можел да верува дека претставниците на либералната економска мисла, ќе предложат решение кое ќе оди во прилог на предлогот на Левица, чии партиски претставници предлагаат национализација на енергетските капацитети во Македонија? Тоа може да им се допаѓа на припадниците на работничката класа, но на директорите и стопанствениците е тешко да се замисли.
Но, така беше и пред Нова година кога добавувачите на електрична енергија извршија масовно раскинување на договорите за испорака на струја со деловните корисници, бидејќи не им се исплатела набавната цена.
Уште една голема капиталистичка победа.
Се сеќавам дека пред неколку години, кога се водеше дебатата за либерализацијата во секторот на испорака на електрична енергија, големите економисти нè уверуваа дека ослободениот пазар ќе донесе поголем квалитет и пониски цени. Но уште на првиот ден од кризата, која е глобална, слободниот енергетски пазар во Македонија се распадна како буре за вино фрлено од четврти спрат.
Допрва ќе треба да сочекаме за да видиме како ќе се решава актуелната криза. Итно треба да се реши испораката на гас за скопската топлификациска мрежа, а уште неколку месеци најмалку ќе треба да се издржи со високите цени на електрична енергија и на сите други енергенси. Потоа ќе треба да се изведуваат заклучоци и да се направи стратегија со која нема да се дозволи пазарот самиот да се регулира, туку државата, баш како што предлагаат менаџерите, самата да се погрижи за струјата и парното.
Во 20 век го упропоастивме социјализмот, а еве сега во 21 век го правиме истото и со капитализмот.