ЗА 50 ЕВРА ПОВИСОКИ ПЛАТИ И ЕФИКАСНА ДРЖАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА Што содржи програмата на Ковачевски?
Просечна плата од 550 евра, излез од енергетската криза, модерна инфраструктура, вложување во здравствениот систем, легализација на канабисот, се само дел од ветувањата на мандатарот Димитар Ковачевски.
Просечна плата од 550 евра, легална размена на биткоини, заштита на животната средина, стабилен здравствен систем, легализација на марихуаната, владеење на правото, ефикасно работење на државната и јавна администрација на сите нивоа. Ова се само дел од работите што ги предвидува владината програма на новиот мандатар Димитар Ковачевски, напишана на дури 55 страници, а која треба в сабота да биде изгласана во Собранието.
Програмата се однесува за периодот од 2022 до 2024 година, бидејќи, како што вели Ковачевски, мандатот за работа на владата се базира на изборната волја на граѓаните од последните парламентарни избори одржани на 15 јули 2020 година, како и парламентарната и политичка поддршка претставена преку зголемено мнозинство на пратеници.
Мандатарот најавува дека политиките од претходната Влада ќе продолжат, но дека ќе бидат значително подобрени и дополнети.
„Досегашните искуства од работењето на претходната Влада, направените објективни анализии нужноста за промени како предуслов за борба со постоечките и новите предизвици, резултираа со потребата за избор на нова Влада. Клучната обврска на новата Влада е да ја зголеми ефикасноста и успешноста во реализација на стратешките правци и политиките за кои граѓаните дадоа доверба на парламентарното мнозинство. Конкретно, политиките да продолжат, да се подобрат и дополнат…“, пишува Ковачевски во програмата.
Економијата во фокусот
Фокусот во наредните две години на новата влада ќе биде на економијата, ветува мандатарот Димитар Ковачевски.
„Фокусот на владата преку економските политики и мерки е кумулативниот раст на продуктивноста на трудот да достигне до 15 отсто за да овозможиме и реално зголемување на нетоплатата низ целата економија за најмалку 13,4 отсто. Со овие активности се придонесува за зголемување на просечната плата за над 3.100 денари или за 50 евра повеќе на месечно ниво“, пишува Ковачевски во програмата.
Мандатарот во програмата не крие дека во 2022 година основен приоритет ќе биде националниот одговор на енергетската криза и најавува дека конечно мора да се преземат суштински, долгорочни и стратешки мерки за да се спроведе енергетската транзиција.
„Клучна цел на економската политика на владата ќе биде забрзан и одржлив раст и пораст на БДП со забрзување на стапките од 2,5 отсто до 5 отсто просечен раст, и притоа одржување на фискалната стабилност преку мобилизирање на капитал од приватниот сектор, како дополнување на финансиските средства од буџетот и задолжувањата. Задолжувањето ќе остане умерено, со оптимизација на формите на домашно и надворешно задолжување. Оттаму, клучен предизвик за нас останува фокусирање на намената на средствата“, пишува во програмата.
Ковачевски не се откажува од поголема праведност во оданочувањето, со цел, како што наведува, да се обезбеди секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот.
„За наредните пет години, главниот фокус ќе биде воспоставување вертикална праведност, која може да се смета за пошироко решение од прогресивноста на даноците. Очекуваните резултати се новодизајниран модел за праведно оданочување, имплементација на стандардите за спречување на ерозија на даночната основа и преместување на профитот“, напишал мандатарот во програмата.
Платите ќе растат, биткоините стануваат легални
Мандатарот Димитар Ковачевски во својата програма наведува дека порастот на минималната плата ќе продолжи и во иднина.
„Низ инклузивен процес, со вклучување на сите релевантни фактори, синдикати, комори, ќе дојдеме до прифатливи решенија за сите заинтересирани страни. Фокусот на Владата преку економските политики и мерки е кумулативниот раст на продуктивноста на трудот да достигне до 15 отсто за да овозможиме и реално зголемување на нетоплатата низ целата економија за најмалку 13,4 отсто. Со овие активности се придонесува за зголемување на просечната плата за над 3.100 денари или за 50 евра повеќе на месечно ниво. До крајот на мандатот на Владата, проектираме просечната плата да изнесува 34.000 денари, базирано на континуираниот раст на просечната нето плата во изминатиот период“, се вели во програмата на Ковачевски.
Иако тоа не е во мандатот на владата, во програмата на Ковачевски е наведено и дека девизниот курс на денарот е стабилен и дека нивото на девизните резерви е соодветен за одбрана на стабилноста на курсот.
Владата сака да се приклучи и на новите глобални текови, кои сериозно прогресираат и во најразвиените финансиски системи.
„Владата ќе им овозможи на граѓаните кои поседуваат биткоини или други стабилни криптосредства да ги разменуваат на легален начин, а домашните компании да вршат трговија кон странство во криптосредства кон своите добавувачи. Ова ќе биде дозволено со законско решение кое Владата и Министерството за финансии ќе го изработат во соработка со Народната банка и во консултација со комерцијалните банки во државата, а ќе бидат консултирани и релевантни експерти на оваа тема. Формалното решение ќе ги следи регулативите и препораките на Европската Унија за регулирање на пазарот на крипто средствата. Во овој контекст ќе се воведуваат и решенија за заштитни механизми против евентуални злоупотреби, како и во однос на спречување на перењето пари и намалување на неформалната економија. Формализацијата на тргувањето со криптовалути ќе донесе и даночен прилив во економијата на Северна Македонија на долг рок, а ќе ги привлече и потенцијалните криптоинвеститори од светот“, се вели во програмата.
Сонцето, водата и ветерот се наши сојузници
Во првите три месеци од новиот мандат, наведено е во владината програма, до Собранието ќе бидат доставени неколку закони за стратешките инвестиции за големи инфраструктурни енергетски проекти со предвидени инвестиции над една милјарда евра, и тоа: еден од најголемите ветерни паркови во регионот, Ветерен парк Вирови со инсталиран капацитет од 414 MW на територијата на општините Крива Паланка, Старо Нагоричане и Ранковце со планирана инвестиција од над 500 милиони евра од страна на германската компанија WPD Europe, и други.
„На граѓаните и на компаниите ќе им бидат овозможени олеснети и либерализирани услови за инсталирање на фотонапонски електрани на своите кровови, со цел задоволување на сопствените потреби на електрична енергија, а вишоците да можат да ги продаваат по подобри услови од сегашните. Ќе се укине ограничувањето по инсталиран капацитет и за домаќинствата и за индустриските потрошувачи. Во првите три месеци од мандатот на оваа Влада ќе биде предложен нов посебен закон за изградба на фотонапонски електрани со кој ќе се решат проблемите со досегашните административни процедури“, се вели во програмата.
Фокусот на обновловите извори на енергија и ефикаснoто искористување на сонцето, ветерот и водата се основа.
„Владата ќе дејствува кон успешна енергетска транзиција која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето на енергенси, и одржливост на енергетскиот систем, што ќе биде ценовно прифатливо за сите граѓани и економски субјекти. Зголемување на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови енергетски инфраструктурни проекти од страна на државата преку ЕСМ, базирани на обновливи извори на енергија, но и преку моделот на јавно приватно партнерство и Законот за стратешки инвестициони проекти е вистинскиот пат кон обезбедување на енергетската независност“, наведено е во програмата.
Ковачевски открива дека ТЕЦ Неготино ќе биде дел од ЕСМ и во најкус рок ќе биде трансформиран и прилагоден да работи на природен гас.
„Во овој мандат на Владата, ќе започне отворање на рудникот Живојно, со цел обезбедување на домашни количини на јаглен за стабилно производство на електрична енергија во РЕК Битола на среден рок. ЕСМ ќе ја спроведе третата фаза од ревитализацијата и модернизацијата на големите хидроелектрани“, наведува мандатарот.
Марихуаната како лек, бесплатен интернет
Како што се наведува во програмата, Владата ќе ги интензивира политиките и активностите за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки од канабисот.
„Преку измена и дополнување на законодавството, ќе се бараат решенија за да се дозволи освен лекари од јавното, и лекари од приватното здравство да можат да препишуваат препарати од канабис и да се дозволи можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да одгледува и користи канабис во форма која согласно неговата здравствена состојба најмногу му одговара. Покрај ова, ќе се работи на формирање Агенција за канабис – ново специјализирано државно тело кое би го регулирало и би вршело надзор над одгледувањето на канабис за лична употреба“, се вели во програмата.
Владата, како што ветува Ковачевски, ќе обезбеди субвенции за туристички цели на руралните домаќинства, поддршка на активен туризам, субвенции за дигитализација на туристичкиот сектор, како и поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи.
„Ќе се овозможи користење на бесплатен државен интернет (wi-fi) што ќе води до промотивна страна на општина, на реон, на влез во држава, на стојалишта и бензински пумпи. Ќе започне реконструкција на постоечките планинарски домови и изградба на нови со дефинирање на модел за управување и инвестирање во нив и трасирање и промовирање на официјални планинарски патеки.
Во делот од програмата насловен „Младите во фокусот“, Ковачевски најавува дека државата ќе ги покрие придонесите за секое вработено лице до 29 години кое ќе се вработи за првпат, а ќе следи и дополнителен стимул за секој месец, за секој нововработен.
„За сите кои не се подготвени за работа бидејќи сѐ уште не развиле вештини, државата ќе го покрие трошокот на фирмите за да обезбедат знаења и вештини преку пракса. Ќе се овозможи поврат на персонален данок на доход за сите нововработени млади под 30 години, со што средствата ќе се враќаат назад директно на нивната сметка“, се вели во програмата.
Меѓународен мониторинг
Во делот на владеењето на правото, Владата, како што се најавува мандатарот, ќе продолжи со мерките за обезбедување фер и непристрасно судење, поради што во тек е мониторинг на случаи на висока корупција, во рамките на заедничкиот мониторинг проект на ЕУ/ОБСЕ, каде што ќе се следат 50 случаи на висока корупција во период од 4 години, од кои повеќе од 20 на високо ниво.
„Случаите на корупција се веќе идентификувани. Владата ќе се обрати до Европската комисија со барање да се обезбеди тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународен мониторинг на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било извршено политичко влијание, како што се: ’Монструм‘, ’Алфа‘, ’Диво Насеље‘, ’Малиот Алмир‘. Поточно, станува збор за случаите чиј мониторинг беше договорен во текот на преговорите на досегашниот премиер Зоран Заев со лидерот на Алтернатива Африм Гаши, за проширување на парламентарното мнозинство“, се вели во програмата на Ковачевски.
Во владината програма е наведено и дека важен приоритет ќе бидат евроинтеграциите на земјава, како и имплементацијата на проектот „Отворен Балкан“.
Предлог-програмата е доставена до Собранието, а собранискиот спикер Талат Џафери за в сабота во 11 часот ја закажа седницата со единствена точка на дневниот ред – избор на нова влада.
Собраниската расправа за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден или во случајов во недела до полноќ. Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.